Официјален Техеран го критикуваше американскиот претседател Џо Бајден за изразената поддршка на протестите во Иран, што почнаа поради смртта на младата Махса Амини, јавија британските медиуми, цитирајќи ја иранската агенција ИСНА.
Коментирајќи ги антивладините протести во Иран кои доведоа до смртта на Махса Амини на 16 септември, Бајден вчера изјави дека е изненаден од храброста на луѓето што излегоа на улиците во Иран.
– Бајден се вмеша во државните работи на Иран изразувајќи поддршка за немирите. Во текот на изминатите неколку дена, американската Влада очајнички се обидува да предизвика немири во Иран под различни изговори, изјави Насер Канани, портпарол на Министерството за надворешни работи на Иран.
Протестите околу смртта на Амини се еден од најсериозните предизвици со кои се соочи Исламската Република од револуцијата во 1979 година. Демонстрации има насекаде во Иран, а некои луѓе дури и скандираат дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, мора да умре, забележуваат британските медиуми.