Изминатата 2023 година ја одбележаа неколку новини во енергетиката пред се повторното враќање на дневната евтина тарифа за струјата и вообичаената ставка на ДДВ за потрошената електрична енергија од страна на домаќинствата на 18 отсто, воведувањето на надоместокот за пристап до мрежа од 200 денари месечно што ќе го плаќаат сите корисници, како и примената на новиот модел за определување на цената на струјата со сменета процедура, но иста суштина.
Во 2023 година универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ по првпат ја определи крајната цена на електричната енергија што од 1 јануари 2024 година ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар.
Согласно одлуката, цената на струјата за домаќинствата од 1 јануари ќе се намали за 5,16 отсто за првиот блок, за вториот блок и за евтината тарифа останува иста, за третиот блок поскапува за 2,88, а за четвртиот блок за 1,86 отсто. Тоа го овозможи воведувањето на надоместокот за пристап до мрежа од 200 денари месечно што ќе го плаќаат сите корисници. Во спротивно доколку не се воведеше, како што вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски, ќе имаше поскапување за 3,4 отсто во прв блок, за 8,62 во втор, за 9,46 во трет и за 4,92 отсто во четврт блок, додека евтината тарифа ќе се зголемеше за 15,42 отсто. Дополнително, надоместокот за пристап до мрежа овозможи намалување на мрежарината за речиси 23 отсто.
Во првиот блок се домаќинствата кои трошат од 0 до 210 киловат часови електрична енергија месечно, во вториот од 210 до 630, во третиот од 630 до 1.050 и во четвртиот тие што трошат над 1.050 киловат часови месечно. Според Бислимоски, некаде околу 80 проценти од домаќинствата се во првиот и во вториот блок. Смета дека со воведувањето на евтината дневна тарифа ќе се намали потрошувачката по блоковите, а за сметка на тоа ќе се зголеми во евтината тарифа каде цената е двапати поевтина отколку во првиот блок.
За 2023 година карактеристично е и повторното враќање на стапката на ДДВ за електрична енергија на 18 отсто од 1 јули, која поради кризата првично беше намалена на 5 отсто, а од почетокот на годината се врати на 10 отсто.
Универзалниот снабдувач по првпат ја донесе одлуката за цената на струјата на регулираниот пазар
Одлуката за цената на струјата што ќе важи од 1 јануари 2024 година „ЕВН Хоум“ ја донесе под контрола на РКЕ, која ќе продолжи да го контролира универзалниот снабдувач со електрична енергија при носењето на одлуките за цените на струјата во наредните пет години. Претходно РКЕ ги доби барањата од сите енергетски компании кои ги разгледа и ги одобри по што конечните податоци ги испрати до универзалниот снабдувач кој по веќе постојната формула само ја пресмета цената на електричната енергија.
Новиот начин на определување на цената е обврска согласно последните измени на Законот за енергетика, со кои универзалниот снабдувач со електрична енергија на регулираниот пазар „ЕВН Хоум“ има обврска да ја пресмета цената на електричната енергија по истиот тарифен систем по кој досега ја пресметуваше РКЕ.
Тие пресметки, како што појасни претседателот на РКЕ Бислимоски, потоа универзалниот снабдувач ги доставува до РКЕ, а доколку регулаторот има забелешки во однос на примената на тарифниот систем и начинот на кој што се извршени пресметките, носи посебна одлука и таа ја доставува до универзалниот снабдувач кој е обврзан да ја примени.
– Крајните цени, наместо РКЕ, во „Службен весник“ ги објави универзалниот снабдувач“. Тоа е концепт којшто е усогласен со европското законодавство и за првпат го применивме кај нас. Концепциски, РКЕ досега ја носеше конечната одлука, а сега има еден чекор помеѓу, а тоа е проверка што доставил универзалниот снабдувач кој е обврзан да ги објави цените на блоковите за домаќинствата и за малите потрошувачи, посочи Бислимоски.
Нагласи дека РКЕ најмалку пет години ќе ја прави проверката, како меѓучекор кон целосна либерализација на пазарот на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи и додаде дека тоа е гаранција дека нема да има ценовни шокови за граѓаните. Во меѓувреме, РКЕ и понатаму ќе ги носи одлуките за мрежарина и за пренос на електрична енергија на регулираниот пазар.
