По долго и тешко боледување, на 85 години во Скопје почина актерката Таска Балабанова, со чиј глас израснаа многу генерации слушатели на Радио Скопје, денес Македонско радио.

Балабанова е родена во Велес. Како актерка, кариерата ја започнала во некогашниот Младинско- куклен театар, од кој во 1965 е формиран Драмскиот театар. Балабанова потоа заминала во Радио Скопје, каде до пензионирањето работеше како радио актер и го позајмуваше својот глас во бројни радио драми, во „Веселата емисија“, „ Лирското интермецо“, култната серија „Хихирику“.

Незаборавна е нејзината интерпретација на ликот Олива во цртаната серија „Попај морнарот“, како и надсинхронизациите во серијата Штрумфови.

Како што објави ТВ Телма, играше стамени жени и дами во филмовите и тв сериите: „Средба“, „ Едно лето“, Илинден, „Време на летала“, „ Трето доба“, „Мугра“, „ Македонски народни приказни“ и „ Време – живот“.

Балабанова објави интерпретации на приказни за деца, а ги снимаше и првите реклами во 1950-те години.