Најголемиот предизвик сега е да се зачува убавиот македонски збор. Гледаме дека зборовите застаруваат – некои полека, некои брзо. Стануваат анахрони од проста причина што ние забораваме да ги употребуваме. Постепено исчезнуваат, ги нема, и кога не се спомнува и употребува зборот, тој полека станува архаичен. Во новите речници архаичните зборови нема ни да влезат или ќе стојат со ознака архаизам, а всушност преживеале векови, вели во интервју за МИА Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во годината во која државава чествува осум децении од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, предизвик за неговите проучувачи е, вели таа, „да не дозволиме влијание и навлегување на странски елементи во структурата и граматичкиот систем на македонскиот јазик“.
-Веќе имаме промени врз кои влијае глобализацијата и ние, сакаме или не, сме дел од неа. Правописот и правоговорот доволно се почитуваат меѓутоа, сепак, може да се направат уште многу работи за подобрување на состојбата. Состојбата е далеку од одлична, укажува Јованова-Грујовска.
За правилната употреба ќе се грижи Инспекторатот, формиран како обврска од новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, но тој сè уште не е доекипиран. Важна одредба од законот е и вработувањето лектори во сите државни и јавни установи, со што се очекува да се зголеми и интересот за студии на катедрите за македонски јазик. Во тоа треба да помогне и доделувањето стипендии за овие студии што, исто така, е новина произлезена со законот донесен во 2024 година.
Директорката Јованова-Грујовска во интервјуто за МИА го најавува излегувањето на првиот том од долгоочекуваниот Македонски етимолошки речник, зборува за издавачката продукција и за следните предизвици за Институтот за македонски јазик – два крупни проекта: Корпус на македонскиот јазик и Нормативна граматика на македонскиот јазик.
Годинава што изминува е во знакот на 80-те години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Дали јазичната практика денес во јавната комуникација ја следи мисијата на тогашните лингвисти – се почитува ли јазичната норма, правописот и правоговорот?
-На Првото заседание на АСНОМ во 1944, со признавањето на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава, почнува процесот на кодификација што завршува со прогласување на македонската азбука на 5 мај 1945 и на првиот македонски правопис на 7 јуни 1945.

Од денешен аспект, по 80 години, ќе речеме дека правилно се поставени основите на македонскиот литературен јазик, сега веќе би рекле стандарден јазик. Зошто? Затоа што исто она што Крсте Мисирков го предвидувал – фонетскиот правопис и централните македонски говори од западното наречје да бидат основата на идниот македонски литературен јазик, истото го направиле и нашите кодификатори четири децении подоцна. Тие ја немале предвид книгата на Крсте Мисирков од 1903-та („За македонцките работи“), па, ќе речеме дека го избрале единственото вистинско решение. Сето тоа се има потврдено со завршувањето на кодификацијата во 1945 кога централните говори се поставени за основа на македонскиот литературен јазик.
Во овие 80 години се покажа дека може да се пишуваат книги и да се твори на нашиот стандарден јазик. Напишани се илјадници дела на македонски литературен јазик. Се покажа дека македонскиот јазик може да си дозволи раслојување по стилови, па имаме уметничко-литературен стил, административен, научен, имаме и новинарски и публицистички потстил итн., потоа имаме посебна терминологија – медицинска, правна, ботаничка, инженерска итн. Сето тоа кажува дека овој јазик е добро поставен и затоа потоа е лесно прифатен од граѓаните на Македонија.
Темата за разговор е главниот критериум за употреба на јазикот. Од темата зависи дали ќе зборуваме на дијалект, дали ќе зборуваме разговорно со употреба на жаргон или, пак, ќе зборуваме на стандарден македонски јазик. Самата ситуациона употреба покажува дека македонскиот јазик е доволно развиен и има доволна самодоверба меѓу зборувачите на македонскиот јазик и доволно знаење и моќ да можат да се прекодираат од дијалект, па да одат на разговорна форма, потоа на литературна и обратно.
