Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за МИА, правејќи паралела меѓу она што се случи на декемврискиот Самит на ЕУ, кога т.н. „кафе на Орбан“ го овозможи донесувањето одлука за почеток на преговори за Украина и Молдавија и дали ваквиот начин на носење одлуки бил можен и за Македонија, вели дека решението за земјава е ставено на маса во јули 2022 година, кога, како што рече, се отворени пристапните преговори, а за да се премине на следниот чекор, потребно е спроведување на уставните измени, што е суверена одлука на самата држава.

-Решението за овој проблем беше ставено на маса со договорот во јули 2022 година, со кој Северна Македонија отвори пристапните преговори со ЕУ, притоа го отпочна и заврши скрининг процесот. Сега, за да се премине на следниот чекор, во согласност со договорот од јули 2022 година, потребно е да се спроведат уставни измени за граѓаните кои се идентификуваат како Бугари. Ова е суверена одлука на самата земја, а не на земјите-членки на ЕУ. Одлуката е во ваши раце, истакна Гир.

Тој нагласи дека е важно одлуката за започнување на пристапни преговори со Украина и Молдавија да се гледа од контекстот на неоправданата војна на Русија против Украина, како и реформските чекори кои двете земји ги имаат реализирано, иако, како што посочи им претстои долг пат понатаму.

-Мислам дека некои коментатори доста погрешно го толкуваа начинот на којшто беше донесена одлуката. За да биде јасно, одлуката беше донесена од 27, со други зборови едногласно од сите земји-членки и тоа не ја измени суштината. Фактот дека одлуката беше донесена без присуство на една земја не беше обид за измама со која би се отстранила потребната едногласност на сите земји членки. Ова не е решение за ситуација во која една или повеќе земји-членки имаат суштински несогласувања. Едногласноста е најважна и тоа во овој случај беше одлука на 27, вели Гир во интервјуто за МИА.

Во однос на можноста за измена на Преговарачката рамка, сега по примерот на нов модел на одлучување, поврзан со „кафето на Орбан, кое му го понуди Шолц“, Гир дециден дека ЕУ не размислува за повторно отворање на документот.

-Првото имплицитно прашање е дали може да се постигне подобар договор. Ги следев дискусиите што се одвиваа од есента 2020 година до договорот во јули 2022 година. Беше тешко и истите беа интензивни. Се направија компромиси од двете страни. Ниту една страна – ниту бугарската, ниту македонската – не беше 100 отсто задоволна. Но, такви се компромисите по природа. Тоа што се постигна, сепак, беше што им се овозможи на Северна Македонија и Бугарија да ги остават овие прашања во минатото, да гледаат кон иднината и решително да тргнат напред. Дали мислам дека може да се преговара за подобар договор? Искрено, не гледам можност за такво нешто. Дали ЕУ е подготвена пак да ја отвори Преговарачката рамка? Мислам дека ЕУ не размислува за повторно отворање на Преговарачката рамка. Тоа е веќе постигнат договор и гледаме напред кон многу други прашања што се натрупуваат на агендата. Вклучително и тоа на што длабоко се надеваме, земјава одлучно да се придвижи нанапред на својот европски пат, вели Гир.

Со оглед на тоа што уставните измени останаа во позадина на претстојните двојни избори во земјава, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со континуиран став дека не ги прифаќа под бугарски диктат, туку откако ќе дојде на власт, ќе најде друго решение, Гир со порака дека ако партијата е за ЕУ и за преговори, јасно е што треба да стори.

-Па, ако партијата е за ЕУ и пристапни преговори, јасно е што треба да се направи. Имаме договор од јули 2022 година. Имаме отворени пристапни преговори. Процесот на скрининг беше успешен и сега треба да се направат уставните промени за потоа земјата да може да продолжи напред и да се занимава со клучните прашања за кои зборувавме на почетокот – владеењето на правото, борбата против корупцијата – фокусирајќи се на нештата што ќе им го сменат животот на луѓето, вели Гир во интервјуто за МИА.

Со евромбасадорот разговаравме и за последните случувања во М-НАВ, борбата против корупцијата, оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет, за претстојните избори кај нас и тие во ЕУ, за Планот за раст за земјите од Западен Балкан.

