Љупчо ЦВЕТАНОВСКИ

Она што денес се случува на релација Скопје – Софија е веќе видено. Според Хегел, сите факти и ликови во светската историја се случуваат двапати. Но по зборовите на Маркс, тој заборави да додаде: Првиот пат како трагедија, вториот пат како фарса. Тоа што денес се случува е фарса. За апсурдноста и бесмисленоста на бугарските пишувања и негирања пишувале многумина, одамна, уште Мисирков, Конески, академици, уметници, научници, дејци, мислители, политичари. За тоа нема да зборувам денеска, вели претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во интервјуто со Љупчо Цветаноски во емисијата „Што не е јасно“.

ЦВЕТАНОВСКИ: Периодов, Македонија е целосно преокупирана од случувањата на надворешен план, бугарското вето и навредливите предлози за наводно надминување на нечии проблеми. Кој е Вашиот став, што Вие мислите за оспорувањето на македонскиот јазик и идентитет?

КОЦАРЕВ: Поединци, граѓани и политичари во денешна Македонија имаат прво на самоопределување – да се идентификуваат со некоја националност. Тие можат да сметаат дека пред 1945 година, некои жители на (Пиринска, Егејска и Вардарска) Македонија зборуваат бугарски јазик, а потоа, по 1945 година, македонски јазик – тоа е нивно право. На пример, некои македонски политичари, можат да зборуваат за „бугарското“ минато на „македонскиот народ“, да пишуваат дека македонскиот национален идентитет, по моделот на Софија, е „српски“ сурогат на „вистинскиот“ бугарски идентитет на македонските Словени, или да зборуваат дека „ние сме биле еден народ, но сега веќе не сме. Сега сме два различни народа, со два различни јазика кои влегуваат во една заедничка перспектива во Европската Унија“. Тоа е нивно право. Но поддржете го моето право и правото на илјадници други граѓани во Пиринска, Егејска, и Вардарска Македонија да не се сложуваме со вас.

Меѓутоа, државната политика за македонскиот јазик треба да се води исклучиво од науката. Таа е должна да ги почитува сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, современата светска славистика, современата светска историска наука, и меѓународното право, според коишто македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години).

Уште еднаш би сакал да потенцирам: исказот јас сум Македонец и зборувам македонски јазик е личен, мој исказ. Од друга страна, исказот македонскиот јазик има просторен и временски континуитет е тврдење на современата светска славистика. Во тоа е клучната разлика.

Мисирков прашува: „Шчо напраивме и шчо треба да праиме ние за однапред“? Што се однесува до првиот дел од прашањето, што направивме, допрва треба да се направи детална научна анализа на стапиците што ги носат и Спогодбата од Преспа и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Во однос на вториот дел од прашањето, однадвор никој не може да го смени нашиот македонски идентитет и да го одземе просторниот и временски континуитет на македонскиот јазик („идентитетот не се наследува со гените“ и „јазикот не може да се одземе“). Но, однатре, хм. Одговорноста, на сите, но најмногу на (дел од) македонските политичари, произлегува од државноста. Во последниот дел од „Политиката како вокација“, Вебер се враќа на описот на политичарот, кој, според него, треба да балансира меѓу „етиката на убедување“ и „етиката на одговорност“. За идните генерации, тоа денес најмногу ни треба.

“Рика во мене маката дека сум роден во смачкано племе”. За жал, никој не избира кога и каде ќе се роди. Но, од друга страна, за среќа, тоа, не не ослободува од одговорноста.

ЦВЕТАНОВСКИ: Среде сите овие негации, кои создаваат голем револт среде македонското општество, што мислите за негираното творење на македонскиот јазик, за творештвото на таканаречените „мали народи“?

КОЦАРЕВ: Историјата на македонската култура, македонското творештво од 9. век до денешни дни, изобилува со ѕвездени мигови, мигови „кои трајно светлат и ја осветлуваат темната ноќ на минатото.“ Во ѕвездените мигови на македонската култура и уметност видно место заземат, ќе наведам само неколку примери, фреските во катедралната црква Св. Софија Охридска и во Св. Климент (Богородица Перивлептос) во Охрид, како и во црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново и црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане,  македонските икони  од различните временски раздобја, откритието на Николај Окунеф (1928) на старите фрески во манастирот Св. Пантелејмон во Нерези и дебатата каде всушност почнала европската ренесанса: во Италија, со Џото во XIV. век, или два века порано во Македонија, некаде околу 1164 година во Нерези, со овдешниот непознат ингениозен зограф, кој ги живописал фреските на ѕидовите на манастирот Св. Пантелејмон, особено „Оплакувањето“.