Во 2024 година ќе се бира нов универзален снабдувач
Токму на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ на 30 јуни 2024 година му истекува пет-годишниот договор за снабдување со електрична енергија на потрошувачите на регулираниот пазар. Поради тоа Владата на 11 декември 2023 година објави јавен повик за избор на нов универзален снабдувач што ќе треба во наредните пет години, почнувајќи од 1 јули 2024 година да ги снабдува со електрична енергија потрошувачите на регулираниот пазар. Повикот треба да заврши на 12 јануари 2024 година кога ќе се одржи електронска аукција на која услов за добивање на тендерот е да се понуди профитна маржа пониска од 11,5 отсто, колку што изнесува маржата на досегашниот универзален снабдувач „ЕВН Хоум“. За повикот покрај постојниот универзален снабдувач интерес појави и грчката ЕДС – „Енерџи деливери солушнс“, која е фирма ќерка на Грчкото електростопанство ППЦ.
Повторно евтина дневна тарифа за струјата
Изминатата 2023 година ја окарактеризира и повторното воведување на евтината дневна тарифа за домаќинствата од 1 декември во периодот од 13 до 15 часот со што вкупно 11 часа имаат на располагање евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во недела.
РКЕ во декември 2021 година ја укина евтината дневна тарифа за домаќинствата заради цената на електричната енергија на берзите која се движеше од 300 до 400 евра за мегават час, а во текот на денот достигнуваше и до 500 и 600 евра па и повеќе.
Како што посочи претседателот на РКЕ Бислимоски за МИА, евтината дневна тарифа не се враќа заради политиката, туку заради фактот што цената на електричната енергија на пазарот во текот на денот, особено во периодот од март до ноември, е за два до три пати пониска отколку во текот на ноќта.
-Оваа одлука е пазарен механизам затоа што преку ден цената за струја на берзите е до три пати поевтина отколку навечер и е практичен резултат на „Елдорадото“ на фотоволтаици, изјави Бислимоски за МИА.
Кога имате зголемени производство преку ден, додаде, логично е цената на струјата да се намали во тој период.
-Во исто време е пазарен сигнал до домаќинствата, до ЕВН и до ЕСМ – купувајте на берза кога е поевтина од произведената за граѓаните да имаат евтина дневна тарифа. Со воведување на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во недела. РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклусот во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден, појасни Бислимоски.
Според него, од 1 декември евтина дневна тарифа добија сите потрошувачи кои имаат броила што се читаат од далечина, а до крајот на декември ќе добијат околу 90 проценти од домаќинствата. Проблем ќе бидат домаќинствата кај кои се недостапни броилата.
Цената за парното греење донесена со задоцнување поради опожарувањето на мостот „Беласица“
Друга новина во 2023 година беше фактот што поради пожарот на мостот „Беласица“ во Скопје, во кој беше оштетен главниот топловод, по првпат наместо во август цената на парното греење беше донесена на 1 ноември откако РКЕ се увери дека е почната санација на топловодот и на мостот. Со одлуката за 4,51 отсто се зголеми цената на парното греење во Скопје.
Според најавите од РКЕ, не се очекува да има корекција на цената до крајот на грејната сезона и покрај најавеното воведување такса од 10 евра од страна на Бугарија за транспорт на мегават час руски природен гас низ бугарскиот гасовод.
-Корекции на цената до крајот на грејната сезона нема да има без разлика на таксата за руски гас. На последниот тендер за набавка на природен гас, цената е вообичаена и е некаде во рамки на берзата во Холандија, најголемата берза во Европа. Дали во таа цена е вкалкулиран екстра трошок или не, не знаеме, но цената е во рамки на цената на европските берзи. Верувам дека во наредниот период ќе бидат преземени сите мерки, зашто Македонија на ниту еден начин не треба да биде погодена од воведувањето на оваа такса зашто оваа такса се однесува исклучиво на руски гас и јасно е дека земјава не била таргетот, туку тоа се други држави кои не знам од кои причини се однесуваат така како што се однесуваат, изјави тогаш претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, неодамна најави дека ќе бараат оштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата доколку не бидат ослободени капацитетите на гасоводот преку кој се снабдуваме со гас од Бугарија, бидејќи токму Бугарија до 2030 година му ги има отстапено сите капацитети на овој гасовод на руски „Гаспром“ со исклучок на капацитетите кои лани беа ослободени.
