Иран почна да вбризгува ураниумски гас во центрифугите во својата подземна нуклеарна постројка Фродо, објави денеска иранската државна телевизија.

Во извештајот се наведува дека вбризгувањето почнало во присуство на инспектори од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Тоа е четврти чекор на Техеран за намалување на почитувањето на обврските од нуклеарниот договор потпишан со светските сили во 2015 година.

Ваквиот потег за вбризгување ураниумски гас во 1.044 центрифуги, вчера го најави иранскиот претседател Хасан Рохани порачувајќи дека сите чекори на Иран кон намалување на почитувањето на обврските од договорот би можеле да бидат повлечени и оти Техеран ќе им се вратат на своите обврски кога тоа ќе го направат и останатите потписници.

Шефот на иранската Организацијата за атомска енергија Али Акбар Салехи вчера изјави дека Иран работи на прототип на центрифуга која е 50 пати побрза од дозволеното со нуклеарниот договор со светските сили.

Салехи истакна дека името на прототипот е ИР-9 и ќе биде 50 пати побрз од првата генерација ИР-1с, што беше дозволен со Договорот од 2015 година.

Тој наведе дека Техеран користи напредна центрифуга 60 ИР-6 што може да произведе збогатен ураниум десетпати побрзо од првата генерација центрифуги ИР-1с.

Според нуклеарниот договор Иран има право да произведува збогатен ураниум само со посредство на 5.060 центрифуги од правата генерација ИР-1.