Народ кој во историјата, заради објективни причини, не ги развил сите општествени димензии и кој не можел да делува како слободен политички субјект го наоѓа подрачјето на својата индивидуална афирмација при создавање културни димензии на својот живот. За ѕвездени мигови од историјата на македонската култура од 9.век до денешни дни, кои органски се слеаја во темелите на МАНУ, Георги Старделов пишува:

„На тоа обвинение Константин-Кирил Филозоф одговорил смирено и премудро на убав поетски и на длабоко философски начин, а реторички во прашална форма: „Не врне ли дожд од Бога еднакво врз сите? А сонцето не грее ли исто за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви? Кажете ми дали Бога го сметате толку бессилен што да не може да го даде тоа, или толку завидлив што да нејќе?“

Делез и Гатари на својата брилијантна студија за Кафка, насловена „Кафка“ (1975) и’ го дадоа поднасловот „Кон малата книжевност.“ Тие пишуваат:

„Една книжевност не е мала затоа што настанува на мал јазик… Националната свест, особено ако е неизвесна и угнетена, нужно се ослонува на книжевноста…. Во малите книжевности, заради тесниот простор, секоја ситуација моментално се врзува за книжевноста… Во малите книжевности, таа теснотија поправо станува благодат и овозможува да се размислува поинаку од книжевноста кај поголемите народи, тоа што авторот го пишува, сочинува заедничка акција… Книжевноста има позитивна улога и задача на колективното, па дури и револуционерност на изразот. Токму книжевноста е производ на активната солидарност.“

Ѕвездените мигови на литературата создадена на современ литературен македонски јазик, од 1945. година до денес, се мигови што се надлични, надисториски и единствени во својата незаменливост.  За нив, Блаже Конески ќе рече (во неговиот последен прозен текст):

„Современата македонска поезија има постигнато забележливи резултати имено во еден таков контакт. Притоа не треба да се губи од предвид дека и компонентата што ја именуваме како локална традиција не е ограничена само на дадена етничка група и нејзиниот јазик, ами претставува сложена структура, создадена во една многу поширока културна сфера, во која тој народ и неговиот јазик биле со векови инкорпорирани. Тој процес и тие резултати не можеа досега да бидат спречени од балканските циници, планери на геноцид. Имено, постигањата на македонската литература во повеќе жанрови за последниве педесет години се најдобар показ за тоа дека ние не сме имале зошто да чекаме. Сега тие имаат можност, барем да срушат нешто вредно.“

Блаже Конески почина во декември 1993 година. Би сакал, декември 2020 година, 27 години подоцна, да не се остварат желбите на планерите за геноцид. “Ништо не лекува / само не слекува до основната болка“.

ЦВЕТАНОВСКИ: Колку ова што ни се случува „дома“, во Македонија, е поврзано со глобалните текови? Каква е геополитичката карта на светот во моментов? 

КОЦАРЕВ: Геополитичката слика на светот по Втората светска војна е исцртана, обликувана од руско-американските и кинеско-американските односи. Идната мапа, од друга страна, барем во наредните неколку децении, ќе биде детерминирана главно од американско-кинеските односи.

Односите на САД и Кина во период по Втората светска војна до денес се карактеризираат од целосно негирање (период до 1972 година), преку соживот и постепено отворање на Кина (период од 1972 до 1978 година), до, последната фаза, целосно економско отворање (период од 1978 година до денес).

Во периодот по 1978. година, двете држави (молчеливо) се договорија за меѓусебна поврзаност: САД понуди знаење и технологија (заради задоволување на потребите на неговиот бизнис), додека Кина, за возврат, понуди евтина работна сила.  Меѓутоа, оваа поврзаност не беше само економска, за САД тоа преставуваше обид, со промени, да ја ограничи политичката моќ на Кина. Од друга страна, за Кина тоа значеше можност за глобална пенетрација.

