Историска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија ќе работи според свои принципи и правила.
Копретседателот на македонскиот дел на Комисијата Драги Ѓоргиев синоќа рече дека нивна работа е да работат придржувајќи се до принципите до кои досега се придржувале, а тоа се академските научни принципи и меѓусебно почитувањето. Министерката за култура Бисера Стојчевска Костадиновска, пак, вчера порача историјата повеќе да не ни биде затвор, туку да ни биде лекција, како и тоа дека Министерството за култура во ниту еден момент нема да цензурира ништо.
Ѓоргиев рече дека не чувствува преголем притисок од Протоколот потпишан со Бугарија, истакнувајќи дека роковите ги поставуваат политичарите, додека Комисијата има своја рутина, правила и свои принципи.
– Протоколот за Комисијата нема некое, би рекол, преголемо значење, бидејќи Комисијата и досега работеше оптимално онака како што членовите на Комисијата сметаа дека треба да работиме. Протоколот е еден политички документ меѓу двете влади за тоа како владите, македонската и бугарската, гледаат на подобрување на односите меѓу двете држави. Во тие односи еден сегмент е и нашата Комисија, и таа Комисија функционира веќе четири години и функционира според еден свој ритам, рече Ѓоргиев синоќа во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Тој истакна дека Комисијата си има своја рутина и оти нивна работа е да работат придржувајќи се до принципите до кои досега се придржувале, а тоа се академските научни принципи и почитувањето меѓу себе.
Во однос на тоа дека протоколот доаѓа во контекст меѓу двете држави, каде сега се ставени поголеми очекувања, рокови, Ѓоргиев рече дека можеби сега влогот е поголем и условите се поразлични.
– Контекстот е поразличен, во право сте. Можеби влогот е поголем сега, условите се поразлични, протоколот создаде една поларизација во македонското општество и сето тоа ја прави положбата на Комисијата поинаква. Многу почувствителна, под многу поголем фокус, лупа на јавноста ќе биде работата на Комисијата, но ако се сеќавате го спомнавте првиот протокол и во тој протокол дури со многу потешка реторика, позаповедничка реторика од некои политичари беше кажано бугарски политичари до тогаш да се заврши тоа, до тогаш да се заврши тоа. Ќе повторам, тоа е логиката на политиката, оцени Ѓоргиев.
Според него, тие рокови политичарите ќе ги поставуваат секогаш, меѓутоа, рече, Комисија си има своја рутина, има свои правила на работа, има свои принципи на работа и не секогаш тие принципи се совпаѓаат со принципите идеите на политичарите.
– Политичарите работат по една логика, ние би рекол научниците работиме според друга логика, и таа е примерна за нас. Ние апсолутно сме одговорни. Имаме одговорност пред јавноста, пред тој политички контекст во кои работиме, секако, но повторно примарно за нас е нашиот академски интегритет и условите кои ни дозволуваат до каде може да одиме со тоа, а не она што ќе биде наметнато од страна на политиката, истакна Ѓоргиев.
Тој е оптимист дека побрзо ќе се постигне согласност меѓу бугарските и македонските историчари за периодот на Втората светска војна, но очекува жестока дебата меѓу историчарите од двете земји за крајот на 19 и почетокот на 20 век.
– Јас сметам дека тука е многу појасна ситуацијата, јас се плашам ако трае работата на Комисијата во следните години, крајот на 19 век, почетокот на 20 век, ќе биде многу проблематичен. Периодот на Втората светска војна е многу јасен, нема за што да дебатираме. Постојат документи од бугарските архиви, од бугарската Влада дека се подготвуваат да извршат окупација на Македонија. Искрено тука не очекувам поголема дебата и одолговлекување, бидејќи ние тука сме на многу посигурен терен, постојат еден куп документи за нашата борба во Втората светска војна, за идеите за кои се борат Македонците. Јас сум тука прилично голем оптимист дека ќе можеме полесно да се договориме, рече Ѓоргиев.
Според него, нападите и изјавите од страна на колеги историчари од земјава создале една непријатна атмосфера кон работата на Комисијата, и особено, вели, во јавноста која не е директно запознаена со работата на Комисијата.
– Јас не знам на што се должи тоа, никогаш тие колеги не дошле да прашаат за што ние разговараме, кои се нашите намери, кои се нашите идеи за препораките. Нивните пишувања најчесто се изјави и тоа не од страна на македонски политичари, туку од бугарски. Доколку некој во Бугарија изјави тоа е апсолутна вистина и тие го земаат тоа како основа за свои пишувања, вели Ѓоргиев.
Тој наведува дека таков бил случајот со објавувањето на вториот протокол од Бугарија.
– Дваесет пати во делот за работата на историската Комисија се употребува терминот „двете страни“, значи има 99 отсто реципроцитет во работата на Комисијата, вели копретседателот Ѓоргиев.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, одговорајќи на пратеничко прашање вчера од собраниската говорница порача да се престане со слободна интерпретација на меѓународни договори, истакнувајќи дека соработката со Бугарија е долго време активна и не е ништо ново, топла вода не измисливме ама мора да одиме во Европа. Историјата повеќе да не ни биде затвор, туку да ни биде лекција, порача таа од собраниската говорница
Костадиновска Стојчевска потенцира дека Министерството за култура во ниту еден момент нема да цензурира ништо.
Државава треба да гради соживот, а историјата е таа што е и не смее да се интерпретира како говор на омраза, подвлече министерката.
-Правите слободни интерпретации на Договорот за пријателство. Министерството за култура во ниту еден момент нема да цензурира, секој има право на творештво. Спонзорираме уметност и творештво на многу повисока категорија граѓани и овој Договор за пријателство се надевам нема така да го толкувате. Соработката со Бугарија одамна постои, топла вода не измисливме ама мора да одиме во Европа, да градиме соживот. Немојте да ги извртувате напорите што се направени, дека Министерството ќе прави цензура и дека ќе става граници. Во Договорот со Буарија стои дека ќе разменуваме артисти за Илидненски денови, Струшки вечери, Охридско лето,… што не е ништо ново, подвлече Костадиновска Стојчевска.
Прашањето го постави пратеничката Велика Стојковска Серафимовска која, меѓу другото, сакаше да добие одговор што конкретно според потпишаниот Протокол со Бугарија значи „говор на омраза“ и дали тоа предвидува цензура во творењето на уметниците, како и дали делата кои се однеусваат на т.н. спорни периоди ќе бидат заборавени и забранети. Стојковска Серафимовска како примери ги посочи филмовите „Волчја ноќ“, „Истрел“, „Јазол“, „Трето полувреме“,…, прашувајќи дали ќе треба да се менува нивната содржина.