Британскиот весник „Индепендент“ повикувајќи се на неименуван извор објави дека Албанија, која е членка на НАТО, случајно на интернет објавила чувствителни информации за своите најистакнати разузнавачи.
Според истиот извор, објавени биле имињата на оперативците, какви автомобили возат, која е нивната оперативна улога, каде се патувале, како и нивните и секојдневни навики, поради што Албанија потенцијално би можела да сноси последици за тоа.
Податоците за нивните плати и расходи, според весникот, се објавуваат на веб-страницата на албанското Министерство за финансии и откриваат детали поврзани со приходите на разузнавачката служба, вклучувајќи ги и локациите на офицерите на терен, плаќањата во готово, па дури и каде одат за лекарски или стоматолошки услуги.
– Во извештајот се наведуваат и имињата и броевите на документи за идентификација на агентите на тајната служба, познати како ШИШ, кои работат во Албанија, но и надвор од неа, вклучувајќи и двајца кои имаат „чувствителни позиции“ во седиштето на НАТО во Брисел. Открени се имиња на најмалку осум истакнати албански оперативци, ангажирани во Белгија, Грција, Италија, Македонија, како и во Косово и Србија, наведува весникот.
Во написот се наведува дека претставниците на ШИШ ја препознале чувствителноста на овие податоци.
Официјален претставник на ШИШ изјавил дека принципот е „се што работи Агенцијата треба да биде тајна и оти треба да се почитуваат сите правила и прописи“.
Експертите од областа на безбедноста и разузнавањето изјавија дека биле затечени со случајот, кој оперативците може да ги стави во чувствителна положба, да бидат изложени на надзор или да бидат уценувани од „непријателски разузнавачки организации или криминалци кои сакаат да се инфилтрираат во западната Алијанса“.
– Влегувајќи во системот на Албанија, тие можат да влезат и во системот на НАТО, оцени еден од опозициските пратеници во албанскиот Парламент, Џемал Ѓункши, кој е член на Комисијата за национална безбедност и поранешен Началник на Генерал штабот на албанската армија, по чин генерал-мајор.
Поранешен оперативец на ЦИА, кој добро ја познава работата на ШИШ, овој случај го опишува како „бирократска катастрофа поради која може да бидат загрозени животи“.
НАТО се уште не го коментирал инцидентот.