Во продолжение следува интервјуто со евроамбасадорот Дејвид Гир во целост, со видео материјал:

Господине Гир веќе го изнесовте ставот за последните случувања во М-НАВ. Во него наведовте: „Очекуваме државните власти брзо да ги истражат наводите за кронизам при назначувањата во овие служби. Исто така, очекуваме државните власти да ги истражат извештаите за несоодветно надворешно влијание и насилство врз персоналот што работи во М-НАВ“. Минатата недела имавте средба со претседателот на Синдикатот, Тасевски, при што изразивте загриженост и укажавте дека ја следите ситуацијата. Дали имате некакви сознанија за реакцијата на Еуроконтрол за случувањата во М-НАВ?

-Не следам што прави Еуроконтрол, но да се вратиме малку наназад. Очигледно ги следиме случувањата во овој конкретен случај, имајќи предвид дека предизвика голема загриженост во јавноста. Моите колеги се сретнаа со синдикатот, не јас лично. Ставот што го искажавме е доследен со оној што го имаме во однос на јавните именувања во општа смисла, а тоа е дека е неопходно именувањата во јавните институции да се засноваат на заслуги, односно квалификации, искуство и вештини, не врз основа на политичка припадност и лични врски. Исто така кажавме дека во овој конкретен случај државата има обврска да го следи законодавството на ЕУ, особено во однос на раководењето со службата за навигација. Пред сè, државата мора да овозможи соодветно ниво на независност на телото што раководи со службата за навигација и исто така да се осигура дека именувањата на клучни позиции во рамките на самата служба е во согласност со законските прописи, а човечките ресурси се управувани на начин преку кој се почитува безбедноста пред се, ефикасноста и рентабилноста на институцијата. Секако, повикавме на истрага околу сомнежите поврзани со несоодветно надворешно влијание или упад во просториите, а државните органи да преземат активности во зависност од исходот од овие истраги.

Што доколку ваков инцидент се случи во контролната кула во некоја земја-членка, какви би биле последиците?

-Во моментот зборуваме за сомнежи и оваа работа се истражува. Нашата загриженост, а истото го делат сите, е дека безбедноста е од највисока важност, оваа институција е дел од критичната инфраструктура и таму очекуваме да видиме повисоки стандарди.

Во 2024 влеговме и со зајакнати притисоци одвнатре, но и однадвор за справување со високата корупција, проширена црна листа на САД и извештајот на ЕК тука нотираше дека нема напредок, а ги посочи и брзите измени на Кривичниот законик, кои доведоа до застарување на голем број предмети на поранешното СЈО, според вас каде затаи системот?

-Мислам дека е добро што толку голем акцент е ставен на корупцијата во јавниот дискурс. Некои зборуваат за ендемска корупција, други зборуваат за епидемија, трети ја опишуваат како рак, но сите зборуваме за истата работа: дека има корупција во општеството, една распространетост на корупција што е особено загрижувачка појава. Корупцијата го поткопува економскиот потенцијал на државата, ги поткопува иновациите, претставува еден од оние фактори што ги тера луѓето да ја напуштат земјата и секако претставува извор на нееднаквост и неправда. Затоа е многу загрижувачки што ноемврискиот извештај на Европската комисија кажува дека нема напредок во борбата против корупција. Наше очекување е ова да биде една од главните области каде треба властите да бидат активни, борбата против корупцијата. Она што го привлече вниманието и нашата загриженост беа измените на Кривичниот законик. Во тоа време бевме загрижени дека ова ќе доведе до повеќе неказнивост, тука беше и злоупотребата на европското знаменце, но главната загриженост беше дека ова би можело да доведе до поголеми можности за неказнивост. И она што го гледаме случај по случај со текот на времето е зголемена неказнивост, и сега увидовме дека постои празнина во еден дел од законот што приоритетно треба да се затвори. Во извештајот се нотирани и позитивни работи, како што е добрата досегашна работа на Државната комисија за спречување на корупција, како и на Државниот завод за ревизија. Неодамна беа избрани нови членови на ДКСК и од нив очекуваме да го одржат истиот висок стандард како претходните членови, и да продолжат со истата посветеност и интегритет. Секако, не може само ДКСК и ДЗР да го прават тоа, тоа треба да претставува заеднички напор предводен од властите, вклучително и Собранието. Медиумите имаат клучна улога и јас ги поздравувам напорите од страна на истражувачките новинари во изминатите години, како и улогата на укажувачите.

