Дојдов од Њујорк зада ја бранам честа на мојот дом. Дојдов затоа што како и Алберт Ајнштајн за времето на прогонот на Евреите, чуствувам дека „молкот ме прави соучесник….во време кога не смее да се молчи“, кажува за Денешен.мк, Нестор Огинар, македонски исленик, активист, борец за македонските права. Тој е познат по своите протести во одбрана на името на Македонија пред ОН во Њујорк, а сега неговиот протест се пресели во Скопје со иста цел – да се брани и одбрани името.
„Запалив свеќа за да опстане Македонија, во нејзино здравје“, вели Огинар.
Господине Огинар, како ја гледате Македонија денес – како суверена држава или новиот „Хеленски Хонг Конг на југоистокот на Европа?
-Во Македонија дојдов од Њујорк за да ја пресретнам Данајската флота од „илјада бродови “што пловат кон бреговите на Македонската Троја. Дојдов на повикот на мојата „Пенелопе“ за да ја бранам честа на мојот дом. Дојдов затоа што, како и Алберт Ајнштајн за времето на прогонот на Евреите, чувствувам дека „молкот ме прави соучесник“…, во време кога не смее да се молчи!
Вие излеговте на протестите, имавте обраќања до насобраниот народ пред Собранието? Можете ли да ги споделите вашите чувства, ќе се вратите ли во Америка, сепак, со некаква надеж дека Македонија може да го помине ова премрежје?
– Наспроти се, се чувствувам охрабрен од будењето на свеста кај нашиот народ, од знаците дека конечно инстинктот на самоодбрана станува посилен од инстиктот на самоуништување и самопрезирање. Не сакам да зборувам за големината на масите на македонскиот народ затоа што во овој миг, и барем за кратко, за мене е поважна кремената волја на Македонците што протестираат како вруток на ослободената национална енергија што досега беше затворена во големите политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ . Очекувам набрзо нејзината гравитација да ги привлече оние што останаа на Островот на лотусот, дрогирани од вкусот на таа билка на Заборавот. Тука сум за да ги поттикнам и тие подзаспаните и да им кажам да не се влечкаат слушајќи ја песната на сирените. Не чекаат опасните карпи на Сцилата и Харибдата, додека плови е се уште со компас под кој што „македонските“ политичари и нивните покровители ни подметнаа Магнет. Ќе мораме да пловиме со очи широко отворени кон Ѕвездата Деница за до го дочекаме новото ИзгрејСонце.
Дали бевте на демонстрациите кога полицијата употреби сила против луѓето што протестираа?
– Бев жив сведок на бруталноста на полицијата кон народот што протестираше. Бев сведок на непотребно прекумерна сила на полицијата со средства што не се употребуваат при мирни протести. Кога полицијата излегува надвор од периметарот на тоа што треба да го чува и брани, кога од дефанзивна поза оди во офанзивна, кога со пендреци тепа луѓе со мали деца во пазувите, кога употребува и солзавец, и гумени куршуми, тогаш таа не го чува редот и мирот, туку заедницата на една автократска власт исплашена од оправданиот гнев на народот. Ако за ова нема одговорност, тогаш власта ќе биде одговорна за тоа.
Вие сте јазичар, навлегувате во неговата суштина, народски кажано го мерите секој збор, а тоа во англосаксонската култура е многу важно. Што вашите очи и искуство гледаат во Преспанскиот договор?
-Неколку пати го препрочитав „Преспанскиот договор” (англиската верзија) и ќе речам дека преставува и јазична и политичка стапица во која Македонија е фатена со обете нозе. Пандорината кутија се уште не запечатена со несреќниот „Букурешкиот договор” сега е наполно отворена и претставува закана за самиот опстој на Македонија и Македонците. За мене ова е „новото европско Ираде“, по чија што наредба од „Султанот”, Македонија и Македонците сами ќе треба да се укинат и избришат од сите книги и тефтери во кои се запишани повеќе од две ипол илјада летија. Со овој “договор” Македонија и Македонците губат и Име и Идентитет и и Историја и Култура и Минато и Иднина и Достоинство и Образ и и Основни права на самоопределување и самопоистоветување. Преамбулата и членовите 4, 7, 8 и 9, меѓу другите нивната содржина преку семантиката и синтаксата се само еден јазичен лавиринт во кој се крие намерата на Грците, ЕУ и НАТО, како и ООН, преку посредникот Нимиц, на еден еуфемистички начин да се сокрие невозможниот Фашизам со кој се укинува еден цел народ, една цела држава и цивилизација чии што корени почиваат длабоко на геоетничкиот и историски простор на Македонија. Ова преставува, во секој смисол па и онтолошки, културен и, уште пострашно, антрополошки геноцид врз Македонија и Македонците како дел од светската цивилизација! Тоа мора да се спречи по секоја цена. Ние Македонците мораме да реагираме и да го спречиме спуштањето на Данајците од стомакот на Тројанскиот Коњ!