Со камења, дрва и разни предмети, насобраната група во неутралната зона на граничниот премин меѓу Грција и Турција, но од турска страна, ја нападнала грчката полиција, која одговорила со солзавец и шок бомби, за мигрантите и бегалците да се повлечат. Во инцидентот е повреден еден полицаец, јави дописничката на МИА од Атина.
Во обидот на грчката полиција да спречи нов влез на бегалци и мигранти на грчка територија, од камен фрлен од другата страна полесно е повреден полицаец во пределот на лицето и бил пренесен во болница каде што му била пружена прва помош.
Според грчките медиуми, полицијата употребила и цистерна со топови вода за растерување на насобраните групи, а од фрлените предмети на грчка страна, оштетени се две возила на војската.