Индија во последните месеци прераспределила најмалку 50.000 дополнителни војници долж границата со Кина, со цел да ја зајакне својата позиција во регионот, јави ТАСС, повикувајќи се на индиските медиуми.
Медиумите јавуваат дека индиското Министерство за одбрана распоредило војници и единици на военото воздухопловство во три погранични области. Во моментов, на границата со Кина се концентирани вкупно околу 200.000 индиски војници, што е за 40 отсто повеќе од минатата година, наведуваат индиските медиуми.
Кина неодамна испрати дополнителни воени сили на располагање на воената команда во Синџијанг, која е одговорна за патролирање во спорните области долж границата со Индија, во подножјето на Хималаите.
Кина гради бункери и писти во пограничните области, велат изворите, иако се уште нема официјални коментари на оваа информација.