-Деновиве во Македонија, како издание на Антолог, а во превод на Елизабета Божиноска, беше објавена книгата на Кадер Абдула, „Бележникот на татко ми“. Ова е единственото интервју за македонски медиум со овој врвен писател од Иран („Дневник“ 2016 година), кој сега живее во Холандија. Исклучително четиво, кое не треба да се пропушти

-Мигрантите од друга страна покажаа дека Европа не е силна, туку дека е слаба и оти не е истата Европа од пред 60 години. И затоа што Европа е слаба тие доаѓаат тука. Но, имам добра вест за Европа – нив никој не може да ги сопре…, затоа што дојде новото време во историјата, кога е потребно мешање меѓу луѓето во нов регион. Како на пример во времето на Александар Македонски, истакнува за „Дневник“ Абдула

Еден од најпознатите модерни холандски писатели Кадер Абдолах (61), чие вистинско персиско име е Хосеин Саџади Гаемагами Фарахани го чекав два месеци за интервјуто да го направиме во сега неговиот град Делфт, Холандија, познат по тоа што ги дал врвниот сликар Вермер и познатиот филозоф Хуго Гроциус. Без дилеми третиот великан е Кадер, кој пишува под овој псеведоним создаден од иницијалите на неговите партиски другари ликвидирани од режимот на Иран. Еден од главните поводи за интервју со Кадер Абдула се моменталните процеси во Европа предизвикани од бегалскиот бран и затоа што токму Кадер е еден од тие што уште ја носи налепницата – бегалец. Во Холандија дошол во 1988 година откако решил да бега од Иран кој ги поминал турбуленциите на револуцијата, владеењето на шахот, потоа на Хомеини и конечно за време на ирачко-иранската војна тој го носи конечното решeние да пребега од земјата за да се спаси. На прашањето – зошто Холандија, Абдолах ми даде неочекуван одговор: „Тоа беше најевтиниот фалсификуван пасош што можев да го купам во Турција“.

Денес Абдолах го живее сонот на секој писател – живее од пишување, држи предавања. Неговите книги, откако буквално ќе растури со романот „Куќата на имамот“ издаден во 2008 година, сега се продаваат во тираж од 100.000 примероци и нагоре, до фантастични 300.000. Пишува колумни и е чест гостин на телевизиски дебати.

Ние сме сведоци на една слика во која повеќе од еден милион бегалци дојдоа во Европа. Дали ова ве вознемирува земајќи предвид дека еднаш вие бевте бегалец од Иран? И каде го гледате проблемот на овој нов егзодус?

-Не гледам проблем. Емигрантскиот бран за мене не е проблем, тука јас тоа го гледам како почеток на едно цутење, историјата ни подготвува нешто ново. Дебатата во Европа се води како проблем. Но јас гледам на тоа вака: на пример во Европа доаѓаат деца, најважните и најмилите членови на семејствата и се даваат на Европа без пари. Децата на кои тие им давале образование, љубов, се, сега им ги даваат на Европа без пари.

Да, има потешкотии, што не е исто што и проблеми. Потешкотии, затоа што, на пример, во едно мало село во Холандија доаѓаат илјада бегалци. Тоа за мене е исто така застрашувачко. Тоа е човечко чувство, и јас малку се плашам од нив, но тоа не е проблем туку нив треба да ги фатиме и да ги ставиме на вистинско место.

Но, тоа никој не го прави, освен до некаде Германија.

-Мигрантите од друга страна покажаа дека Европа не е силна, туку дека е слаба и оти не е истата Европа од пред 60 години. И затоа што Европа е слаба тие доаѓаат тука. Но, имам добра вест за Европа – нив никој не може да ги сопре. Европските политичари тоа го знаат. И ќе треба време да се среди сето тоа, да се надминат сите потешкотии.

Кога зборувам за проблеми мислев на тоа каде е коренот на тој егзодус, на миграциите.

– Луѓето на пример од Африка бегаат заради глад, од Сирија милиони бегаат, но зошто не одат во Дамаск? Вистинската причина е затоа што дојде новото време во историјата, кога е потребно мешање меѓу луѓето во нов регион. Како на пример во времето на Александар Македонски. По сто години многу нешта ќе се сменат. Ние ќе имаме микс на култури, нешто како нов Њујорк.

Значи, системот на Европа сега се тестира. Ако не е еластичен ќе пропадне?

-Мора да биде еластичен, зашто не можете тие милиони да ги запрете. По година-две тие пак ќе дојдат и ќе ја притискаат Европа да им направи простор и да ги прифати.

Но изгледа за европските политичари и за дел од јавноста во Европа не е толку голем проблем појавата на неонацизмот, туку опаснота од, како што велат, исламизацијата на континентот. Иако тоа е проблематично ако се земе предид дека нивната цифра е едвај  еден процент од целата популација.

-Исламот е исто така важен. Да, имаме лоши муслимани, терористи, но 99 проценти од нив се добри и пријателски луѓе како сите други. Мислам дека на Европа Ѝ треба нов начин на исламско размислување. Тоа во основата е во Коранот според кој станува збор за начин на размислување, а не на начин на дејствување, како што е тоа според Библијата. Христијанството, литературата, слободата се базирани на Библијата…

Би додал и грчката митологија…

-Секако и јудизмот и ова што сега го имаме. Исламскот бран е новиот елемент на европското општество. Мислам дека на Европа Ѝ треба нов начин на размислување и нова ДНК. Секако зборувам за култура.

