Несогласувањата во НАТО продолжуваат, а овој пат жртвата на таквите односи е набавката на американски ловци Ф-35 за Турција, која сенаторите во Вашингтон ја стопираа. Причина – Турција сака да купи напредни ракетни системи С-400.

Анкара веднаш одговори дека авионите и требаат, и оти ако не ги добие ќе мора да бара алтернативи.

Првите од стоте нарачани американски Ф-35 напредни ловци треба на Турција да и бидат испорачани на 21 јуни, но сега целата зделка може да остане во магацините откако сенаторите изгласаа договорот да се анулира.

Законодавците на ваков чекор се одлучиле од две причини – правата е планот на Турција да купи руски батерии земја-воздух С-400. Втората причина е апсењето на пасторот Ендру Бренсон, кој е американски државјанин и турските власти го држат во пртивор под обвинение за шпионажа и помагање на лицата кои го планирале неуспешниот воен удар во 2016 година.

Турција, сепак, не се загрижи многу по ова гласање и испрати порака преку министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу кој за медиумите во Турција изјави: Ние ги добиваме С-400 системите, тоа е завршен договор“.

Премиерот, пак, Бенали Јилдирим истакнува дека потегот на американскиот Сенат е „несреќен развој“ за односите меѓу двете земји.

„Иницијативата оди спротивно на духот за стратегиско партнерство“, изјави Јилдирим.

Сепак според него, гласањето во Сенатот нема да ја спречи испораката на авионите. Од друга страна, пак, Турција не се повлекува ниту од случајот со пасторот Бренсон кого го поврзува со дејностите на Фетула Ѓулен и со групата терористичката група ФЕТО.