Веќе е досадно да слушаме како требало да излезете на референдумот на 30 септември, зашто во спротивно, ќе се сметало дека граѓаните не донеле одлука, па потоа тоа ќе го направеле институциите. Дури Зоран Заев понуди и оставка, само ако излезете на референдумот, а тој се покаже неуспешен.

Всушност, се работи за бесрамна пропаганда со која се обидуваат да ве излажат и како мали деца на кои им се ветува лижавче, да ги натераат противниците на договорот со Грција да излезат на гласање, за ете, ако победат, да го држат Заев за збор и тој да си поднел оставка.

Станува збор за една од поодвратните манипулации на оваа власт. Имено, ако институциите можеа да донесат одлука, тие тоа досега ќе го направеа. Не можат, зашто се блокирани – од една страна поради потписот на Иванов, од друга – поради тоа што на Заев и неговите странски ментори им требаат уште неколкумина пратеници за да стигнат до бројот од 80 гласови кои им се потребни за смена на Уставот. А во овој момент ги немаат. Затоа и отидоа на референдум. Да можеа Заевите институции да донесат одлука, зар мислите ќе си играа играчки со референдуми и слични нешта? Како што, впрочем, тоа беше случај со договорот со Бугарија, кој помина мазно, како Катерина Вит од нејзините најдобри денови на мразот.

Во секој случај, откако беа принудени да одат на референдум, идејата им беше дека ќе успеат да направат некој мајмунлак со полнење на кутииите (и затоа прво се силеа дека референдумот ќе бил задолжителен). Но, за да го направат тоа, потребна им е барем некаква пристојна излезност од 700-800 илјади гласачи, па потоа бандите на Заев и Али Ахмети да ја завршат работата со фалсификатот од уште стотина илјади гласови, а странците сето тоа да го аминуваат.

Но, колапсот на онаа фамозна прослава, скриените од јавноста анкети, потоа фактот што комуњарите за уши ги влечеа оние луѓе за да ги одвлечкаат на Пелинце за да манифестираат посетеност, покажаа дека и до тие 700-800 илјади гласачи тешко се стигнува и дека т.н. движење „Бојкотирам“ засега има дебела, дебела предност. И затоа сега Заев нуди оставка, само ако вие излезете да гласате. Еве бидете против, ама излезете. За потоа тие да ги наполнат кутиите со „за“.

Тоа е политичкиот дел од прашањето. Правниот исто така е на ваша страна. Имено, според нашиот Устав и Изборен законик, како и според Законот за референдум, никој од вас нема обврска да гласа, ниту на избори, ниту на референдум.

Со тоа што, кај изборите, ако не излезете на гласање, за вас одлука ќе донесат тие што гласале. Нивниот глас се брои, вашиот не (освен што може да има некакво влијание кај пропорционалниот систем, но тоа  е небитно за овие редови), така што и со вас и без вас, пратеник, односно пратеници ќе бидат избрани.

За разлика од тоа, кај референдумот не е така, односно работите стојат поинаку. Имено, тука, и доколку не излезете на гласаање, вашиот недаден глас има влијание. Зошто? Затоа што Уставот на РМ, за референдумот има две опции – тој да успее и тој да не успее.

За да успее потребно е исполнување на два услови кои на мноштвото од вас ви се познати: да се исполни бараниот цензус и мнозинството од тие што гласале да бидат „за“ (освен во варијантата за членство во ЕУ, каде се бара мнозинство не од тие што гласале, туку од вкупниот број запишаните избирачи, замка која комуњарите и нивните т.н. експерти сами ја наместија, па сега ќе мора да ја игнорираат).

Ако двата успови, цензус и потребен број потврдни гласови, бидат исполнети, референдумот успеал. И тогаш, граѓаните донеле позитивна одлука. Во спротивно, ако предлогот не добие потребна излезност и потребно мнозинство потврдни гласови, референдумот не успеал,  и тоа е вашата негативна одлука во однос на прашањето.

Во овој случај,ако нема исполнет цензус тоа би значело дека граѓаните донеле одлука да не го поддржат грчкиот договор и тука приказната завршува. Нема друга филозофија.

Значи, вашето неизлегување на референдумот исто така значи дека сте донеле одлука и дека не сте го прифатиле предлогот на власта, односно  тоа е исто како да сте излегле и да сте гласале против. Впрочем, токму така беше и во 2004 година кога Прада ве повикуваше да останете дома зашто некои прашања не заслужуваат одговор. Тогаш, иницијаторите на референдумот не го собраа доволниот број гласови и никој не рече дека граѓаните не донеле одлука, туку напротив, дека донеле одлука да не гласаат за укинување на Законот за територијална поделба со кој Кичево и Струга се претворија во албански градови, а Скопје се федерализираше.

Исто е и сега. Колку и да ве лажат разно разни шарлатани, вие имате уставно и законски загрантирани два начини да ја искажете својата одлука. Едниот е да излезете на гласање и да гласате „за“ или „против“, а вториот начин е да останете дома. Во вториот случај, вашето неизлегување на гласање едноставно и неформално  влегува во корпусот на гласови „против“. Тврдењето дека при бојкот не сте донеле одлука, е мизерна, недостојна за пристоен ум лага.

Но, самиот факт што толку запнале со неверојатно детски финти, од една страна, и со закани, од друга страна, да ве извлечат на гласање, јасно упатува на нивната паника и на нивната подготвеност да го фалсификуваат гласањето. За да го сторат тоа, им треба барем некаква гужва на гласачките места. Во спротивно, не дека ќе се воздржат, ама ќе биде многу очигледно.

Така што, нека си покрадат уште малку. И нека поделат уште некој грант за иновација. А ваше е дали до референдумот ќе дозволите да ве излажат со вакви финти (и со тие што допрва ќе ги измислат) или не.