Српскиот претседетел Александар Вучиќ, заедно со колегите од Софија и Баку денеска во Ниш ја пуштија во употреба гасната интерконекција Србија-Бугарија. Воедно, тој најави изградба на гасна интерконекција и кон Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Гасна и воопшто енергетски инфраструктури ние и во иднина ќе градиме, што е влезено и во планот на (еврокомесарот Оливер) Вархеји, ќе градиме гасна интерконекција и кон С. Македонија. Се надевам дека и во Босна и Херцеговина ќе се договорат, да можеме кон Република Српска и воопшто кон БиХ да градиме гасни интерконектори, изјави Вучиќ во Ниш по пуштањето во работа на интерконекцијата со колегите од Бугарија и Азербејџан Румен Радев и Илхам Алиев.

Тој додаде дека следната година ќе почнат работите за изградба на нафтовод меѓу Србија и Унгарија.

-Треба да изградиме нафтовод меѓу Србија и Унгарија за да можеме да имаме подобар пристап до поевтина нафта, рече Вучиќ и додаде дека Србија мора да работи и на диверзификација на снабдувањето со нафта.

Пред тоа,за време на средбата со бугарскиот претседател во Ниш, Вучиќ рече дека Србија и Бугарија можат дополнително да ги подобрат односите, дека односите меѓу двете земји можат да бидат уште подобри и дека сите преостанати проблеми ќе бидат решени.

-Разговаравме за тоа денеска и ќе се погрижиме да ги решиме помалите проблеми што постојат, околу книгите и учебниците и други работи, така да тоа ќе го решиме, како и сите други работи. Кога луѓето сакаат да разговараат, се ќе решат, изјави Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање за разговорите со Радев

Претседателот на Бугарија Румен Радев рече дека и тие од своја страна работат на подобрување на односите со Србија.