Во Собранието на Република Македонија попладнево продолжи расправата по интерпелацијата за министерот за надворешни работи Никола Димитров поднесена од страна на опозицијата.
За расправата се пријавени уште 10-тина пратениците.
Опозицијата поднесе интерпелација за шефот на македонската дипломатија, обвинувајќи го дека ја извршува функцијата несовесно, нестручно и спротивно на македонските интереси. Го обвинуваат за потпишаните договори со Бугарија и Грција со кои, според нив, се загрозуваат македонските интереси. Во своите говори, пратениците од опозицијата побараа и предвремени парламентарни избори.
Во репликите на опозицијата, Димитров истакна дека секогаш и служел на каузата за Македонија и оти прави се што мисли дека е добро за државата и народот. Им порача на пратениците од опозицијата дека партијата не е народот.
– Вие треба секое утро тоа да го повторувате – државата не е партијата, Македонија не е партијата. Ние ќе Ве чекаме во 21 век, ќе бидеме трпеливи, ќе дадеме се од себе и од Вас да направиме пријатели. А избори, кога сакате, да видиме дали народот сака да живее во 21 век, или во 19 век, истакна Димитров.
Согласно Деловникот за работа, до полноќ треба да заврши расправата и да се гласа по поднесената интерпелација, а пратениците до 20 часот имаат пауза.