Може слободно да речеме дека во Бугарија немаме никакви права. Владејачкиот естаблишмент не признава македонска нација, вели проф. Д-р Георги Николов – Радулов, во интервјуто за Радио „Три зет” во Мелбурн, Австралија. Радулов е роден во селото Кремен, Пиринска Македонија, а се школувал во Софија. По професија е инженер. Во интервјуто говори за правата на Македонците во Бугарија и за неговата најнова книга „Кој ја фалсификува историјата“.
Господине Радулов, кога започнавте да се занимавате со правата на Македонците во Бугарија?
РАДУЛОВ: Би сакал да кажам дека со македонската историја се занимавам уште, можам да речам, од детство. Ова прашање многу одамна ме интересира и овде во Бугарија можеме слободно да речеме дека немаме никакви права. Сега со демократизацијата во Бугарија, може малку послободно да се каже тоа што се мисли. Инаку, владејачкиот естаблишмент на Бугарија не признава македонска нација, а обичните Бугари се поделени. Едни постојано пишуваат дека Македонците се Бугари, дека нема македонска нација и слично.
Која е целта? Зошто тие дезинформираат дека не постои македонска нација?
РАДУЛОВ: Ова прашање е сложено и на прва рака тешко е да се одговори. Најнапред, ако се признае дека постои македонска нација, ќе произлезе дека Св. Кирил и Св. Методиј не се Бугари, како што овде се тврди. Потоа има многу херои кои се Македонци и кои во бугарската историја се претставуваат како Бугари и на крајот тие се плашат оти Македонците ќе си ја побараат Пиринска Македонија.
Како се чувствува македонскиот народ таму во Пиринска Македонија и на другите места? Дали тие се сметаат за Македонци?
РАДУЛОВ: Јас сакам да потенцирам дека овде има секакви луѓе. Најпрво сакам да кажам дека во Бугарија македонскиот народ е подложен на еден многу тежок информативен притисок. Секој час, секој ден, вие можете по ТВ, по радио, по весници да прочитате материјали кои се со македонска содржина. Треба да повлечам дека секој Македонец уште на 7 – 8 годишна возраст учи бугарска историја т.н. “Родинознание”, во кое се зборува дека Македонија е бугарска и дека тој самиот е Бугарин и тоа е времето кога еден човек нема информација. По сето тоа на еден таков човек тешко е да му се објасни дека тој е Македонец. Така, има Македонци кои се сметаат за Бугари, а има доста Македонци кои се сметаат за македонски патриоти.
Господине Радулов, кога отприлика Македонците дознаваат дека не се Бугари, дека имаат своја култура националност, обичаи, традиции?
РАДУЛОВ: Овде ова е тешко, затоа што во училиште сите учат дека се Бугари и дека сето ова е бугарско. Ние овде имаме само еден весник, „Народна волја”, немаме голема можност да пишуваме и да издаваме книги. Сето тоа е под цензура од власта и овде не се дозволува да се учи македонска историја, македонски јазик. Сметам дека ако во училиште се учи македонска историја уште во почетните одделенија, тоа ќе биде решено.
Според Вас, колку време ќе одземе Македонците да почнат да учат македонска историја и колку отприлика сметате дека има Македонци во цела Бугарија?
РАДУЛОВ: Тешко е да се каже. Овде во Бугарија имаше тројца или четворица претседатели откако се смени комунизмот. Сите тие се бугарски националисти. Можам да подвлечам дека последниот претседател има завршено историја и е на бугарско-шовинистички позиции.
Мислите на претседателот?
РАДУЛОВ: Да, да. А за бројот на Македонците исто така тешко е да се даде точна бројка. Јас можам да кажам дека половина од жителите во Софија се Македонци. Инаку, по мое мислење, луѓето што имаат македонски корење, македонска лоза не се помалку од два милиона. Но, има многу луѓе кои се заведени и со мешани бракови.
На крајот да Ве прашам за книгата „Кој ја фалсификува историјата”. За што пишувате во неа?
РАДУЛОВ: Оваа книга ја напишав како одговор на една книга која излезе во Бугарија – „Десетте лаги на македонизмот”. Во таа бугарска книга има многу лаги и невистини. Тоа ме иритира и ме возбуди и ме натера да му одговорам на овој автор. Во мојата книга решив да покажам дека во сите балкански истории има многу лаги, додека најмалку лаги има во македонската историја. Македонската историја е пишувана последните 50 години и непрекинато Македонците се атакувани од историчарите од соседните земји на Македонија, така што во македонската историја нема лаги и мислам дека се е за почит. Во книгава, исто така, подвлекувам какви лаги има во бугарската историја и давам одговор на тие лаги што им се припишуваат на македонските историчари. Покажувам, се надевам, со факти дека ова не е точно и не така. Потоа кажувам дека ние, балканските народи, мора да се разбираме и почитуваме затоа што балканската интелигенција 180 години непрекинато работи да не раздели и да не спротивстави еден со друг. Сега е потребно да работиме за добро разбирање меѓу балканските народи.
Ние добивме порака за помош на весникот „Народна волја” затоа што се наоѓа во криза?
РАДУЛОВ: Добро ќе биде ако Македонците во Австралија го помогнат весникот. Навистина овде имаме проблеми со надлежните власти и добивање на државни средства за издавање на весникот, а тоа е еден весник кој е неопходен за Македонците во Бугарија. Тој е единствениот весник којшто го имаме на македонски јазик.