Власта и медиумите блиски до неа продолжуваат со „розовата слика“ дека „вакцинацијата во нашата земја тече без проблеми“ со вакцините кои ќе стигнат „ако не овој петок другата среда, ако не оваа недела, на крајот од другиот месец“. А досега во Македонија се пристигнати две пакетчиња вакцини, подарени од Србија и 3.000 од руската вакцина.
Во Македонија досега пристигнаа осум илјади вакцини Фајзер и три илјади Спутник V, со првите се вакцинираат и ревакцинираат здравствените работници, а вакцинирањето за повозрасните со вторите почна во средата во поликлиниката „Јане Сандански“. Властите најавуваат дека кон крајот на месецот ќе пристигнат поголеми количини, а во меѓувреме завчера на меѓународниот аеродром во Албанија пристигнаа 38 400 вакцини од Астра Зенека, преку Ковакс механизмот, преку кој и Македонија очекува вакцини.
-Вакцинацијата за просветните работници започнува утре. Уште 60.000 дози ќе пристигнат во април. Идејата е да се направи интензивна вакцинација. Подготвени сме, од утре, да организираме, заедно со Косово, да им дадеме можност на лекарите и медицинските сестри од ковид болниците, почнувајќи од болницата во Приштина. Ги чекаме братски во Кукс, каде ќе ги примат вакцините, изјави завчера албанскиот премиер Еди Рама.
Претседателот Стево Пендаровски во интервју за ТВ 21 во четвртокот излезе со став дека Ковакс механизмот потфрлил. Нагласи дека тоа веројатно е поради тоа што Ковакс механизмот е гломазен и затоа што има околу 180 земји партиципиенти.
-Со европскиот солидарен фонд се случи истата работа. Во овој момент, да не се сфати како оправдување за нашите власти, не постои европска држава во моментов, ниту една членка на Европската Унија, каде што граѓаните се доминантно задоволни од тоа како тече процесот на вакцинација, истакна Пендаровски.
Тој појасни дека има три начини да се дојде до вакцини – Ковакс механизам, кој е глобален, практично во позадина е Светската здравствена организација, која ги собира сите апликанти, Европската Унија преку таканаречениот солидарен фонд и третиот начин е билатерално, директно како држава да комуницираш со производителите или дистрибутерите.
Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека државава има нарачано околу два милиони и 350 илјади вакцини и оти се очекува од крајот на месецов да почнат да пристигнуваат поголеми количини.
Во однос на вакцинацијата во земјава, директорката на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, Милена Стевановиќ во интервју за МИА рече дека е добро организирано и засега тече без проблеми.
– Засега нема пријавено некои поголеми несакани ефекти од двете вакцини. Имало алергиски реакции, но навремено и соодветно се реагирало. Вакцинацијата е добро организирана и засега тече без проблеми, но со примањето на вакцината не значи дека граѓанинот е веднаш заштитен. Секоја вакцина е различна и оние што ги имаме моментално и оние кои се очекуваат, потребен е различен временски период за да се стекне имунитетот, нагласи Стевановиќ, апелирајќи до секој што ќе прими вакцина да продолжи да ги почитува мерките.
Таа наведе дека сме сведоци на известувања од целиот свет каде што е почнат процесот на вакцинација дека има голем број на луѓе кои после давањето на првата вакцина пројавиле симптоми и биле позитивни. Тоа, како што образложи Стевановиќ, само значи дека не се дочувале во периодот по вакцинирањето и не ги применувале мерките.
Набавката на вакцините повторно предмет на препукување меѓу власта и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ го обвини Министерството за здравство за нерегуларности при набавката на вакцините од Кина.
Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДМНЕ вчера излезе со тврдење дека Министерството за здравство на сметка на Стабри Интернешенал, фантом фирма од Хонг Хонг уплатило 12.5 милиони евра за 200.000 вакцини. Додаде дека тоа го потврдува документ издаден од Дојче банк на 25 јануари 2021 година, кој требал да послужи за склучување на договор со Синофарм за купување на 200.000 вакцини за потребите на Македонија го потврдува тоа.
-Од каде и на фирма со тројца вработени 12.5 милиони долари и дали овие пари, се парите кои македонската влада на Заев и Филипче ги уплатила како аванс за набавка на вакцини?! Ова е доказ дека Заев и Филипче плаќаат 62.5 долари за една вакцина. Податоците кои ги објавуваат медиумите е дека една вакцина на Синофарм чини најмногу до 32 долари, истакна Лефков.
Од Министерството за здравство изглегоа со реакција, во која категорично ги демантираат и осудуваат пласирањата на лажните документи што опозицијата и медиуми блиски до неа ги прикажуваат дека се составен дел од процесот за набавка на вакцини против Ковид -19.
-ВМРО ДПМНЕ свесно сака политички да профитира по цена да се наруши договорот за набавка на вакцини и по цена на здравјето на граѓаните. На помош на опозициската партија се и некои медиуми кои единствено од за нив разбирливи причини објавија таканаречен документ, кој е лажен, на ниту еден начин не е поврзан со процесот за набавка на вакцини, како што сакаат да и прикажат на јавноста, нагласија од МЗ.
Во соопштението се додава дека во во тој нивни „доказ“ се спомнува сума која е лажна иако сакаат да ја прикажат како цена за купување на вакцини.
-Партијата ВМРО-ДПМНЕ и медиуми блиски до нив сакаат да одржат во живот афера која не постои, сакаат да пласираат во јавноста криминал кој не постои, сакаат да спречат Владата и Министерството за здравство да купат вакцини против Ковид -19. И ВМРО ДПМНЕ и медиуми блиски до нив многу добро знаат дека процесите за набавка на вакцини се доверливи, посебно цените на вакцините тоа е глобална политика на сите производители, но и покрај тоа свесно се обидуваат преку лажни информации да наведат дека, од една доверлива постапка излегуваат податоци и документи во јавност. Уште еднаш Министерството за здравство демантира дека документот и сумата наведена во истиот се поврзани со набавка на вакцини, потенцираме дека станува збор за лажен податок, пишува во соопштението.