Турција ќе одговори со „реципрочни мерки“ доколку САД воведат санкции кон земјата поради набавката на рускиот противракетен систем С-400, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.

Изјавата на Чавушоглу претставува реакција на најавите на Вашингтон дека САД ќе воведат санкции кон Турција и ќе ја исклучат земјата од својата програма за борбени авиони Ф-35, доколку Анкара не се откаже од плановите за вклучување на руските системи С-400 во своето вооружување.

Чавушоглу нагласи дека Турција нема да отстапи од своите планови во вооружување, додавајќи дека во оваа фаза е невозможно земјата да ја откаже нарачката на системите С-400.