Употребата на јазикот се менува генерациски. Мојата генерација користеше еден вид жаргон или сленг, новите генерации користат друг вид. И тоа не е страшно. Страшното со младиве генерации е тоа што ни се случува: еден дел од таа популација во својата татковина Македонија основно образование добива на странски јазик во странски училишта, оти тоа е многу модерно. Мислам дека родителите сакаат да покажат некаков престиж со тоа што ги пуштаат своите деца да учат од основно на странски јазик, потоа и средно на странски, а сега секој факултет, освен на македонски, има настава и на англиски, по избор на студентите.
Веќе имаме промени врз кои влијае глобализацијата и ние, сакаме или не, сме дел од неа.
Правописот и правоговорот доволно се почитуваат меѓутоа, сепак, може да се направат уште многу работи за подобрување на состојбата. Состојбата е далеку од одлична.
Многу е важнa нормата во јавната комуникација, особено за медиумите кои им се обраќаат на нашите граѓани. И на училиште е многу битно наставниците да предаваат на стандарден македонски јазик, по сите предмети, а не само по предметот македонски јазик.
Кој е најголем предизвик денес за македонскиот јазик и за неговите проучувачи – македонистите?
-За нас македонистите денес најголем предизвик, сметам, е да не дозволиме влијание и навлегување на странски елементи во структурата и граматичкиот систем на македонскиот јазик.

Најголемиот предизвик за македонскиот јазик сега е придржување до нормата, но и придржување до нашите убави македонски зборови. Затоа што сега младите сакаат да звучат поинаку од своите родители, поинаку од своите наставници и да употребуваат странски зборови – и каде што треба и каде што не треба. Дури и меѓусебно да комуницираат на англиски јазик.
Најголемиот предизвик сега е да се зачува убавиот македонски збор. Гледаме дека зборовите застаруваат – некои полека, некои брзо. Стануваат анахрони од проста причина што ние забораваме да ги употребуваме. Постепено исчезнуваат, ги нема, и кога не се спомнува и употребува зборот, тој полека станува архаичен. Во новите речници архаичните зборови нема ни да влезат или ќе стојат со ознака архаизам, а всушност преживеале векови.
На пример, тоа што беше леток, сега е „флаер“. Ние во Институтот правиме работилници, но кај други тоа ќе биде „воркшоп“. Нашите колеги неодамна беа на една научна екскурзија што некои би ја нарекле „тим билдинг“… Имаме наши зборови, а ги заменуваме со странски. Просто стануваме мрзлива нација, па многу полесно ни е да го кажеме странскиот збор одошто да размислиме и да се присетиме на некој убав македонски збор.
Законот за употреба на македонскиот јазик, донесен пред речиси две години како замена на стариот од 1998, сè уште не е целосно применет. Кои новини што тој ги предвидува почнаа да се спроведуваат, а кои се во застој и зошто?
-Искрено, јас сум многу горда што учествував во неговото правење заедно со тогашнот Совет за македонски јазик. Со новиот Закон за употреба на македонскиот јазик се нудат стипендии за студенти по македонски јазик на сите три нивоа на студии. Знам дека минатата година имаше и докторанди што пробаа да се запишат со финансирање од државата. Тоа е позитивниот момент и почна да се реализира.
Во застој е доекипирањето на новиот Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик и вработувањето лектори. Инспекторатот доби директор, но не е доекипиран. Слушнав дека требало да се усогласи со Законот за инспекциски надзор. Тука е застојот. Кај нас многу бавно одат таквите усогласувања.

За да се случат вработувања на лектори, пак, потребно е да се исполнат две работи – едната е да се смени систематизацијата во сите државни и јавни установи и во медиумите, со што ќе се овозможи вработување на лектори. Ние кога ја правевме нашата систематизација, ја направивме да има вработен лектор иако 90 проценти од вработените кај нас имаат положено лекторски испит. Сакавме да бидеме пример. Со промената на систематизацијата во многу институции ќе се овозможи вработување. Но, тука е и вториот момент, а тоа е Министерството за финансии да сака да издвои средства за нови вработувања на лектори во сите државни и јавни установи.
