Главната онвинителка за организиран криминал Вилма Русковска со драматичен апел за помош од домашните институции, странските амбасади и европската обвинителка Ковеси да реагираат поради присоци од директорот на Финансиската полиција, објави порталот Експрес.
Шефицата на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска ги повика амбасадите на помош од, како што вели, притисоците на директорот на Финансовата полиција Арафат Муареми, а кој е владин функционер и е нејзин подреден. Повикот на Русковска дојде по брифингот со селективно одбрани новинари на Муареми, додека во Финансовата полиција обвинители од организиран криминал се обидуваат да дојдат до отворени, но незавршени истраги, а во кој брифинг тој ги информирал новинарите дека ќе им поднесе и кривични пријави на обвинителките кои влегле да му вршат претрес.
Претходно Муареми најави дека ќе поднесе кривична против Русковска затоа што според него претресот нарачан од Русковска бил тенденциозен
– Јас како обвинител со стаж повеке од 34 години, во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постапувањето да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ги градела. Честа, угледот, поштењето, ги имам научено од мала возраст од моите родители кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија. Татко ми беше потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум. Мајка ми партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на Сремскиот фронт, го почнува Русковска обраќањето до јавноста и до амбасадите.
Таа ги повика пред сè домашните институции да реагираат за притисоците лично кон неа и кон Обвинителството за гонење организиран криминал. Обвини дека во државата има криминал, но има притисоци тој да не се гони.
– Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите мегународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти – кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Исто така, ја замолувам и Европската обвинителка Лаура Ковеси, ако е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зеќири и овој најновиот, за Муареми, апелира Русковска.
Таа ѝ се обраќа посебно на Владата.
– Згрозувачки е овој притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата Арафат Муареми, како и мешањето во предмет на ОЈО ГОКК кое е стриктно забрането, согласно Законот за јавно обвинителство. Ако Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР преку медиумите, вистината мора да излезе на виделина!- бара Русковска.
Потоа, вели дека сака да праша – како тоа се напаѓаат клучните обвинители кои ги водеа случаите против Катица Јанева, Ременски, Рашковски и Зеќири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери?
– Токму поради овој атак и притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК треба и меѓународните институции како и амбасадите на САД на ЕУ сериозно да преземат мерки, затоа што ова најмалку доликува на земја-членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ каде владеењето на правото е императив! Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија, во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери, за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта, вели Русковска.
Таа вели дека сака да ги сподели веднаш наодите од почнатата предистрага кај Муареми.
– Во периодот што следува сум подготвена со јавноста да ги споделам информациите кои ОЈО ГОКК ги има и ќе ги обезбеди за лицето за кое се проверува постапувањето Арафат Муареми (сè уште директор на Финансова полиција), па јавноста нека суди кој е криминалец, а кој се бори против криминалот, вели шефицата на ОЈО за гонење организиран криминал.
Русковска завршува со „никогаш нема две вистини, има само една“.
На 18 јули, Обвинителството за организиран криминал и корупција влезе во Управата за финансиска полиција, кај директорот Арафат Муареми во предистражна постапка, а Русковска рече дека наредбата ја дала по пријава на група граѓани против директорот.
На 25 јули директорот Муареми ја пријави Русковска кај државниот обвинител Љубомир Јовески. На 28 јули Муареми побара од Судскиот совет разрешување на одговорност на судијата на претходна постапка Седат Реџепагиќ, кој ја дал наредбата за претрес на Финансова полиција на барање на Русковска.
На 1 август, државниот обвинител Јовески по пријавата на Муареми соопшти дека утврдил оти Русковска дала наредба за незаконски претрес во Финансиска полиција, давајќи му претходно погрешни информации на судијата на претходна постапка за да ја обезбеди наредбата.
На тоа Русковска кажа дека ни државниот Јавниот обвинител Јовески, ниту вишите јавни обвинители имаат прaво да се мешаат во работата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.