Најмалку 22 лица, главно деца и жени, загинале во денешните воздушни напади на коалицијата предводена од Саудиска Арабија врз главниот град на Јемен, Сана, кој е под контрола на бунтовниците Хути, јавија медиуми поврзани со проиранското јеменско движење.

Бројот на загинатите се зголемил по смртоносниот напад врз пазар и врз станбени објекти во населбата Бани Хушаиш во Сана, објавија новинската агенција „Саба“ и телевизијата „Ал Масира“, која служи како гласило на проиранските милиции, пренесува ДПА. Во бомбардирањето повредени се уште 30 лица, соопшти телевизијата, повикувајќи се на претставник на локална болница.

Во меѓувреме, новинската агенција „Саба“, под контрола на Хутите, јави за нови саудиски напади врз станбени објекти и медицински екипи во истата област, без да соопшти за дополнителни жртви.

Претходно денеска, коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала крстосувачка ракета истрелана од Хутите кон саудиската престолнина Ријад. Нема информации за предизвикана материјална штета или повредени лица. Во последните месеци проиранските милиции ги интензивираа нападите врз соседна Саудиска Арабија, при што аеродромите и нафтените постројки се меѓу главните цели во богатото со нафта кралство.

Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која повеќе од една деценија се бори против јеменските бунтовници Хути, засега не го коментираше нападот врз Сана. Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признатата влада на Јемен, а повеќегодишниот конфликт во Јемен неодамна повторно се интензивираше во контекст на пошироката конфронтација во која се вклучени САД и Иран.

Владините сили на Јемен, поддржани од сојузничките формации на „Народниот отпор“, во меѓувреме одбиле и напад на Хутите на фронтот Ал Акруд во спорната провинција Таиз, во југозападниот дел на земјата, објавија провладините медиуми. Во овие судири, кои траеле со часови, јеменските бунтовници Хути претрпеле големи загуби, се наведува во извештаите.(МИА)