Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против в.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје Сабахадин Рустеми и управителот за отпад во претпријатието Аки Саити за загрозување на животната средина со отпадот во Скопје.

Поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

Против осомничените, како што информира Обвинителство, е отворена истражна постапка поради сомненија за сторено кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик. За ова дело запретената казна е затвор од една до 10 години.

-Осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот. Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести, се наведува во соопштението од Обвинителство.

Ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на Јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравје.

Кривични пријави за загрозување на животната средина со отпадот во Скопје, како што информира МВР, се против С.Р. (38) – в.д. директорот на ЈП „Комунална хигена“ и А.С. (55) – управител за отпад во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.

Јавното обвинителство вчера соопшти дека се приведени и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик. Приведени се в.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахадин Рустеми и Аки Саити, управител за отпад во ЈП „Комунална хигиена“. аа/вг/

Фото: архива