Сиднеј воведе двонеделен карантин поради ширењето на индискиот сој на корона вирусот. Здравствените власти  регистрираа 80 случаи на индиската мутација  во изминатите денови,  по што ги вратија рестрикциите во најголемиот австралиски град.

Првично мерките беа воведени за повеќе од милион луѓе во централните и источните делови но денеска властите ги проширија на целиот град и околните области. Се верува дека вирусот се проширил од познатата плажа Бонди.  Ова е прв карантин и прво значајно ширење на коронавирусот во Сиднеј од декември.

Премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклијан, изјавила дека граѓаните низ Сиднеј со околните области на Сините планини, Централниот брег и Волонгонг ќе мора да останат во своите домови до 9 јули, област со околу 5 милиони жители.

„Кога станува збор за заразна варијанта како делта, тридневното затворање не значи ништо – ако го спроведеме тоа , ајде да го сториме како што треба“, рече таа.

„Треба да се подготвиме за што поголем број случаи во наредните денови“, предупредила Береџиклиан.