Оваа симбиоза доведе до енормен економски подем на Кина.  Паралелно со јакнењето на економската моќ на Кина, а особено по 2010. година, аналитичари, научници, политичари, и новинари почнаа да пишуваат за плановите Кина во следните 30 години да стане најголемата светска суперсила. Тоа доведе, според многумина до појава на студена војна меѓу САД и Кина. Таа војна, сепак, има иманентно различен карактер од студената воја меѓу Соединетите Држави и Советскиот Сојуз. Односот меѓу Советскиот Сојуз и САД беше многу поразличен (две потполно одделни економии) од американско-кинескиот односот денес (две целосно испреплетени економии).

Каква ќе биде геополитичката мапа на светот по пандемијата? Одговорот на ова прашање бара детална анализа на различни сценарија. Едно од можните сценарија вклучува интензивирање на ривалитетот меѓу САД и Кина. Со други зборови, пандемијата ќе ги зголеми трендовите што постоеја со години во нивната борба за економска доминација, ќе ги интензивира дезинформациите, невистините, и теориите на заговор меѓу двете држави во битка за влијанието во меѓународното јавно мислење но и како средство за остварување на економската доминација, и ќе ја помести глобалната рамнотежа на моќ од Запад кон Исток. Уште повеќе, постои ризик дека Кина и САД сè почесто ќе ја користат својата моќ врз трети страни, до тој степен што неутралниот став ќе стане економски забранет.

Постепено раздвојување на глобалната економија, прво, ќе ги забави економските движење и процеси,  но долгорочно, неговото влијание ќе биде значајно и ќе предизвика: пренасочување на синџирите на снабдување, одложување, во некои земји, на имплементацијата на 5Г технологијата, и значителни политички тензии. Тоа значи, меѓу другото, постепен, но траен, пораст на економскиот национализам и намалување на трговијата. Постои ризик дека, дури и отворените економии, ќе донесат економски политики во спротивност со глобализацијата, на пример, блокирање на извозот за да спречат, во случаи на идни кризи и повторно затварање на границите, појавување на недостаток и/или залихи на средства.

ЦВЕТАНОВСКИ: Според ова, каде е местото на Македонија во глобалниот геополитички пејзаж?  Со кои се предизвиците, реално, се соочува Македонија? 

КОЦАРЕВ: Некои предизвици сами се наметуваат: тоа се теми поврзани со идентификување и анализирање на клучните трендови и политики, со кои веројатно ќе бидат соочени Светот и Европа во наредните 10 години, со посебен осврт на Македонија, при што анализата треба да се прави на повеќе нивоа вклучувајќи глобално и регионално ниво. Поконкретно, анализата на влијанијата на факторите: промените на распределбата на моќта, предизвиците во глобалното владеење,  промените на економските модели, (промените во структурата на општествата, спротивставените демографски мотиви, и растечките еколошки предизвици, врз иднината на Македонија, е особено важна. Меѓусебно поврзаната и зависна природа на националните, европските и глобалните работи, постави, посебно кај помалите држави, нови предизвици во донесување на политики и одлуки, стратешкото предвидување и антиципирање во владеењето нужно потребни за соочување со иднината. Кај нас има потреба за анализа на повеќе алтернативни можни стратешки сценарија за идниот развој на Македонија, во кои, не нужно, ЕУ треба да биде дел од сите нив.

На геополитичката мапа на светот во наредните неколку децении ќе доминираат 4 сили, освен веќе споменатите САД и Кина, не треба да се заборават ниту ЕУ и Русија. Пандемијата покажа дека на светот му недостасува лидерство и брзо се движи кон состојба без лидерство. Во исто време, иако понижена заради политиките на нејзиниот претседател, САД, многу веројатно, ќе продолжи да игра водечка улога во свет, најмногу заради тоа што ги поседува овие карактеристики: економска моќ (остварена, меѓу другото и со неверојатната динамичност), поврзувачка моќ (постоењето на многубројни сојузи, политички пријатели) и, без разлика на намалениот американскиот престиж, мека моќ (soft power). Токму овие три атрибути на моќта (економска, поврзувачка, и мека), ќе продолжат да го компензираат растечкото влијание на Кина во светот и ООН, особено СЗО.  Во секој случај, она што најмногу му треба да светот е лидерство, и тоа, по можност, балансирано лидерство меѓу големите светки велесили.