-Ослободувањето на капацитетите е обврска на Европската Унија согласно начелата за целосна либерализација на пазарите. Не може да се воведе такса само за една држава. Во делот на гасоводот на Бугарија со Србија не се закупени капацитетите од страна на „Гаспром“ што значи дека Србија може да користи и други извори освен рускиот гас, а во случајот на нашата држава сами го имаат дадено целиот капацитет на гасоводот под закуп на „Гаспром“ до 2030 година, освен последните капацитети што лани беа ослободени. Затоа бараме веднаш да се ослободат капацитетите и да имаме можност и ние да бидеме снабдувани и од други извори за потребите што ги имаме, вклучително од Азербејџан или ЛНГ терминалите, изјави Бектеши.
Капацитетите на гасоводот, како што посочи Бектеши, не се закупени од „Гаспром“ на нашата територија, туку на територија на Бугарија која воедно е и територија на ЕУ.
– Затоа доколку не се ослободат капацитетите ќе бараме оштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата, рече Бектеши.
Порача дека додека е министер за економија нема да прифати никаква уцена од никоја држава во делот на снабдување и загрозување на енергетската безбедност на државата.
-Да уцениш држава е неприфатливо и е спротивно на начелата на работа на Европската Унија, а Бугарија е членка на ЕУ и веднаш треба да ги укине таксите не само кон нашата држава, туку и генерално бидејќи се неприфатливи во ЕУ. Ни кажаа дека ќе направат напори да ги ослободат капацитетите и ја очекуваме нивната одлука. Во случај да не ги ослободат капацитетите, ќе ги користиме моменталните капацитети што ги имаме и ќе бараме дополнителни отштети од Бугарија и Европската Унија, бидејќи бараме само ослободување на капацитетите и не се мешаме во нивната фискална политика за воведување на дополнителни такси, рече Бектеши.
Во меѓувреме Бугарија најави дека ќе ја укине таксата откако Унгарија се закани дека ќе и стави вето на влезот во Шенген зоната, токму поради таксата со која беа засегнат и тие заедно со Србија.
Вкупно 64.000 домаќинства во Скопје се снабдуваат со топлинска енергија преку системот за централно греење кој работи на природен гас.
Првпат успешен тендер за Чебрен, не се знае дали ППЦ-Архиродон ќе ја продолжи постапката за градба на реверзибилната хидроцентрала
Во 2023 година беше објавен и 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала Чебрен, но овој пат Владата на 14 септември првпат избра најповолен понудувач – ППЦ-Архиродон, кој подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаш да одлучи дали ќе продолжи со проектот.
Неодамна министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова по завршувањето на состанокот со компанијата во просториите на Министерството информираше дека е продолжен е рокот на грчката компанија „Архиродон“ за изградба на хидроцентралата Чебрен. Најави дека до крајот на годинава ќе има конкретни информации дали ќе продолжи постапката за изградба на Чебрен или не.
-Жалбената постапка е запрена и повторно ги разгледувавме жалбените наоди и нивната оправданост. Тоа не значи дека постапката за Чебрен престанува, односно значи дека продолжува, рече Шукова.
Нагласи дека избраната компанија со одлуката за избор од 14 септември годинава ќе биде информирана дека треба да пристапи кон исполнување на обврските од веќе донесената одлука.
-Од грчката компанија Архиродон се жалеа на содржината на одлуката, бидејќи согласно Законот за води, прво мора да добиете дозвола за води, а потоа да се потпише договор за концесија. Тие сметаат дека треба прво да се потпише договор за концесија, а потоа постапката да продолжи понатаму, појасни Шукова.
Меѓутоа, како што кажа, во случајов Законот за води е „легс специјалис“ во однос на Законот за јавни набавки и Законот за концесии.
-Ние ќе се држиме на она што го регулираат нашите закони и ќе биде информирана компанијата. Нивната банкарска гаранција од 1,4 милиони евра е до крајот на годината и ако ја продолжат ќе значи дека ќе продолжи процесот, ако не се продолжи банкарската гаранција, автоматски ќе се прекине процесот, истакна Шукова и додаде дека до крајот на годината ќе има информации во која насока ќе оди постапката.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, порача дека на грчката компанија Архиродон, која е добитникот на тендерот за изградба на хидроцентралата Чебрен, е да одлучи дали ќе продолжи во постапката или нема.
-Ако имале дополнителни барања во однос на договорот, тогаш тоа се барања кои излегуваат од рамката на договорот кој бил предмет на тендерската постапка која им била достапна на сите други компании кои учествувале на тој тендер. Тендерот за изградба на хидроцентралата Чебрен е меѓународен тендер кој е објавен и на кој учествувале девет или 10 реномирани меѓународни компании, чиј составен дел на тендерската документација е договорот за концесија, рече Ковачевски.