Но сведоци сме дека има притисоци врз истражувачките новинари, преку СЛАП тужбите?

-Многу е важно истражувачките новинари да продолжат со својата работа и да ги откриваат случаите поврзани со корупција. Ние ќе направиме се што е во наша моќ да ги поддржиме овие напори во борбата против корупцијата, но ова треба да биде пристап што ги вклучува сите чинители во општеството. Еден од аспектите поврзани со корупција за кој сме особено загрижени е начинот на кој, веќе многу години, и не од една партија, постои пракса на именувања врз основа на партиска припадност на клучни позиции. Се надевам дека како што се наближуваат изборите, партиите ќе ја искажат својата заложба за ставање крај на оваа пракса на влијание врз именувањата. Оваа пракса има име – кронизам, непотизам, корупција.

Корупцијата е проблем за Западен Балкан, но ниту една земја не е имуна на овој феномен и некои од земјите-членки се соочуваат со корупција, на пример при злоупотреба на европските фондови. Како ЕУ се справува со корупцијата?

-Потполно сте во право, корупцијата е дел од човековата активност и затоа сите држави се справуваат со тоа. Она што е најважно е да имаме институции кои брзо ќе реагираат да ја спречат корупцијата и ќе можат да се справат со тешкотиите и проблемите. Корупција постои, но поважно е како реагирате на неа. Ги видовме настаните во Европскиот Парламент, и многу важно, реакцијата на Парламентот. Значи најважно е како реагирате на корупцијата. Треба да воведуваме механизми за спречување на нејзино повторување, да нема толеранција кон корупција на сите нивоа, што исто така значи дека и луѓето треба да се нетолерантни на корупција и да се гласни кога ќе видат случаи на корупција.

Кон крајот на декември пристигна извештајот од оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет со 40 препораки, од кои 17 веднаш применливи. Колку овие препораки би ги придвижиле работите, имајќи предвид дека во последниот извештај на ЕК не се нотираше напредок во зајакнување на независноста на судството?

-Судскиот совет игра главна улога и е всушност чувар на независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Така што можете да ја замислите реакцијата минатата пролет и есен кога видовме како Судскиот совет презема активности без правна основа со разрешувањето на поранешната претседателка на Судскиот совет, а тоа сега го потврдува и Управниот суд. Бевме навистина загрижени бидејќи видовме дека Советот потфрлуваше по сите основи и затоа предложивме да дојде оценската мисија од група судии, експерти од ЕУ, кои знаат како треба да функционира еден судски совет. Тие донесоа низа препораки, вкупно 40. Мислам дека тоа зборува само за себе, не се пет или десет, туку четириесет, што укажува на опсегот на проблеми со кои се соочува Судскиот совет. Управниот суд донесе одлука Весна Дамевска повторно да се врати на местото претседател на Судскиот совет. Ова е можност за Судскиот совет да ги прифати препораките и да се движи напред. Во некое идно сценарио после изборите, новата влада, која и да е таа, и новиот парламент треба да се поригорозни за да се спроведат преостанатите препораки. На тој начин можеме да имаме Судски совет кој навистина ја врши својата работа и се спротивставува на надворешни влијанија.

Дали дадовте некоја временска рамка за имплементација на препораките, 17 веднаш бидејќи за нив не треба измена на закони…

-Она што Судскиот совет треба да направи е да ги погледне извештајот и препораките, да види што може да имплементира, имајќи предвид дека тие имаат одговорност не кон оценската мисија или ЕУ, туку кон обичните граѓани кои очекуваат подобро од она што го виделе досега.

Ако направиме една ретроспектива на случувањата минатата година, она што ја разбранува јавноста и можеби отвори прашање дали можело поинаку и за нас е т.н. кафе на Орбан за време на Самитот на ЕУ во декември. Украина и Молдавија, добија препорака за почеток на преговори со 26 гласови „за“, додека 27-глас кој се закануваше со вето излезе на кафе за време на гласањето, по препорака на Шолц. Дали постоеше можност и за Северна Македонија да се понуди некое кафе или едноставно никој не застана зад земјата, толку одлучно како што тоа го стори Германија во овој случај? 

