Владејачката коалиција е пред целосен колапс што е резултат на сериозни грешки во справувањето со пожарите во источна Атика каде загинаа 88 лица.

Според последните две анкети спроведени по трагичните настани, Сириза за прв пат по 2012 година е со поддршка помала од 15 проценти. Весникот Параполитика кој се повикува на резултатите од анкетата, објавува дека Сириза во местата кои беа погодени со катастрофалните пожари има поддршката дури и помала од 12 проценти. На пример во источна Атика има поддршка од само 9 проценти.

Но, Сириза тоне и во други региони, особено во северна Грција, а во некои префектури во Македонија владејачката партија е под 10 проценти. Во Кукуш партијата на Сириза има само 8 проценти поддршка.

Во истиот географски регион катастрофа му се случува и на Панос Каменос, коалицискиот партнер на Ципрас и на неговите Независни Грци (АНЕЛ), каде тој не може да собере поддршка ни од еден процент.

За разлика од Атика, во северна Грција најголемо влијание има договорот за името постигнат меѓу премиерите Заев и Ципрас.