Од друга страна, пандемијата Ковид-19 го наметна прашањата: Како да се менаџираат кризи? Како да се справиме со растечките предизвици на одржливиот развој и климатските промени? Какви треба да бидат одговорните лица, тие што го водат општеството напред и носат одлуки? Одговорот на овие прашања бара холистички, сеопфатен пристап, за што подетално ќе зборувам на друго место. Веројатно, она со што треба најпрво да почнеме се промени во образованието и пристапот спрема науката и уметноста. Кога станува збор за образованието, образованието треба да обезбеди динамичка рамнотежа меѓу математиката, природните, техничките и биомедицински науки од една страна, и општествените и хуманистичките науки, и уметноста, вклучувајќи ги етиката и моралните вредностите, од друга страна. Каде оди светот и балансот на моќта во многу ќе зависи и од капацитетот на земјите за развој на вештачката интелигенција и квантните компјутери, технологии со двојна употреба, кои речиси сигурно ќе влијаат на идниот геополитички пејзаж. Можеби Македонија, со мудра научна политика, може, барем кога станува збор за науката, да се престрои и почне да вложува во научен и технолошки развој, на пример, на вештачката интелигенција.

ЦВЕТАНОВСКИ: Дали според сето ова што ни се случува, соодветно и на актуелните општествено-политички констелации, би оцениле дека Македонија е демократско општество? 

КОЦАРЕВ: Индексот за демократија на списанието Економист дава слика на состојбата на демократијата ширум светот во 165 независни држави и две територии. Индексот на демократијата се заснова на пет категории: изборниот процес и плурализамот; функционирањето на владата; политичкото учество; политичката култура; и граѓанските слободи. Врз основа на низа индикатори во овие категории, секоја земја потоа се класифицира како една од четирите типа на режим: „целосна демократија“, „дефектна/погрешна демократија“, „хибриден режим“ или „авторитарен режим“. Бројките за 2019 година се овие: бројот на „целосни демократии“ изнесува 22,  бројот на „погрешни демократии“ 54,  37 држави се класифицирани како „хибридни режими“, додека 54 се „авторитарни режими“. Интересно, во 2019 година просечната глобална оценка за демократијата изнесуваше 5,44 (на скала од 0 до 10), што е најлошата просечна глобална оценка на индексот од 2006 година, од кога првпат почна да се пресметува. Демократијата, во светски рамки се намалува.

Македонија се наоѓа во групата хибридни режими. Во однос на петте категории, еве ги бројките за Македонија (на скала од 0 до 10): изборен процес и плурализам 7.00; функционирањето на владата 5.36; политичко учество 6.67; политичка култура 3.75; и граѓанските слободи 7.06.

Филозофите и мислителите (од дамнина до денешни дни) укажуваат на аргументи во корист и против демократијата. Деталниот опис на овие аргументи ќе го оставам за друго време, тука, накусо, ќе спомнеме некои од нив. Според некои мислители, демократијата има предност затоа што ги принудува носителите на одлуки да ги земаат предвид интересите, правата и мислењата на повеќето луѓе во општеството. Од друга страна, некои мислители објаснуваат дека во демократските општества, демократскиот процес на одлучување има тенденција да ја истакне важноста на изборната победа за сметка на стручноста што е неопходна за правилно управување со општеството.

Други укажуваат дека граѓаните не само што не се информирани за политиките, туку, дури тие се честопати апатични, што остава простор, посебни интересни групи да го контролираат однесувањето на политичарите и да ја користат државата за свои ограничени цели.

Во Македонија, политичките партии наместо да промовираат демократски стремежи и процеси, со начинот на кој ја практикуваат власта, го освоија просторот надвор од својата претпоставена сфера и го заробија општеството однатре (заробена држава). Тие ги заменија другите институции и воспоставија своја логика на функционирање, придонесувајќи, на овој начин, за целосна партизација на општеството. За да политичките партии, кои, без сомнение, заземаат централно место во модерните демократски општества, се афирмираат како промотори на демократските процеси, нужни се неколку промени.

Прво, неопходна е демократизација внатре, во самите политички партии. Партии со крајно авторитативна внатрешна структура и хиерархија не можат да промовираат демократија во општеството ниту кога се во опозиција, а уште помалку кога ќе дојдат на власт. Второ, од партиите се бара примена на универзалните стандарди на „добро владеење“, формулирани во меѓународните конвенции што се однесуваат на злоупотребата на власта, криминалот и корупцијата. Трето, неопходно треба да се подобри уставната и законската рамка што го регулира организирањето и дејствувањето на партиите.

