Денес почина доајенот на македонската ликовна уметност Илија Аџиевски на 97 годишна возраст, соопшти неговото семејство, објави потралот Ехо.

Илија Аџиевски е роден во Струга во 1926 година. Академија за ликовна уметност завршил во Загреб во 1954 година, во класата на професорот Франо Кршиниќ.

Бил учесник во НОБ (1942). Автор е на Споменикот на паднатите борци во Струмица (1959), Мавзолејот на паднатите борци во Кратово (1962), Споменикот на братството и револуцијата во Дебар (1989), во Неготино и др.

Имал повеќе самостојни изложби: Струга (1965), Битола (1966), Велес (1967), Скопје, (1991, 1994 и 2001) и Париз (1997). Ниш, Белград, Тузла, Загреб, Подгорица, Софија, а учествувал на над сто групни изложби. Добитник е на значајни национални и меѓународни награди.

Неговите скулптури имаат реалистички и експресионистички обележја. Посебно значајни се скулптурите-портрети на неговите современици Петре М. Андреевски, Георги Божиков, Борко Лазески, Тодор Николовски, Анте Поповски, Петре Прличко, Димитар Солев, Глигор Чемерски и други познати македонски современици.

Илија Аџиевски спаѓа во редот на најзначајните современи македонски вајари

Погребот е закажан за среда на 25.10.2023 година во 14.00 часот, на градските гробишта во Струга.