Во земјава вчера пристигнаа 100.620 дози вакцини „Фајзер“ што Владата ги набави преку Ковакс механизмот. Министерот за здравство Венко Филипче, кој за ова информираше на својот фејсбук профил, најави дека вакцинацијата во текот на следните денови ќе се одвива со забрзано темпо и ќе бидат вакцинирани сите пријавени граѓани.
– Доколку се уште не сте се пријавиле преку веб страницата, апелирам да го направите тоа што поскоро, како би добиле термин во најбрз временски рок, напишува Филипче на Фејсбук.
Тој вчера во изјава за медиумите најави дека од понеделник до 15 јули ќе бидат вакцинирани сите граѓани кои се пријавиле за вакцинација.
Соопшти дека пристигнуваат вакцини за 300.000 граѓани и има сосема доволен број. Ќе се вакцинираат и наставниците и вработените во образовните институции. Откако ќе се вакцинираат оние што се пријавени, пунктовите ќе останат отворени за вакцинација на граѓаните.
-Списокот е ревидиран, што значи без разлика кога се пријавиле граѓаните, почнувајќи од понеделник сите ќе добијат термин во период од две недели. Од понеделник во следните две недели ќе бидат вакцинирани и најмладите пријавени, но предност ќе имаат постарите, истакна министерот, додавајќи дека се подготвува системот и за теренска вакцинација кој ќе почне на 15 јули.
Филипче нагласи дека засега нема да биде задолжително вакцинирањето.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 289.305 граѓани. Преку веб-платформата vakcinacija.mk , досега се пријавиле 460.702 граѓани за вакцинирање, информираа од Министерството за здравство.
Во државата, вкупно се аплицирани 501.506 дози вакцини, а ревакцинирани се 212.201 граѓани.
Со последните бројки, 51 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45 проценти над 65 години се вакцинирани со барем една доза вакцина и 38 отсто од жителите над 60 години примиле барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Директорот на Институтот за јавно здравје Шабан Мемети вчера оцени дека бројот на заболени се намалува што оди во прилог на почитување на мерките на граѓаните. Забележано е и намалување на бројот на починати.
За стабилизација на состојбата со ковид, говорат и вчерашните бројки. Вчера беа регистрирани девет нови случаи на инфицирани со коронавирусот од 3239 тестирања. Починаа три лица, а како оздравени се пријавени 13 пациенти.
Со донација од САД, зголемен е и капацитетот на лабораторијата на Институтот за јавно здравје која станува регионален центар во кој на соодветен начин ќе се детектираат секаков тип патогени предизвикувачи на каква било болест, а со тоа земјава станува целосно подготвена да менаџира каква било криза која во иднина евентуално може да се појави кај нас и во регионот. Како единствена во регионот, експертите од нашата лабораторија ќе ги обучуваат експертите од БиХ, Албанија и Косово. Опремата е во вредност од над 570 илјади американски долари.
Американската амбасадорка Кејт Брнз, која вчера заедно со министерот за здравство Филипче го означи почетокот на работа на надградбата на лабораторијата, истакна дека овој проект е започнат уште во 2018 година пред ковид-пандемијата и претставува инвестиција во здрaвствената безбедност.
-Една од работите што ја научивме од пандемијата е дека можеме да ги победиме глобалните предизвици само со заеднички напор, со инвестирање во лекарите, во научниците. Како и во САД и тука вашите лекари и научници беа предводници на тој пат, рече Брнз, изразувајќи задоволство што проектот ќе има и регионално значење.
Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети истакна дека со оваа донација ги издигнуваат микробиолошките капацитети и дека ќе се работи нешто што досега не е правено во државата.
– Со ова ја издинавме нејзината подготвеност за справување со биолошките закани од повисок степен во земјава, рече Шабани.
Податоците од светската ковид-статистика говорат дека досега во светот се заразиле 181 милион лица, починале 3,9 милиони, а оздравеле 165 милиони луѓе.
Новиот делта сој на вирусот, натера неколку држави повторно да преземат мерки за заштита. Носењето заштитни маски на јавни места во затворен простор од вчера повторно е задолжително во Израел.
Одлуката е донесена откако во државата е регистрирано зголемување на бројот на лица заразени со новиот коронавирус, иако повеќе од половина Израелци веќе примиле две дози на вакцина против Ковид-19.