ЦВЕТАНОВСКИ: Сведоци сме на редица непринципелности на нашиот пат кон ЕУ. Прво беше Грција, сега и Бугарија со нови „самоделни“ услови, повторно надвор од т.н. „рамка“ за преговори. Гледано после се’, кој е вашиот став – дали во ЕУ и уште поважно, дали по цена на националното достоинство, историја, нација, јазик?

КОЦАРЕВ: Создавањето на ЕУ беше несомнено важен настан: ЕУ претставува движечка сила на политичките процеси на демократизација и владеење на правото, но и на коренити промени во сфаќањето на историјата и образованието, промени кои немаат за цел да ја променат само сликата за соседите, ами, преку критичка опсервација, и онаа за сопствениот народ и историја. За жал, многу од овие работи се повеќе мит, отколку стварност.

Од друга страна, ЕУ е во криза.  Веќе подолго време, за што пишуваат повеќе аналитичари, ЕУ се наоѓа во повеќедимензионална криза која се манифестира на различни нивоа: внатрешна и надворешна, економска, политичка и социјална. Некои од причините се: Пандемијата на ковид-19, бегалците и мигрантите кои преку Средоземното Море бараат дом во ЕУ, немирите и војните во блиските региони, нарушувајќи ги односите со Русија, тешкотии и сиромаштија во Јужна Европа благодарение на кризата во еврозоната, и ширењето на евроскептицизмот (делумно инициран со напуштањето на ЕУ од страна на Велика Британија).

За многу економисти, последните три децении покажаа дека неолиберализмот, којшто ја поддржува дерегулацијата, слободната трговија и приватизацијата, претставува неуспех. Можеби политичките, а не економските кризи претставуваат вистинска рефлексија на опасното влијание на неолиберализмот. Определени квалитативни карактеристики на овој пристап, овозможуваат непречено функционирање на оваа доктрина во насока на влошување на кризата, а тоа пак, резултира со длабоки социјално-политички последици, кои, генерално, поттикнуваат популизам. Ако веќе не постои сомнеж дека неолиберализмот не успеа, прашањата коишто логично се наметнуваат се: Што е она што следува? Каде одиме? Кои се новите приоритети?

Првиот приоритет, сигурно, е враќањето на рамнотежата меѓу пазарите, државата и граѓанското општество. Вториот приоритет е признанието дека „богатството на народите“ настанува како последица на научните откритија и социјалната организација коишто им овозможуваат на луѓето да работат заеднички кон општо добро. Третиот приоритет се однесува на намалувањето на моќта на економијата и нејзиното влијание врз политиката, односно врз процесот на одлучување.

Дали во ЕУ? Да, но достоинствено и не по секоја цена. Од друга страна, МАНУ и други институции  во Македонија треба што поскоро да направат анализа на повеќе алтернативни можни стратешки сценарија за идниот развој на Македонија, во кои, не нужно, ЕУ треба да биде дел од сите нив.

Времето не дозволува, па затоа ќе спомнам само два факта (се разбира, има многу повеќе) за коишто не треба ниту да се помисли да се преговара за влез во ЕУ, факти кои се подржани од современата светска славистика и светска историографија.  Прво, македонскиот јазик има повеќе вековна традиција, формиран е многу пред формирањето на државата Македонија, и се зборува надвор од границите на денешна Македонија. Второ, државата Бугарија, која во периодот од април 1941 година до септември 1944 година била сојузник на Третиот Рајх (дел од нацистичко-фашистичката оска),  е окупатор на територијата на денешна Македонија на која најголемиот дел од населението, на денот на окупацијата од Бугарија, се чувствувале како Македонци. Не треба да се премолчи дека, по септември 1944 година, Бугарија била дел, во период од осум месеци, од антифашистичката коалиција, но, не треба да се премолчат ни нивните окупаторски години, од 1941 до 1944 година. Никогаш и од никој.

ЦВЕТАНОВСКИ: Подолг период, да бидеме реални, иако од помалку необјасниви причини, дел од медиумите делумно го игнорираат МАНУ и Вашата институционална отворена поддршка на националните вредности во справувањето со бугарските наводи. Вие излегувате, давате став и поддршка која минува без некој посериозен третман од мејнстрим медиумите, иако сте институција која треба да биде и е еден од стожерите. Затоа, да ги потсетиме гледачите, што вели Промеморијата за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ што МАНУ ја усвои на 15 ноември 2020 година?