Кога зборуваме за културните матрици генерално мислиме на западната и на источната. Ние како Македонци сме некаде во средина и имаме поинаков однос кон исламот, тој е наше секојдневие. Но, на Запад велат дека се загрозени нивните вредности? Како вие гледате на тоа?

-Секако дека постои страв и ние треба да ги слушаме. Разбирам кога некој вели „не го сакам  исламот“. Но, во исто време треба да ги кажам и моите зборови. Мене не ме сакаат, не ги сакаат имигрантите, исламот, а ги купуваат моите книги. Во човечката природа е десет пати да кажеш те мразам, а потоа да кажеш ми се допаѓаш. Треба време за она што радикално сте го одбивале  потоа да го прифатите. Тоа е човечко.

Политичарите зборуваат за опасности, како на пример тероризмот, за војни, но речиси воопшто не зборуваат за хуманизам. Зошто?

-Чувствуваат дека Европа се менува и дека можеби се губат некои од дневните вредности. Ние во Холандија го слушаме Герт Вилдерс кој постојано вели „јас сум исплашен, јас сум исплашен“. Тој Герт Вилдерс ми се допаѓа, зашто тој кажува работи кои некои луѓето не сакаат да ги кажат и тоа е здраво за општетсвото. Подобро е да се каже в лице отколку зад грб и тоа е добро за балансот во општетството.

AppleMark

Дали после терористичките напади во Париз и во Брисел луѓето ќе бидат помалку толерантни кон муслиманите?

-Не, луѓето ќе извикуваат мразам муслимани, но тие знаат дека теоризмот е само мал дел од луѓето. Тие знаат дека 99,9 проценти од муслиманското население нема врска со тероризмот.

Зборуваме за муслимани, христијани… а што со секуларистите?

-Повеќето муслимани се секуларни. Јас сум муслиман ама никогаш не сум бил во џамија и не сум се молел. Не сум го читал Коранот како света книга, туку како прекрасна древна книга. Тоа се однесува и за моите пријатели за кои исламот е дел од нивната  култура, но се секуларни. Поголемиот дел од муслиманското население во Европа е секуларно.

Дали холандското општество е толерантно?

-Тоа е едно од најтолерантните во Европа. Таа култура мене ме спаси. Тие ги знаат вредностите на странецот, имигрантот. Ги знаат вредностите на другите култури. Биле во Америка, Јужна Африка, Индонезија… и знаат дека човекот што доаѓа носи големи вредности и се обидуваат да го пронајдат најдоброто што го носат со себе. Ако ги откријат вашите вредности тие ќе ви ја дадат и нивната ќерка. Тоа не можете да го видите во Шведска или во Данска, каде на пример, ќе ви дадат пари, стан, ТВ и толку, ќе ве остават настрана, апартхејд. Или во Норвешка, пари, пари, ќе ви дадат и работа и подалеку од нивните очи. Овде велат треба да работиш заедно со мене, да имаме контакти и тоа е многу добро.

САКАМ БАРЕМ ДЕСЕТ ГОДИНИ ДА ПОЖИВЕАМ СО МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК

Едно лично прашање – дали планирате да се вратите во Иран?

-Никогаш не се вратив назад, ама имам еден опасен сон да се вратам. Како имигрант вие живеете во вашата имагинација во која создавате една националистичка убава слика за вашата земја, за вашиот град, се е убаво, но тоа не е точно. Ако се вратиш ти си имигрант. Но, тоа е мој сон. Решив да напишам уште неколку години и да се вратам. Сакам моите последни години да ги поминам во мојата татковина. На моите ќерки им кажав дека ако ненадејно починам имам пари за да ме погребаат таму. Би сакал барем десет години да поживеам со мојот мајчин јазик.

Ќе ни кажете ли што се случуваше со вас во 70-тите, турбулентните години на Иран?

-Тогаш бев активен член на левичарска партија,Че Гевара, Кастро, знаете. Во тој период сите партиски лидери беа уапсени, некои беа егзекутирани, некои беа затворени. А по осумгодишната војна Иран-Ирак веќе не беше возможно да останам таму – требаше да изберам или да бидам ликвидиран или да скапувам во затвор. Јас решив да побегнам.

Бевте во армијата тогаш?

-Не работев како новинар, пишував.

Дали гледате промени во Иран?

-Има промени, Рохани е во ред, но ајатолахот е доста конзервтивен, но Иран оди во добар правец.

Иранската дијаспора е најмоќна во САД. Дали токму САД беа тие што ја упропастија идејата за слободен Иран?

-Америка направи многу погрешни нешта. Политиката е во рацете на Израел, а Израел е непријател на Иран и не се возможни добри односи со  нив.

Која е вашата порака како писател, како човек во овој момент до Европејците, што е важно за нас?

-Уживајте, уживајте во промените, кажете го вашето мислење, кажете дека не ги сакате бегалците или дека ќе им помогнете. Ова е прашање на вашето време. Исто како со смртта, со раѓањето, со љубовта, не можете ништо да сторите со имигрантите

СЕ МЕНУВА И БЛИСКИОТ ИСТОК

Дали Сиријците ќе се вратат во Сирија, или ќе остане пуста држава?

-Повеќето ќе се вратат, градовите ќе се обноват, ќе има и нови држави.

Дали е можно муслиманите да живеат во мир со христијаните на Блискиот Исток?

-Сега не. Постои голема омраза. Но, историјата го менува и Блискиот Исток, ќе треба да почекаме. Ова не е ништо ново. Некогаш Иран беше толку голем, сега е мал, исто и со Ирак, тоа се случи и со Југославија. Но, ова треба да се ужива, зашто ова е нашето време.