Една од новините од законот е доделувањето стипендии за студии на катедрите за македонски јазик. Министерството за образование и наука овој месец првпат распиша конкурс, сметате ли дека на овој начин ќе се подигне интересот и ќе се запишуваат поголем број студенти?
-Да, па еве веќе оваа година, само што се најави дека ќе има, има 23 студенти на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, за разлика од претходните години кога имаше помалку. И тука влијание има глобализацијата со која популарни се информатичките науки и на младите им се гарантира вработување.
Со примањето лектори во сите институции ќе се засили уште повеќе интересот за студирање. Да не заборавиме дека македонски јазик се студира на четири катедри во државата – на УКИМ и на универзитетите во Тетово, Штип и Битола. Планирани се стипендии и за магистерски и за докторски студии по македонски јазик.
Што е ново годинава во научната продукција на Институтот за македонски јазик, дали наскоро ќе излезе најавуваниот Етимолошки речник по примерот на сите словенски јазици?
-На 10. Отворени денови што ги имавме овој месец, Институтот претстави десет нови изданија објавени од минатата до оваа година. Секогаш сакаме да покажеме што се случува во период од една година. Излезе колективниот труд Македонски дијалектен атлас (уредници: Веселинка Лаброска и Марјан Марковиќ) и ја доби највисоката државна награда за наука „Гоце Делчев“ за 2025 година. Потоа, излегоа новите броеви од списанијата „Македонски јазик“, „Македонистика“ и „Етимологика македоника“ што ги дистрибуираме насекаде во светот, независно што се објавени на веб-страницата на Институтот. Ја претставивме новата свеска од третиот том на Речникот на црковнословенскиот јазик под македонска редакција, потоа Кратовското евангелие, па нова книга со јазичноисториски и ракописни проучувања од Борче Арсов, потоа најновата монографија на Људмил Спасов за граматичката категорија преодност на глаголите во македонскиот јазик, а го претставивме и Речникот на топонимите од Воденско од нашите ономастичари Елка Јачева-Улчар, Мери Јосифовска и Весна Миовска. На Меѓународната конференција го промовиравме зборникот на трудови од минатогодишната конференција. Во моментов излегуваат нови три книги за кои ќе зборуваме на следните Отворени денови, како и нови броеви од трите списанија. Институтот има една стандардна продукција од минимум десет книги секоја година на која ние сме исклучително горди.
Што се однесува до Етимолошки речник, досега не сме имале. Пред неколку години се зафативме со изработка. Во меѓувреме, имавме предизвик, „фрлена ракавица“ од Институтот за словенечки јазик од Љубљана – ни понудија тие да ни направат Етимолошки речник на македонскиот јазик. Ние сфативме дека нема време за чекање, рековме дека сме почнале да го работиме речникот. Колегата Гоце Цветановски се нафати да ја организира и да ја тера работата за Етимолошкиот речник кој ќе содржи појаснувања за секој збор од македонскиот јазик од каде потекнува и како се развивал. Во претходните броеви на списанието „Етимологика македоника“ првите букви се веќе објавени. Првиот том од Македонскиот етимолошки речник ќе содржи повеќе букви. Цветановски веќе го предава првиот том во печатница, очекуваме да излезе околу Нова година и веднаш ќе се продолжи со следниот том. Но, истовремено, се почнува и со уште еден голем тезаурусен етимолошки речник кој ќе се работи можеби со децении. Но, првиот том од овој речник од помал обем ќе излезе до Нова година.
Пред две години реализиравте крупен и системски проект да се дигитализираат записите од пет милиони ливчиња од деветте картотеки. Дали проектот е комплетиран и го унапреди ли проучувањето на јазикот со тоа што овозможи олеснет пристап до записите што се чуваат во Институтот за македонски јазик?