КОЦАРЕВ: Земајќи предвид дека (1) процесот на формирањето на македонскиот народ и македонската нација не е ништо поразличен од другите балкански народи и нации; тој процес не е, и не може да биде последица на административен акт; (2) создавањето на македонската држава е резултат на долготрајната борба на македонскиот народ и другите етнички заедници, преточена во антифашистичката војна и поставена врз антифашистички начела; и (3)  Декларацијата на МАНУ за македонскиот јазик од 5 декември 2019 година, би сакал уште еднаш во оваа емисија да укажам на главните заклучоци од Промеморијата на МАНУ од 15 ноември 2020 година. Тие заклучоци се:

Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите ги поддржува напорите на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ, залагајќи се, притоа, за почитување на:

  1. Меѓународните повелби и конвенции од коишто произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен, јазичен и номинален идентитет;
  2. Резултатите од легитимните пописи на населението изведени во неколку наврати во некогашната Федеративна Република Југославија (1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991) и во Република Македонија (1994, 2002), кога Македонците по своја слободна волја се изјасниле за припадници на посебен етнички и национален ентитет;
  3. Резултатите од двата референдума, во 1991 и во 2018 година, кои ја озаконија свеста и волјата на македонските граѓани и на македонскиот народ и го легитимираа нивното неприкосновено право на самоопределување и самоименување;
  4. Достоинството на македонскиот народ,
  5. Сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, современата светска славистика и лингвистика, современата светска историска наука, и меѓународното право, според коишто:
    1. македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години);
    2. македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе-вековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор.

 

ЦВЕТАНОВСКИ: Вие сте научник, навлезен во повеќе полиња, но честопати пишувате токму за и околу македонскиот јазик. Зошто токму македонскиот јазик е честа преокупација за еден научник како вас, кого по „правило“ треба повеќе да го интересираат техничките науки, од каде оваа љубов кон јазикот и тематиката поврзана со него?

КОЦАРЕВ: Мојата љубов кон македонскиот јазик произлезе од два стремежи. Првиот е научен. Според многу лингвисти, од сите балкански јазици, македонскиот има најголем број балкански меѓујазични  контакти: со српскиот, бугарскиот, грчкиот, албанскиот, турскиот, ароманскиот, мегленороманскиот, ромскиот, и, во еден период, со ладинскиот (џудезмо) јазик. Територијата на денешна Македонија (државата во која живееме) се наоѓала во подолг период под римското и византиското влијание, а најдолг период била дел од Отоманската империја. Тоа предизвикало, јазиците на оваа територија да стапуваат во меѓусебни интеракции, да се адаптираат едни на други, и да еволуираат со цел: Поедноставна и поразбирлива комуникација не само во рамките на својот јазик, туку и во рамките на пошироката Балканска јазична заедница (Balkan Sprachbund). Веќе подолго време, со користење на методите од теоријата на адаптивни комплексни динамички системи се обидувам да ја разберам Балканската јазична заедница.

Вториот стремеж е општествен: Да придонесам, барем малку, во градењето на државна политика за македонскиот јазик, која што треба да се заснова исклучиво врз сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, современата светска славистика, современата светска историска наука, и меѓународното право.

Ќе го објаснам ова малку подетално. За посебноста на македонскиот јазик и неговата повеќе вековна историја пишувале многумина, академици, писатели, научници, лингвисти. Докази за тоа и за диференцијацијата на македонскиот и бугарскиот јазик може да се најдат на веб страната на МАНУ. По зборовите на Виктор Фридман, член на МАНУ и повеќе балкански академии и човек што знае повеќе од 20 јазици,  “македонскиот и бугарскиот јазик се деца на истиот јужнословенски родител, како што се норвешкиот и шведскиот јазик деца на истиот северногермански родител.”

Во една прекрасна книга со наслов „Неподносливата леснотија на постоењето“, Кундера зборува, преку анализа на спротивностите меѓу леснотијата и тежината, за човековото постоење, т.е. испитува „што е човечкиот живот во стапицата во која се претворил светот“. Загрижен сум за леснотијата со која, во некои случаи, не секогаш, се пристапува во толкувањето на рамковната позиција на Република Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација  на Македонија и Албанија. Еве делови од документот објавен на веб страната на Владата на Република Бугарија.

