Во чест на илјада годишнината од основање на познатото македонско древно светилишти, Бигорскиот Манастир, во убавиот амбиент на големата приемна сала на манастирот, беше промовирана книгата „Вековитиот Светилник“ на професор доктор Вера Стојчевска – Антиќ.
– Бигорското Светилиште беше сведок на уште едно радосно собитие. Прекрасната долгогодишна соработка на бигорскиот старец и игумен, Епископ Партениј и на неговите монаси со во светски рамки познатиот славист и драг пријател на манастирот, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, беше запечатена со една топла и за присутните гости душеполезна промоција на нејзината најнова книга, наречена „Вековит Светилник“, вели сестра Ефимија.
Додава дека книгата, што по Божја промисла, е издадена токму оваа година, кога Бигорската Обител го слави своето илјадалетие и е посветена на големиот јубилеј, била инспирирана токму од личноста на владиката Партениј.
– Авторката на еден вдахновен начин го следи неговиот неуморен подвиг во духовното градење на Светилиштето, низ примерите на монашкото секојдневие, кои и самата имала прилика да ги доживее во бројните посети на манастирот, како и личните искази на браќата и сестрите, нагласува сестрата.
Во своето излагање на промоцијата, јеромонахот Кирил, ја искажа својата благодарност до професорката за честа да напише рецензија за книгата и да се потсети на навистина прекрасни спомени од својот и од животот на постарите браќа.
– Во вашите раце држите една не толку обемна по број на страници, но несразмерно голема по содржина и дух книга, којашто стана нераскинлив дел од една илјадалетна историја. Впрочем, на тоаупатува и самото нејзино наименование – „Вековит Светилник“. Во краткиот наслов, призвук на две необјасниви пространства: вечноста и светлината. И двете целесообразни со содржината што ја возглавуваат, еден мал извадок од животното секојдневие на Бигорскиот Манастир, посветен на чесниот Претеча, Свети Јован Крстител, рече јеромонах Кирил.
Посочи дека на овој велик јубилеј се додава и еден друг исто така многу значаен јубилеј.
– Се додава и еден друг, со не помало значење јубилеј, 25-годишнината од почетокот на севкупната обнова на Бигорски, со доаѓањето на сегашниот старец и игумен, Неговото Богољубие, Епископот Антаниски г. Партениј, под чие премудро раководство и духовно татковство, манастирот го живее своето воскресение, препородување, надоградување, облагородување, го достигнува својот најдалечен полет кон Троичното општежитие. И неслучајно, главниот нагласок во овие пишани страници, возљубената професорка го става на личноста на, според неа „Бигорската икона“, Старец Партениј, на кого и му посветува песна со тој наслов, додаде тој и пред присутните ја прочита песната.
Има едно дрво со вишни гранки, со корен врвнат во планински камен. Има еден камен вдлабнат во корен-и корен и камен во едно цело. Каменот впивал од искони искри, искри од оган, светлина и сонце, свежест од вода истечна и бистра, од избран извор од свети води, од стапалки на светци наши, невидливи дарби под sвезди бројни, на небо ниско над свето место, со шепот на ноќта и светулки мноштво, манастир граден од нитки дарби и прибран навек во чудесна тајна…
Книгата претставува исклучително писмено сведоштво за манастирскиот живот во 2010/11 година, дотолку повеќе што авторката Антиќ подолг период престојувала во Бигорскиот Манастир и имала можност да се соживее со монасите, со верниците и посетители.
Тоа му дава дополнителна вредност и длабочина на целото дело. Освен со мемоарски моменти, трудот изобилува и со бројни разговори со личности, извадоци од други дела, описни белешки, како и лични писанија на членовите на Бигорското братство и на сестринството од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица.
– Сето тоа го прави „Вековитиот Светилник“ еден литерарен споменик не само за монашкото општежитие во Бигорски и Рајчица, ами и за манастирскиот православен етос воопшто. Овој писмен споменик, украсен со слаткоречивиот наративен дискурс на професорката Стојчевска – Антиќ и со благородното вдахновение на нејзините размисли, изобилува и со мошне интересни фактографски податоци и привлечни лични истории, раководени од Божјата семудра промисла.Сето ова го предизвикува моето скромно мислење, та од сето срце да им го препорачам ова четиво на сите благонамерни и желни за дух читатели, порача јеромонах Кирил.
Авторката со присутните ги сподели мотивите за раѓањето на оваа книга-силната врска која отсекогаш ја поврзувала со ова Светилиште, но „особено восхитот и духовните придобивки од драгоценото пријателство со Епископ Партениј и браќата“.
– Навистина сум многу почестена од овој прекрасен собир, од тоа што сега се наоѓам меѓу вас. За мене е големо достоинството што токму овде, во Бигорскиот Манастир, се промовира мојата книга „Вековит Светилник“, инспирирана и посветена на воскресителот на ова илјадагодишно светилиште, мојот духовен татко, Епископот г. Партениј, во чие време манастирот живее еден возвишен нагорен живот, којшто верувам дека и понатаму ќе трае, рече меѓу другото Антиќ.
Посебна благодарност до авторката искажа епископ Партениј.
– Посебна благодарност до ценетата професорка Вера Антиќ за нејзината докажана љубов и пожртвуваност кон Бигорското милениумско светилиште, кои се јасно присутни низ страниците на оваа книга, насловена со еден мошне импресивен наслов: Вековит Светилник, рече меѓу другото епископ Партениј.
Ова е последователна, во низата активности, во чест на големиот јубилеј на манастирот. Изминатата недела во манастирот беше одржана научната конференција „По патеките на Дичо Зограф“, македонски иконописец, претставник на дебарската школа. Тој е еден од најпознатите иконо и фреско-сликари на Балканот во 19-век.