-Важно е на одлуката за започнување на пристапни преговори со Украина и Молдавија да се гледа од контекстот на неоправданата војна на Русија против Украина, како и реформските чекори кои двете земји ги имаат реализирано, иако им престои долг пат понатаму. Мислам дека некои коментатори доста погрешно го толкуваа начинот на којшто беше донесена одлуката. За да биде јасно, одлуката беше донесена од 27, со други зборови едногласно од сите земји-членки и тоа не ја измени суштината. Фактот дека одлуката беше донесена без присуство на една земја не беше обид за измама со која би се отстранила потребната едногласност на сите земји членки. Ова не е решение за ситуација во која една или повеќе земји-членки имаат суштински несогласувања. Едногласноста е најважна и тоа во овој случај беше одлука на 27. Решението за овој проблем беше ставено на маса со договорот во јули 2022 година, со кој Северна Македонија отвори пристапните преговори со ЕУ, притоа го отпочна и заврши скрининг процесот. Сега, за да се премине на следниот чекор, во согласност со договорот од јули 2022 година, потребно е да се спроведат уставни измени за граѓаните кои се идентификуваат како Бугари. Ова е суверена одлука на самата земја, а не на земјите-членки на ЕУ. Одлуката е во ваши раце.

Иако постојано се поставува прашањето дали постои можност за промена на Преговарачката рамка и редовно се вели „не“, дали можеби по примерот со кафето на Орбан, али со усвојувањето на Преговарачката рамка за нас ова веќе е завршена работа? 

-Првото имплицитно прашање е дали може да се постигне подобар договор. Ги следев дискусиите што се одвиваа од есента 2020 година до договорот во јули 2022 година. Беше тешко и истите беа интензивни. Се направија компромиси од двете страни. Ниту една страна – ниту бугарската, ниту македонската – не беше 100 отсто задоволна. Но, такви се компромисите по природа. Тоа што се постигна, сепак, беше што им се овозможи на Северна Македонија и Бугарија да ги остават овие прашања во минатото, да гледаат кон иднината и решително да тргнат напред. Дали мислам дека може да се преговара за подобар договор? Искрено, не гледам можност за такво нешто. Дали ЕУ е подготвена пак да ја отвори Преговарачката рамка? Мислам дека ЕУ не размислува за повторно отворање на Преговарачката рамка. Тоа е веќе постигнат договор и гледаме напред кон многу други прашања што се натрупуваат на агендата. Вклучително и тоа на што длабоко се надеваме, земјава одлучно да се придвижи нанапред на својот европски пат.

Опозицијата не даде поддршка на уставните измени, процес кој се отвори во Собранието и кој поради немање потребно мнозинство се уште е отворен. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски во континуитет вели дека откако ќе дојде на власт ќе бара друго решение. Какво друго решение би можело да има за случајот со Северна Македонија во процесот на евроинтеграција?

-Па, ако партијата е за ЕУ и пристапни преговори, јасно е што треба да се направи. Имаме договор од јули 2022 година. Имаме отворени пристапни преговори. Процесот на скрининг беше успешен и сега треба да се направат уставните промени за потоа земјата да може да продолжи напред и да се занимава со клучните прашања за кои зборувавме на почетокот – владеењето на правото, борбата против корупцијата – фокусирајќи се на нештата што ќе им го сменат животот на луѓето.

Со новите геополитички случувања политиката на проширување е повеќе од кога било геостратешка инвестиција во долгорочниот мир, стабилност и безбедност на целиот континент. Сепак Северна Македонија не почна преговори, а и регионот на Западен Балкан не е целосно интегриран, дали одложувањето може да има безбедосни последици, имајќи предвид дека одлуките за Украина и Молдавија имаат безбедносна позадина?

