Иран сè уште не испратил никакви претставници на разговорите со САД во Исламабад, пренесуваат државните медиуми.
Ниту експерти за прелиминарни дискусии, ниту главна делегација не отпатувале во пакистанската престолнина, се наведува во извештајот на државното радио, пренесе ДПА.
Владини претставници нагласија дека преговорите нема да се водат под сенка на „закани и кршење на договорите“, јавија државните медиуми.
Втората рунда разговори со САД би зависела од тоа дали Вашингтон ќе отстапи од своите позиции, иако не беа дадени дополнителни детали.
Клучна точка во спорот останува американската поморска блокада на иранските бродови и пристаништа. Претседателот Доналд Трамп на Truth Social објави дека ќе ја задржи блокадата додека не се постигне договор.
Според пакистански безбедносни извори, Техеран го услови своето учество во разговорите со укинување на блокадата.
Двонеделниот прекин на огнот меѓу САД, Израел и Иран треба да истече утре. Трамп за Блумберг вчера изјави дека е „малку веројатно“ дека ќе го продолжи без договор.




