Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу соопшти дека во некои делови од градот синоќа е измерен дури 85 сантиметри снег. Затоа, многу патишта во градот се затворени, јави агенцијата Анадолија.
Аеродромот во Истанбул е затворен за летови поради обилните снежни врнежи. „Туркиш ерлајнс“ ја продолжи забраната за слетување авиони на аеродромот до 00:00 часот на 26 јануари, соопшти денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Градоначалникот ги следи активностите на Центарот за координација при катастрофи. Врнежите од снег кои паѓаат денеска, Имамоглу ги опиша како „катастрофални“.
Заглавени возачи со часови на улици и булевари, полесно повредени патници на воз, паднати дрва, прекини во снабдувањето со електрична енергија, остави зад себе невремето „Елпида“, снежната бура што од вчера наутро ја зафати областа Атика поширокиот дел на Атина, а денеска, со одлука на грчката Влада е неработен ден за јавниот и приватниот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.
Особено тешка беше ситуацијата на автопатот што ги поврзува атинските предградија, каде што стотици автомобили над 12 часа останаа заглавени и синоќа беше активирана војската која во текот на целата ноќ интервенираше за да им помогнат на возачите, а операцијата продолжи и утрово.
Непознат е точниот број на возила заглавени, веројатно се над 1.000, а некои и 20 часа подоцна, сè уште не се отстранети.
Дел од возачите во обид да стигнат на друг начин до нивните домови ги напуштиле возилата, дел биле пренесени во локални хотели за да ја поминат ноќта.
Конкретниот автопат е во сопственост на приватна компанија и министерот за климатска криза и цивилна заштита Христос Стилијанидис рече дека целата одговорност за хаосот на автопатите ја носи компанијата.
Слични проблеми имаше и на булевари во Атина, со заглавени возила.
Поради снегот, воз што сообраќаше од Атина кон Солун, запре во близина на градот Ливадија, а во обид да биде извлечен, дошло до мал судир со влечната машина поради лизгавите шини, при што најмалку девет лица се здобиле со полесни повреди.
Противпожарната служба на Грција за 24 часа добила 964 повици за помош во поширокиот регион на Атина.
Во седум региони од Грција меѓу кои и Атика, поширокиот регион на Атина, денесшниот ден е прогласен за неработен, ќе останат затворени јавниот и приватниот сектор, а повторно има силна препорака до граѓаните да избегнуваат непотребни движења.