Новите рестриктивни мерки, кои почнуваат од 16 август, а кои предвидуваат во угостителски објекти да влегуваат само лица со примена барем една доза вакцина, ја забрзаа вакцинацијата. Министерството за здравство информира дека интересот за имунизација е значително зголемен и поради тоа од денеска се отвораат четири нови пунктови за вакцинација: во поликлиниките Бит Пазар, Драчево, Ченто и Ѓорче Петров.
Според информациите од Министерството, 32 отсто од полнолетното население на територијата на целата држава е веќе имунизирано со барем една доза на вакцина.
Завчера биле вакцинирани 17.679 граѓани, а прва доза примиле 8.030.
Заклучно со завчера, вакцина примиле вкупно 543 597 граѓани, ревакцинирани се 439 048, односно аплицирани се 982.645 дози.
Министерството информира дека според последните бројки, барем една доза вакцина досега примиле 66 проценти од населението над 70 години, 63 проценти над 65 години, 59 отсто од луѓето што се повозрасни од 60 години и 48 отсто од луѓето над 50 години.
Граѓаните може да се вакцинираат без закажан термин на вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава.
– Вакцините штитат од тежок тек на болеста и од смртен исход од вирусот. Само со масовно вакцинирање на населението може да ги спречиме натамошните мутации на овој вирус и затоа, повикуваме на вклучување кон процесот на имунизација на сите граѓани, порачуваат од Министерството за здравство.
Од МЗ напоменуваат дека вакцини има доволно, во сите пунктови се надополнуваат подеднакво потрошените количини.
– На располагање се околу 400.000 дози вкупно од сите производители од кои 200.000 за прва доза. За прва доза имаме 80.000 Синовак, 50.000 Астра Зенека и 70.000 Фајзер. Секоја недела пристигнуваат по околу 20.000-30.000 на Фајзер и оваа пратка ќе продолжи да пристигнува и во следните недели до крајот на годината, велат од Министерството за здравство.
Најголем опфат со прва вакцина има во Гевгелија 51 процент и Кавадарци 50.3 отсто, каде половина од населението е веќе вакцинирано. Потоа следи Охрид со 48.1 отсто, а од 40 до 48 отсто вакцинирани има во Неготино, Битола, Ресен, Берово, Пехчево, Штип и Валандово.
Помеѓу 30-40 отсто со вакцинација со барем една доза во градовите Демир Хисар, Велес, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Прилеп, Крушево, Скопје и Пробиштип. Помеѓу 20-30 проценти има во градовите Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струга, Македонски Брод, Струмица, Тетово и Радовиш, а 19.9 отсто опфат во Гостивар.
Покрај зголемување на бројот на имунизирани, расте бројот и на новозаразени со коронавирусот. Во рок од месец дена, бројот на активни случаи од 130 се искачи на 2.581. Ако пред неколку дена во 13 градови немаше Ковид-19, сега само шест града се останати без ниту еден случај. По број на заразени сè уште водат Скопје со 832 и Тетово со 662 случаи.
Вчера беа регистрирани нови 518 случаи на Ковид-19 од направени 5.809 тестирања, четири лица починати и 31 оздравен пациент.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 158 681, на оздравени пациенти е 150 587, на починати е 5 513, а бројот на активни случаи изнесува 2 581.
Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 832 активни случаи, во Тетово 662. По нив следи Гостивар, каде има 294 активни случаи. Гостивар е и градот со најмалку вакцинирани, само 20 проценти примиле прва доза на вакцина. По Гостивар, со најголем број заразени следи Куманово – 180, потоа Кичево со 115, Струмица – 72, Битола – 69, Дебар – 54, Струга – 56, Охрид – 51. Во другите градови има под 50 активни случаи, а во шест града, Неготино, Богданци, Крушево, Демир Хисар, Кратово и Дојран, нема ниту еден заразен со коронавирусот.
Поради зголемената потреба за хоспитализација на лица заболени од Ковид-19, од денеска со работа почнува модуларната болница во Куманово. Засега 16 пациенти се лекуваат на инфективното одделение во општата болница.
Светската статистика говори дека досега со коронавирусот се заразиле околу 205 милиони луѓе, починале над 4,3 милиони, а оздравеле речиси 184 милиони лица.
Вчера од Израел пристигна веста дека стапката на тешка форма на Ковид-19 во Израел, и покрај ширењето на позаразната делта варијанта на коронавирусот, е шестпати поголема кај постарите луѓе кои не се вакцинирани отколку кај вакцинираните на иста возраст.
Како и во другите земји каде што е регистрирана делта варијантата и во Израел забележан е пад на ефикасноста на вакцината. Министерството за здравство на почетокот на јули објави дека ефикасноста на вакцината во спречувањето на инфекцијата е 64 отсто, додека претходно била околу 90 отсто.
Меѓутоа, клучниот параметар е сериозната форма на болеста, а експертите велат дека постои причина за оптимизам, бидејќи статистиките покажуваат дека и покрај високата стапка на зараза на делта варијантата, вакцината сепак спречува тешки заболувања, вели професорот Надав Кац, статистичар за коронавирус на Хебрејскиот универзитет.
По речиси четири месеци, вчера во Грција беа регистрирани над 4.000 новозаразени, односно вкупно 4.181 случај, починаа 19 лица, а 219 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници.
Десетдневна изолација во хотелите-карантин предвидено е за туристите во Грција, доколку бидат тестирани и добијат позитивен резултат, согласно новите, ажурирани упатства на Националната организација за јавно здравје на Грција во однос на карантинот на позитивни случаи и нивните блиски контакти, јави дописничката на МИА од Атина.
Поконкретно, доколку посетителот е позитивен и не е потребна хоспитализација, тогаш се сместува во некој од хотелите-карантин.
Во Албанија досега вакцинирани речиси 58 отсто од планираните 2,2 милиони, бројот на заразени расте. Во Албанија, од 11 ноември минатата година, кога почна процесот на вакцинација, до вчера вакцинани се 1.270.057 лица што е 57,7 отсто од планираните 2,2 милиони.
Информацијата на социјалните мрежи ја објави премиерот Еди Рама по пристигнувањето на новата пратка од 45.630 вакцини на компанијата Фајзер.
Во меѓувреме епидемиолошката состојба во земјата се влошува. Просечно дневно се регистрираат по над 120 нови случаи, повеќето од нив со делта сојот.
Ако месец јули беше заокружен со 425 активни случаи сега тој број е над 1.200.
Во Србија, пак, вчера беа регистрирани 792, а во Косово 562 новозаразени од коронавирусот.