-Сосема се согласувам дека последниве години, особено откако почна војната против Украина, увидовме дека проширувањето не го гледаме само како прашање на просперитет, животен стандард и демократски вредности – иако сето тоа е исклучително важно – но го гледаме и низ призмата на безбедноста и стабилноста. Присуствував на настан со министерката за одбрана и ја одбележавме поддршката што ЕУ ѝ ја дава на армијата на земјава во опрема и соработка на полето на одбраната. Има и други области поврзани со стабилноста и безбедноста каде што соработуваме: гранична контрола, борба против екстремизмот, хибридни закани, дезинформации, кибер – соработуваме во сите овие области. Бидејќи придобивките од проширувањето се и во областа на безбедноста и стабилноста, а само ќе растат со текот на времето. Па длабоко се надеваме дека ќе ги засилиме нашите напори и како што земјата ќе се движи кон ЕУ, така не само што ќе станува попросперитетна туку ќе станува и постабилна и побезбедна. Сигурен сум дека можеме да се движиме во таа насока.

Колку е реален датумот 2030 да биде година на членство во ЕУ и колку тоа може отсега да се прогнозира имајќи предвид дека оваа година и ЕУ е соочува со избори и со процес на промена на кадрите, избори има и во неколку земји-членки?

-Многу избори ќе се одржат оваа година, вклучително и во оваа земја. Почнувајќи од оваа земја, ние очекуваме и граѓаните очекуваат дека оваа земја повторно ќе ги одржи изборите во согласност со демократските стандарди. И ние очекуваме дека тие ќе се спроведат и реализираат во согласност со демократските стандарди. И многу се надевам дека различните кандидати и партии ќе ја искористат шансата да ги претстават пред граѓаните своите програми, своите цели, и каде сакаат да ја однесат земјата, за граѓаните да имаат вистински избор. Што се однесува до самите европски избори, јас немам намера да се занимавам со шпекулации, тоа е работа на аналитичари и оние кои прават анкети, но јасно е дека на крајот на минатата година ЕУ покажа многу јасна, силна посветеност кон пристапниот процес не само на Украина и Молдавија туку и на Западен Балкан, и таа посветеност се заснова на идејата за реформи. Тоа е клучното прашање, ако оваа земја напредува во реформите, ќе се приклучи на Европската Унија. И тоа не е теоретска и апстрактна работа, ние знаеме што треба да се направи. Само што поминавме една година на неверојатно интензивната работа на идентификување што точно треба да се направи во секој поединечен сектор. Земјата има изработено патокази и во одредени области. Така што, чекорите што треба да се преземат се многу практични и многу јасни. Направете ги тие чекори, тогаш ќе влезете во ЕУ. Нема заобиколен пат.

Европската комисијата на почетокот на ноември го предложи Планот за раст на земјите од Западен Балкан. Најавите се дека првите средства од Планот за раст ќе им бидат исплатени на почетокот на вториот квартал од 2024. Колку е реално тоа да се случи во април, имајќи ги предвид процедурите во ЕУ?

-Планот за раст претставува огромна можност. Затоа што она што се обидува да направи е да поттикне раст тука и во останатите делови на Балканот, бидејќи растот до сега беше сиромашен и блед. Сакаме да видиме многу посилен раст, економски раст и подобрување на животниот стандард што прави реална разлика за луѓето и истовремено ja приближува земјата многу повеќе до Европската Унија. Она што е радикално и ново во врска со овој предлог, а некои од идеите дојдоа од оваа земја и од самиот регион, е да бидат достапни некои од придобивките од Единствениот европски пазар за земјата пред да се приклучите, имајќи предвид дека единствениот пазар е вистинскиот двигател на растот во самата ЕУ. Заедно со многу значителни инвестиции од страната на ЕУ во вид на грантови и заеми, со максимален можен износ до шест милијарди евра, сè уште се разговара со земјите-членки, врз основа на обврската на оваа страна за спроведување конкретни реформи, така што доколку имате пристап до оние делови од пазарот каде можете да се натпреварувате на исто рамниште, а исто така не го оптоварувате пазарот или не ги поткопувате европските стандарди и обврска за интеграција во регионот, отстранување на бариерите низ Западен Балкан за трговија и за економска активност, во согласност со стандардите на ЕУ. Имајќи го предвид сето ова се надеваме дека ќе можеме да ги зајакнеме економиите во регионот и со тоа да го забрзаме процесот на пристапување во ЕУ.

Ана Цветковска

Фото: Фросина Насковиќ

Видео и монтажа: Аслан Вишко и Владимир Рабасовиќ