ИНТЕРВЈУ НА ПЕНДАРОВСКИ ЗА БУГАРСКИ „ДНЕВНИК“: И Силјановска е двојник на Груевски

/ 27.03.2019

Стево Пендаровски, кандидатот на СДСМ за претседател на Македонија, во интервју за бугарски „Дневник“, кој пред некој ден имаше интервју и со Гордана Силјановска, вели дека ако ја добие довербата на изборите, ќе се бори младите да останат во земјата, но и дека никој не може да ги задржи со сила да не заминат.

– Јас ќе се борам за тоа  луѓето да имаат право на избор. Ако тие навистина се решени да заминат, ништо не може да ги запре. Но, ако сакаат да останат, ќе сториме сé за да им обезбедиме услови за личен и професионален развој и добар живот за нив и за нивните семејства, вели Пендаровски.

Во контекст на прашањето му беше сугерирано дека проблемот со отселувањето на младите само ќе се продлабочи со интегрирањето на Македонија во ЕУ и дека ова веќе се случило во земјите од Источна Европа.

„Иселувањето на младите не е само кај нас, туку и во целиот регион, а и во целата Источна Европа. Тоа е комплексен феномен што не може да биде решен ниту брзо ниту со бирократски или популистички мерки. Но, во нашата земја, најголемото заминување се случи за време на управувањето на претходната влада. Не беше случајно. Корумпираните и партизирани институции ги ограничија можностите за работа и достоен живот и тие беа само за лојални партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините партнери. Мнозинството граѓани беа дискриминирани и не беше достапен пристап до работни места, особено во јавниот сектор. Автократско владеење и кршењето на човековите права и слободи принудија многу млади и образовани луѓе, дури и оние кои веќе имаа работни места и релативно пристојни плати, да ја напуштат, бидејќи одбиваа да живеат во страв“, истакнува Пендаровски.

Тој во интервјуто додава:

„Новите ибори се нова шанса. Шанса што не треба да ја пропуштиме. Шанса да го спречиме враќањето кон темното минато, кон поделбите и омразата, криминалот и масовната корупција. Шанса да му го зададеме последниот удар на режимот на Груевски и на неговите двојници во лицето на сегашниот претседател, лидерот на неговата партија и нејзиниот кандидат за претседател. Со овие избори ќе навлеземе во многу поважна етапа од заедничката битка. Битка за интегрирана, безбедна, економски напредна држава во која владее законот, а не криминалот. Држава на правда, еднаквост и солидарност. Ниту јас како претседател, ниту сегашната влада нема да се согласиме да симулираме само за да му се допаднеме на Брисел. Штетата од таквата симулација ќе биде наша, а цената ќе ја платат нашите граѓани. Затоа поддржувам единствено вистински и суштински реформи, а сигурен сум дека нашите постигнувања ќе бидат препознаени и од Европската унија“, вели Пендаровски.


Од истата категорија