-Целата дигитализација е завршена, но сега сме во друга постапка. Колегите од областа историја на македонскиот јазик, каде што ги имавме ливчињата со најстарите записи, ги добија и ги користат електронските записи, и на тој начин им е многу олеснета работата. Во сите области се прави прочистување на материјалот пред тој да биде јавно објавен за сите.

Разговарав со повеќе странски научници и тие истото го кажуваат – најдобро заштитен материјал е јавно објавениот материјал. Меѓутоа, во оваа фаза не е за јавно објавување затоа што, сметајте дека 70 години се собирани тие ливчиња, има осцилации, не големи, но има – во квалитет, во повторување итн. И затоа треба секоја област да си го погледне својот материјал.
Ние правевме едно прочистување кога се правеше Толковниот речник на македонскиот јазик во Картотеката на Толковниот речник на македонскиот јазик. Луѓето што најдобро ја познаваат работата и што најдолго работеле на овие картотеки низ годините треба да го погледнат материјалот, да го прочистат и да речат – да, ова е за јавност.
За нашите колеги тие се достапни, зачувани се со дигитализацијата, тоа е најважниот момент. Откако ќе заврши прочистувањето, со одлука на Советот на Институтот, материјалите би биле достапни за сите.
Науката за јазикот и неговата заштита зависи и од вложување во кадар, финансирање проекти и изданија. Вие соработувате со сродните установи во соседните земји и пошироко, па каква е состојбата на нашиот Институтот во споредба со нив на овој план?
-По долг период од 19 години ние вработивме млад научник, а 25 години поминаа додека и другите 16 не ги вработивме. Во околината има институти каде што секоја година се дозволуваат вработувања. Кај нас ова е макотрпна работа, но успеавме, и пред три години имавме 16 нови вработувања. Некои се веќе избрани во доценти односно научни соработници, што значи во меѓувреме докторираа. Барем една третина од новопримените докторираа, останатите имаат уште три години да докторираат и да ги имаме како научни соработници. Тие се од 25 до 40 години. Поминале години кога сме можеле некои од нив да ги вработиме кај нас, но се занимавале со друга работа, работеле во училишта, на други места. По дваесетина години добија шанса да се занимаваат со наука. Кога ги прашувам дали се среќни, позитивно одговараат и велат дека со љубов си ја работат работата. Од нивните ментори добивам пофални зборови, што значи дека нашите млади колеги си го наоѓаат своето место и својот пат во науката. Тоа само покажува дека ќе има кој да ја продолжи работата во македонистиката.

Во регионот има многу институти што имаат и поголеми плати, има институти што добиваат поголема финансиска поддршка. Меѓутоа, мислам дека ние знаеме да се справиме и со овие средства што ги имаме, па, еве, во оваа 2025 година Институтот организира три научни конференции – во рамки на Деновите на Благоја Корубин, на Рациновите средби и научна конференција во рамки на Отворените денови со 85 учесници од земјата и од странство. Исто така, одбележуваме Ден на мајчиниот јазик, Ден на македонскиот јазик, објавуваме по десет книги секоја година, реализираме проекти.
Минатата година го завршивме проектот Лексиката во македонската народна проза, финансиран од Министерството за образование и наука. Годинава Етимолошкиот речник – државата го прифати како национален проект, што е многу битно. Предизвик за нас сега е создавање Корпус на македонскиот јазик за кој материјалите ги имаме во Институтот преку дигитализацијата, но може да помогнат и да се вклучат медиумите и издавачките куќи со свои материјали што ќе влезат во него. Имаме и уште еден предизвик – правење Нормативна граматика на македонскиот јазик. Ние се надеваме дека наскоро двата проекта ќе бидат земени предвид од државата. Но, дотогаш и ние треба да направиме некои подготовки овде, конкретно за Корпусот, а за Нормативната граматика веќе имаме доволно квалификуван кадар.
Хатка СМАИЛОВИЌ
Фото: Фросина НАСКОВИ




