Судијата во судењето за поткуп против Доналд Трамп разреши десетици потенцијални поротници кои рекоа дека не можат непристрасно да одлучат дали поранешниот претседател на САД е виновен или невин.
На првиот ден од историското судење против поранешниот претседател, судијата Хуан Мерчан им порача на стотината потенцијални поротници дека мора да ги остават настрана сите предрасуди или лични ставови за обвинетиот или случајот, вклучително и „политичката ориентација“.
Најмалку 50 беа отпуштени откако рекоа дека не можат да бидат непристрасни во судењето на Трамп. Судењето го напуштија и оние кои рекоа дека не можат да ја извршуваат таа должност од други причини. Адвокатите на двете страни ќе се обидат да изберат дванаесет поротници и шест заменици во она што веројатно ќе биде единственото кривично дело со кое се соочува Трамп пред изборите на 5 ноември.
Изборот на поротата од жителите на претежно демократскиот Менхетен може да потрае неколку дена, проследено со воведни изјави и изјави на сведоци. Мерчан рече дека за да го осудат, поротниците мора да утврдат дека Трамп е виновен „без никакво сомневање“, а не дека тој е „веројатно“ виновен. Доколку има Пресуда дека е виновен тоа нема да го спречи Трамп да биде претседател, но половина од независните гласачи и секој четврти републиканец велат дека нема да гласаат за него доколку биде осуден, покажаа анкетите на Ројтерс и Ипсос.
Инаку, Трамп е обвинет за фалсификување деловни извештаи со цел да се прикрие исплатата за порноѕвездата Сторми Даниелс непосредно пред изборите во 2016 година. Обвинителството најави дека ќе се фокусира на финсиските средства што Трамп му го дал на својот поранешен соработник Мајкл Коен, кој тврди и дал 130.000 долари на Даниелс, со цел да ја замолчат за нејзината наводна афера со Трамп. Според Обвинителството, тоа бил обид за незаконско влијание врз изборите во 2016 година. Ваквите исплати во САД не се нелегални, но според обвинителите Трамп направил кривично дело со неправилното евидентирање на надоместокот за Коен како правни трошоци. Трамп е обвинет за вкупно 34 кривични дела за фалсификување деловни книги од прв степен.
фото: ЕПА