Дел од текстот за Македонија: “Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република С. Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешна југословенска република по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ / изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. „македонски јазик“, одвоен од бугарскиот.”

Дел од текстот за Албанија: “Очекуваме усвојување на подзаконски акти за спроведување на законот за малцинства, очекувајќи максимално да бидат загарантирани правата на бугарското национално малцинство, вклучително и изучувањето, без административни бариери, на литературниот бугарски како мајчин јазик во региони традиционално населени од нив, како што е Голо Брдо, Гора, Преспа, Корча, Кукуш, Елбасан, но и секаде на друго место во Албанија каде што живеат во моментов”.

Негирањето на просторниот и временскиот континуитет на македонски јазик, за нас Македонците, преставува духовна смрт. Свеста за духовната смрт, не треба, парадоксално, да нè поттикне да го бараме значењето на нашето духовно постоење. „Јазикот е наша татковина“. Нашето битисување, нашето духовно постоење, може да се оправда само преку повеќевековното постоење на македонски јазик, не само на територијата на денешна Македонија, туку и пошироко. „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. На Балкан, во ЕУ, и пошироко, денес, па дури и по илјада години, тоа треба да го правиме само рамноправно и достоинствено. Во ЕУ само ако не сме духовно мртви.

ЦВЕТАНОВСКИ: Едно од најчестите прашања кои ги мачат и загрижуваат граѓаните, народот, е оној однос на потчинетост кој го наметаат Спогодбата од Преспа и Договорот со Бугарија, како и се што тие носат со себе. Реално, дали во МАНУ има потреба и интерес за научна и објективна анализа на Спогодбата и Договорот?

КОЦАРЕВ: Потреба за научна и објективна анализа на Спогодбата од Преспа и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија постои веќе подолго време. Така на пример, МАНУ и другите институции во државата треба повторно да проговорат за различните толкувања на членовите во Спогодбата и импликациите што тие ги имаат врз иднината на Македонија. Уште повеќе што во 2021 година една реномираната англиска издавачка куќа ќе објави книга со наслов „Македонија и идентитетската политика по Спогодбата од Преспа“, во која е поместен текст на проф. Виктор Фридман, член на МАНУ надвор од работниот состав, насловен „Чаша полна до половина или пехар со отров? Спогодбата од Преспа и современиот македонски јазик“. Според Фридман „ако формулацијата се толкува на тој начин, или ако Македонија е принудена од ЕУ да ги прифати бугарските негирања за постоењето на македонските дијалекти, тогаш Спогодбата од Преспа ќе биде повеќе пехар со отров“.

Член 3б од Спогодбата, на англиски јазик “The nationality of the Second Party shall be Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia, as it will be registered in all travel documents”, на македонски јазик е преведен како: „Државјанството на Втората страна ќе биде македонско / граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи“. Категоријата ‘државјанство’ се изведува од терминот граѓанин, на англиски јазик: citizenship и citizen. Така, во англиската верзија, членот 3б јасно разликува две категории: ‘националност’ и ‘државјанство’ (или граѓанин, жител). Уште повеќе, во англискиот член кај националност е наведен зборот „македонска“, а кај државјанство синтагмата „граѓанин на Република Северна Македонија“. Оттука, може да се констатира дека македонскиот превод нотира само една категорија. Во него е испуштена категоријата националност, а зачувано е само државјанството (граѓанин). Не навлегувајќи подетално во оваа тема, само би напоменал дека термините националност и државјанство не се синоними и имаат различни значења.

Интересно е да е спомне дека во член 15 (1 и 2) од Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации, стои: „Секој има право на националност“ и „Никој не смее самоволно да биде лишен од својата националност, ниту од правото да ја промени националноста“. Исто така, Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации во ниеден член не го спомнува терминот државјанство.

Кои се мотивите, уште повеќе кои се последиците од тоа што терминот nationality во Спогодбата е преведен со државјанство, а не со националност? Ако преводот е погрешен, зарем тоа не треба да се смени? Ако за некои мислители не е спорен македонскиот идентитет и македонската етничка припадност, дали Спогодбата од Преспа (веќе) доведе до истребување, лишување на македонската националност? Дали со Спогодбата е доведен во прашање суверенитетот на нашата држава? Ова се само мал дел од прашањата за коишто МАНУ треба и мора да понуди научна и аргументирана анализа, водејќи сметка за достоинството на сите, вклучувајќи ги и Македонците.