Сирија од 2013 година не поседува хемиско оружје, тврди сирискиот претседател Башар ел Асад. И додава дека обвинувањата дека сириската војска користи такво оружје е „изговор за интервенција од други земји“.
– Целосно го уништивме хемиското оружје. Сирија не го поседува од 2013 година, вели Асад во интервјуто за ТВ НТВ, нагласувајќи дека „приказната за хемиското оружје е изговор за директна воена интервенција и напади на сириската војска“.
Асад вели дека „бајките за хемиското оружје“ се измислени кога терористите, кои ги контролираше Западот, беа поразени во некои сириски региони.
– Овие провокации немаат никаква врска со реалноста. Тоа е резултат на нивната фантазија и медиумските лаги, и тоа што го измислуваат нивните медиуми го шират низ светот преку интернет и други медиуми. Затоа е невозможно да се спречи таа провокација, Американците константно лажат и веднаш напаѓаат, вели Асад.
Како што истакна, „кога не се почитуваат меѓународните прописи, кога нема ефикасни институции на ООН, не можете да говорите за спречување на провокации и светот живее според законот на џунглата“.
Асад наведува дека Сиријците сами ќе ја обноват земјата по завршувањето на војната.
– И покрај војната која се уште трае, имаме доволно средства да ја обновиме Сирија и сигурни сме во тоа, додава сирискиот претседател.
Во интервјуто Асад истакна дека се уште не донел одлука за тоа дали ќе се кандидира за нов претседателски мандат на изборите во 2021 година, нагласувајќи дека тоа зависи од волјата на сирискиот народ.
– Има два фактора: првиот е мојата желба, а таа произлегува од вториот вактор – волјата на сирискиот народ, нагласи Асад.
Тој потсети дека до следните избори има уште три години.
– Дали дотогаш сирискиот народ ќе биде подготвен да прифати иста личност, ист претседател или не? Ако прифаќа, ќе размислам за тоа, но сега е рано да се каже, рече сирискиот претседател Асад.