Специјалниот пратеник на државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Метју Палмер, кој престојува денеска во Косово, попладнево се сретна со претседателот на државата Хашим Тачи во неговиот кабинет, јави дописникот на МИА од Приштина.

По средбата зад затворени врати ниту Тачи ниту Палмер не дадоа изјави за медиумите, а нема ниту информации за текот и содржината на разговорите од Кабинетот на косовскиот претседател или од Амбасадата на САД.

Претходно, во просториите на американското дипломатско претставништво во Приштина, Палмер оствари средби со лидерите на најголемите политички партии, освен со Албин Курти, чија партија, Движење Самоопределување (ВВ) победи на вонредните парламентарни избори. ВВ претходно објави дека Курти, кој се очекува да го добие мандатот за состав на новата влада, се наоѓа надвор од земјата, во посета која е претходно испланирана, но не прецизира во која држава отпатувал.

Одделни средби со американскиот дипломат во Амбасадата на САД, пред тој да се сретне со Тачи, имаа премиерот во оставка и лидер на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа и доскорешниот претседател на косовското Собрание, лидерот на Демокртаската партија на Косово (ПДК), Кадри Весели.

Амбасадата на САД во Приштина претходно објави дека Палмер попладнево ќе има обраќање во Националната библиотека на Косово пред студенти и претставници на невладиниот сектор.

– Заменик-помошникот државен секретар на САД, воедно специјален пратеник на државниот секретар за Западен Балкан, Метју Палмер ќе се обрати на публика составена од студенти и претставници на граѓанското општество. По обраќањето, тој ќе одговара на прашања од таа публика. Настанот е закажан за во 15 часот, в петок, се наведува во соопштението од Американската амбасада.
Американскиот дипломат престојува во Косово по вчерашната еднодневна официјална посета на Северна Македонија.