Во бугарскиот град Варна се води истрага по пронаоѓањето човечки останки во брод кој беше погоден со дрон во близина на Романија, а потоа бил пренесен на поправка во локален бродоградилишен погон, соопшти Апелациското обвинителство.

Бугарската новинска агенција БТА потсетува дека инцидентот се случи во октомври. Бродот пловел под знамето на Сан Марино, а во неговиот екипаж немало бугарски државјани. На почетокот на ноември тој бил примен на поправка во бродоградилиште во Варна.

При расчистувањето на оштетените делови од бродот биле пронајдени тешко оштетени човечки останки, по што се наредени ДНК-вештачења за да се утврди идентитетот на починатите.

Работата на случајот продолжува под раководство на Окружното обвинителство во Варна, а во врска со случајот истрага се води и во Романија.