Состојбата на здравствениот систем, капацитетите на згрижување пациенти, големиот број слободни болнички кревети, нискиот број заразени здравствени работници, бројот на слободни респираторни машини, познатите кластери, што го потврди оваа интензивна активност, во изминатите неколку денови од анализа на контактите и сите други индикатори, укажуваат дека точно знаеме што се случува и имаме капацитет да се справиме и со овој бран на болеста, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Според него, има суштинска работа меѓу првиот и овој бран. Тогаш, посочи, не знаевме што може да очекуваме, не знаевме колку може да се прошири вирусот, имаше многу непознати и за самиот вирус не знаевме колку може да го оптовари здравствениот систем.

– Сега имаме друга состојба, имаме веќе знаење, ресурси, сериозно надграден здравствен систем и во однос на капацитети за сместување, и во однос на медицинска опрема и во однос на знаење на здравствените работници. Тоа е задачата на системот да биде организиран и подготвен, односно да сме сигурни дека можеме да се носиме и со овој бран, рече Филипче.

Тој апелираше до сите граѓани да ги почитуваат мерките на лична заштита, протоколите на движење, држење дистанца и ги повика надлежните тоа да го контролираат и да го санкционираат таму каде има прекршување, бидејќи, како што појасни, тоа е единствениот начин да се заштитиме и да го спречиме ширењето на вирусот.