На сите мерила за успех се наоѓаме на дното, како во делот на образованието, странските директни инвестиции, екологија и слично, додека на оние мерила каде се мери корупција, криминал, непотизам таму убедливо сме на врвот и тоа место го држиме и не го испуштаме откако на власт дојде тандемот ДУИ и СДС“.
Ова во интервју за КУРИР го истакнува членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Томовски.
Со него разговаравме за актуелната состојба во Македонија, за разочараноста кај луѓето, за протестите на пензионерите, но и за монструозните убиства кои ја потресоа цела Македонија.
Интервјуто на КУРИР со Томовски, го пренесуваме во продолжение:
КУРИР: Состојбата во државата веќе неколку години е повеќе од загрижувачка, во која насока се движи Македонија?
Томовски: Сметам дека правецот во кој се движи државата е една патека која води во пропаст на тотална демотивација на секоја амбиција, на секој еден човек. Премногу луѓе се разочарани и тоа не само поради некоја нефункционалност или корупција на некоја државна институција, туку пред се поради целосното потфрлање и нефукнционирање на целиот систем. Луѓето гледаат од страна затоа што предолго ова и се случува на државата и некако ја губат секоја надеж дека може поинаку, несфаќајќи дека на тој начин прават услуга токму на тие кои се причина за сето ова. Не треба да се очекува власта да излезе и да каже дека се неспособни, но народот тоа го гледа на секој чекор. Во држава во која што во време на економска и здравствена криза, се добива помош од соседни држави, а државниот врв со тоа се фали, прави пиар од истото како да донеле некоја странска инвестиција со 2000 нови вработувања, како да пуштиле некој нов автопат и истото го прикажува како најголем успех, може и сами да констатирате каде се движи Македонија во изминатите 7 години.
И од тука можам да кажам дека без дилема државата забрзано се движи сосема во погрешна насока од она каде што треба да се движи и просперира. На сите мерила за успех се наоѓаме на дното како во делот на образованието, странските директни инвестиции, екологија и слично, додека на оние мерила каде се мери корупција, криминал, непотизам таму убедливо сме на врвот и тоа место го држиме и не го испуштаме одкако на власт дојде тандемот ДУИ и СДС.
КУРИР: Може слободно да се каже дека финансиската кондиција како на државата, така и кај граѓаните е очајна. Дополнително, состојбата ја отежна и рекордната инфлација која е најголема во Европа. Каде затаи власта?
Томовски: Најмногу власта затаи во склучените договори во четири очи, во елитизмот, во луксузот кој го живеат овие функционери и криминалци кои ги имаа узурпирано државните институции. Впрочем со последните мерки односно оној пакет мерки за евтин предизборен поткуп укажуваат на фактот, а воедно и признаваат дека има тешка сиромаштија за која по 7 години власт не може да се амнестираат. Би рекол дека тивкиот убиец на стандардот на граѓаните е токму инфлацијата. Платите кои ги добиваат луѓето се обезвредните со високите цени по маркетите. Преку мерките даваат по 1000 денари за пензионери, студенти и ранливи категории на лица, а од друга страна склучуваат договор од 2 милјарди евра со Бехтел и Енка и практично тие го потценуваат сопствениот народ и мислат дека има кратко памтење за сите нивни криминали во изминатите 7 години. Знаете ли дека досега, за само фрлена лопата во празно и поставена табла на ливада, владата на Бехтел и Енка, каде подизведувачи се омилените компании на власта исплати над 200 милиони евра. Значи 200 милиони евра отидоа во ветер, а нема почнато ниту метар афалт да се гради.
КУРИР: Пензионерите се оставени на маргините на општеството. Честа слика изминативе месеци беа оние протести кои ги организираа, но власта и на оваа група граѓани не им излезе во пресрет и не ги исполни нивните барања и очекувања. Кој е вашиот став на оваа тема?
Томовски: Жално е што пензионерите, тоа се оние лица кои учествувале во градењето на оваа држава, во деновите кога треба да ги поминат најубавите години од сопствениот живот, тие се донесени на работ на егзистенција и сведоци сме на нивното секојдневно протестирање по улици барајќи си ги правата кои и тоа како ги заслужуваат и мора да ги добијат. И повторно оваа власт предводена од ДУИ и СДС без некаков срам излегува со мерки за пензионерите кои повеќе наликуваат на милостиња и мерки кои може да се исповедат со финансиски средства за поткуп кои се нудат неколку месеци пред двојните парламентарните и претседателските избори. А притоа неводејќи сметка за тендерите склучени во четири очи кои вредат милијарди евра. Со илјада денари повеќе колку нуди власта за поткуп пензионерите не може да си ги обезбедат лековите кои исто така поскапеа како и се друго по продавниците.
КУРИР: Лицата со попреченост и инвалидитет се уште една категорија на граѓани која е маргинализирана од власта. Се согласувате ли дека во последниве години не се направи ништо за да се задоволат нивните потреби?
Томовски: За жал оваа власт, лицата со попреченост и инвалидитет ги користи само во оние моменти кога од тоа треба да се направи промоција за министерката Тренчевска или Ковачевски, но во реалност ваквите лица се оставени сами на себе со и така тешките маки, а сега и без никаква поддршка од државата.
Во поглед на лицата со попреченост и инвалидитет, ние како ВМРО ДПМНЕ на една од дебатите за Македонија кажавме дека Македонија ќе ја направиме попристојно, подостојно места за живеење за овие лица и тоа планираме да го направиме во три чекори. Првиот чекор е преку директна помош и поддршка на лицата со попреченост и инвалидитет и нивните семејства, вториот чекор е преку инклузија на лицата со попреченост во образовниот процес и третиот чекор е вклучување на овие лица на пазарот на трудот, односно преку директно вработување на овие лица како во приватниот сектор со соодветна помош за овие компании, така и систематизација и адаптација во сите државни институции.
КУРИР: Вашата матична партија неодамна промовираше неколку мерки кои ќе се најдат во изборната програма. Колку се тие реални?
Томовски: Пред да предложиме мерки или проекти кои ќе бидат содржани во нашата предизборна програма, правиме сериозни анализи и истражувања за истите предложени мерки и проекти. Со заминувањето на овие луѓе од власта завршува политиканството и елитизмот и доаѓа време на работа, работа и само работа. Институциите и функционерите предложени и водени од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во функција на народот и народот ќе има систем како тоа да го мери, оценува и променува доколку не функционира.
Од тука можам да гарантирам дека мерките како линеарно покачување на сите пензионери од 5000 денари, скалестото намалување на даноците и другите проекти кои ќе бидат соодржани во нашата програма ќе бидат 100 процентно исполнети, а за тоа ќе бидете сведоци и вие медиумите и граѓаните кои ни ја дале довербата, но и оние кои не ни ја дале. И убеден сум дека кога ќе видат како ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води државата во иднина, довербата за мојата партија ќе расте од ден во ден и ќе има се поголема и помасовна поддршка од граѓаните во Македонија.
Целото интервју може да го прочитате во КУРИР