Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, на свеченост во Вилата Билјана во Охрид попладнево го врачи признанието „Инженерски прстен 2018“, што по 15. пат им се доделува на најуспешните дипломирани студенти од техничките факултети.
По повод 15 годишниот јубилеј, Инженерска институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, на Иванов, му доделија признание за континуирана поддршка на манифестацијата, како значаен сегмент во промовирање на инженерството и инженерските струки во Република Македонија.

Младите научници и инженери, според претседателот, се идните градители на напредокот на Република Македонија.

– Инженерскиот прстен не е само признание, туку е и обврска за вас да му останете верни на вашиот професионален повик. Тоа е повик да нудите решенија, да проектирате, градите и создавате, да бидете креативни и иновативни, истакна Иванов, охрабрувајќи ги младите да продолжат да ги усовршуваат своите вештини и да ги надградуваат своите знаења.
Говорејќи за значењето и за историјата на манифестацијата, претседателката на Асоцијацијата на здруженија на инженери – Инженерска институција на Македонија, Христина Спасевска рече дека покровителството од страна на претседателот на државата уште од самиот почеток, го потврдува значењето на оваа иницијатива.
– Сѐ почна пред 15 години, кога група универзитетски професори и професионалци, ентузијасти и членови на Инженерската институција на Македонија си поставија за цел промовирање на инжерските дисциплини кај младите, истакнување на најдобрите и укажување дека само со квалитетни инженери, може да се следат трендовите во науката и новите технологии, што единствено ќе овозможи развој на сопствената земја, рече Спасевска.
Добитниците на инжинерскиот прстен, според претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Миле Димитровски, доаѓаат од првите пет најдобро рангирани универзитети и од факултети со високи оценки за акредидатцијата.

– Тие се пример дека треба да се вложува во себе за што е важно и знаењето и оценките и навременото завршување на започнатото, посочи Димитровски.

Во име на наградените дипломци, Александар Ѓерасимовски упати благодарност до претседателот Иванов за поддршката, потенцирајќи дека Инженерскиот прстен е најпрестижната награда за еден млад и квалитетен инженер, кој е движечката сила во технолошкиот развој во нашето општество.

– Привилегија за нас е членството во Клубот на носители на инженерскиот прстен, кој ги обединува добитниците на ова престижно признание и ни овозможува остварување контакти со најдобрите од секоја сфера на инженерството, рече Ѓерасимовски.

Масивниот развој во сите сфери од техниката, како што додаде, бара квалитетен кадар и упати апел до соодветните институции во државата, да создадат услови младите луѓе да останат и да го дадат својот придонес во развојот на нашата татковина.

Традиционалната манифестација „Инженерски прстен” која е во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а под покровителство на Претседателот на Република Македонија, претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји. Во изминативе 15 години ова признание го добиле најдобрите 150 дипломирани студенти кои ги негуваат инженерските дисциплини.