Поради ширење на индискиот сој, центарот на Сиднеј и некои од предградијата од вчера влегуваат во еднонеделен строг карантин, додека властите се борат да го задржат под контрола новиот бран на многу заразната делта мутација на коронавирусот.
– На луѓето кои живеат или кои поради работа престојувале во четири делови од Сиднеј во последните две недели, им е наложено да останат дома, освен поради итни причини, изјави премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклиан.
Таа објасни дека на граѓаните им е дозволено да ги напуштат своите домови само поради основни работи или образование, медицински причини, снабдување со намирници или вежбање на отворено.
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан вчера предупреди дека позаразениот сој Делта на коронавирусот ќе стане доминантен во Германија во текот на летото.
– Сојот Делта ќе биде доминантен во текот на летото, и во прашање се недели, а не месеци, изјави Шпан на прес-конференција.
Шпан додаде дека овој сој моментално сочинува повеќе од 15 проценти од случаите на заразени со коронавирус во Германија и дека неговото ширење ќе зависи од тоа колку луѓе се вакцинирани, како и од зачестеноста на инфекциите.
Светската здравствена организација предвидува дека најранливата популација кога станува збор за коронавирусот, како што се постарите лица, ќе треба да прими дополнителна доза на вакцина секоја година за да добијат заштита од сите соеви, се вели во внатрешен документ во кој имале увид западни агенции.
Што се однесува до општата популација, се проценува дека ќе треба дополнителна доза на секои две години.
Таа проценка е вклучена во извештајот што треба да се дискутира на состанокот на Глобалната алијанса за вакцини (ГАВИ), што управува со програмата на СЗО, Ковакс.
Не е наведено како е донесен тој заклучок, но според основното сценарио, нови варијанти на вирусот ќе продолжат да се појавуваат и вакцините ќе треба редовно да се унапредуваат.
Светската Асоцијација за вакцини (ГАВИ) вчера потврди дека обезбедила 775 милиони долари за финансирање на испораките на вакцини против Ковид-19 во земјите со ниски примања кои исполнуваат услови за поддршка во текот на следните две години.
Во соопштението по дводневниот состанок на Комитетот ГАВИ во Женева, е најавено дека поставената цел, која вклучува испорака на 1,8 милијарди дози вакцини во државите со пониски примања, ќе се постигне во првиот квартал на 2022 година.
Механизмот Ковакс, управуван од ГАВИ, заедно со Светската здравствена организација, од февруари досега испорача 90 милиони дози вакцини во 132 земји.
Русија вчера соопшти дека во оптек ја пушта својата четврта вакцина против Ковид-19, „Спутник лајт“, што ќе се дава во единечна доза, објави весникот „Комерсант“.
„Спутник лајт“ ја користи само првата доза од водечката руска вакцина „Спутник В“, која во период од 21 ден по првата доза, имунолошкиот систем го засилува со втора доза.
Во светот се уште се истражува потеклото на вирусот.
Првите случаи на Ковид-19 веројатно се појавиле во Кина меѓу почетокот на октомври и средината на ноември 2019 година, тврдат британски научници во новите проекции кои сугерираат дека коронавирусот се проширил низ целиот свет многу побрзо отколку што се сметаше порано.
Првиот случај на зараза веројатно е откриен на 17 ноември, напишаа истражувачите во анализата објавена во научното списание „ПЛОС Патогени“.
Официјално првиот случај на Ковид-19 беше регистриран на почетокот на декември 2019 година во кинескиот град Вухан, но научниците долго време веруваа дека коронавирусот се проширил и претходно.
Истиот став го делат и научниците од Светската здравствена организација (СЗО), кои го испитуваа потеклото на вирусот на почетокот на годината.
Аналитичарите на податоци, предводени од Дејвид Робертс од британскиот Универзитет во Кент, го пресметаа евентуалниот период кога патогенот можел да премине од животни на луѓе, врз основа на информациите за првите потврдени случаи во Кина и во странство.
Коронавирусот се проширил низ целиот свет уште во јануари 2020. Калкулациите покажуваат дека првата инфекција надвор од Кина била на 3 јануари во Јапонија.
Во Европа, според нив, првиот случај на зараза бил откриен во Шпанија околу 12 јануари, а во САД околу 16 јануари 2020 година.