Здружението на инженери на Република Македонија смета дека проектот за изградба на хидроцентралата Чебрен по пат на јавно – приватно партнерство е штетен и со него се нарушува електроенергетската независност на земјава бидејќи се дава концесија за 60 години, плус седум години за изградба. Велат дека мора да останат во државна сопственост сите значајни енергетски капацитети и оти секое распродавање на блоковите во РЕК Битола и, особено, на хидроцентралите е поткопување на енергетската независност и на енергетскиот суверенитет на државата, а со тоа и на нејзиниот државен суверенитет.
-Со давањето под концесија нема да добиваме струја од ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Тиквеш и ќе ни биде исто како да ја купуваме на берза од било каде. Сега имаме струја, а во иднина ќе треба таа иста струја да ја купуваме на берза по берзански цени кои се петпати поголеми од цените по кои сега ја купуваме, порачуваат од Здружението.
Оттаму до повеќе институции, меѓу кои и до претседателот на државата, доставија претставки со кои бараат да се поништи тендерот за Чебрен.
Владата на 14 септември на 185-тата седница донесе одлука со која се овозможува реализација на хидроцентралата Чебрен, со проценетата вредност на инвестицијата од околу една милијарда евра. Со одлуката е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено е Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро. По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае седум години.
-Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за животна средина и просторно планирање за Извештајот од евалуацијата на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија и изградба на хидроелектрични централи на Црна Река. Согласно извештајот на Комисијата донесе одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece, односно ППЦ-Архиродон, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација, соопштија тогаш од владината прес-служба.
Според Извештајот на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на предметната концесија, понудувачот ППЦ-Архиродон е избрана за најповолна, со оглед на тоа што понудувачот ги исполнил условите содржани во јавниот повик и тендерската документација и доставил најповолна понуда.
-Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од три месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33 отсто од акционерскиот капитал. Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за водите, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата, посочија тогаш од Владата.
Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години од минатиот век. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години, а последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година.
И во новиот пакет антикризни мерки предвидена субвенција за електричната енергија
При презентацијата на деветтиот пакет антикризни мерки премиерот Ковачевски најави дека ќе продолжи и мерката за субвенционирање на струјата и парното греење и дека ќе продолжи 90-процентното субвенционирање на цената на струјата за 611 илјади домаќинства и 68 илјади мали потрошувачи, за што се проценува дека ќе бидат потребни 35 милиони евра.
-Ја субвенционираме и цената на топлинската енергија. За парното за домаќинствата и компаниите за 63 илјади корисници во Скопје и оваа година ќе биде обезбедена субвенционирана цена за што се проценува дека ќе требаат 7,4 милиони евра, рече Ковачевски.
Ќе продолжи, како што кажа, и финансиската поддршка за сметките за струја за домаќинствата со ниски приходи, корисници на гарантирана минимална помош и социјална пензија. За нив поддршката ќе изнесува 1.200 денари месечно во наредните шест месеци. Со мерката се опфатени над 50 илјади корисници и е во вкупен износ од 5,9 милиони евра.
Земјава од увозник се движи во насока да стане извозник на струја
Токму во 2023 година според претседателот на РКЕ Бислимоски земјава од увозник на електрична енергија преку зелената енергетска транзиција, поттикната од енергетската криза која придонесе за зголемување на инсталираниот капацитет за повеќе од 30 проценти во изминативе години, полека но сигурно се движи во насока да стане извозник.
-РКЕ од 1 јануари 2022 година до сега има издадено преку 600 лиценци за производство на електрична енергија од кои 99 отсто се за фотоволтаици со што новоинсталираниот капацитет изнесува 420 мегавати, а до крајот на 2023 година се очекува да достигне до 600 мегавати, рече Бислимоски во септември во разговор за МИА.
Се разбира, додаде, дека производството на електрична енергија од фотоволтаици на годишно ниво е пониско во споредба со некоја термоелектрана, но фотоволтаиците помагаат да се намали увозната зависност на земјава.
-Во првите седум месеци од 2023 година увозот на електрична енергија, кој во зависност од година изнесувал од 30 до 40 проценти, е сведен на 14,5 проценти со што се стабилизира и ситуацијата со одлив на средства од државата, порача Бислимоски.
Претседателот на РКЕ смета дека трендот на изградба на нови фотоволтаици ќе продолжи и понатаму и вели дека засега не сметаат за балансирање на системот.
Валентин Јанковски
Фото: МИА архива