Седмиот Светски медиумски самит, во организација на кинеската новинска агенција Синхуа и градската управа на Пекинг, денеска заврши со усвојување на „Пекиншкиот консензус“ – документ со заеднички насоки за координирана и безбедна употреба на вештачката интелигенција (ВИ) во глобалните медиуми, јави Хина.

Потписниците на документот повикуваат на итен премин од теоретски расправи кон конкретни активности за безбедно интегрирање на вештачката интелигенција во редакциите, со строго зачувување на професионалниот кредибилитет и етичките стандарди на известувањето. Посебен акцент е ставен на заедничкиот развој на технолошки алатки за проверка на автентичноста на содржините, што се смета за клучен чекор во борбата против лажните вести и манипулациите со дигитални материјали, а документот се залага и за зајакнување на дијалогот меѓу цивилизациите и воспоставување глобална рамка за управување што ќе гарантира дека напредните технологии ќе служат на мирот, безбедноста и севкупниот општествен развој.

Самитот, под мотото „Медиумите во ерата на интелигенцијата: од консензус до акција“, собра околу 500 претставници од приближно 330 институции од 112 земји и региони, меѓу кои медиумски организации, истражувачки центри, владини агенции, како и Обединетите нации и други меѓународни организации. Главна тема беше интеграцијата на вештачката интелигенција во редакциите, но и етичките предизвици што ги носи оваа технологија.

На отворањето на самитот во четвртокот беше истакнато дека во свет во кој „да се види веќе не значи нужно и да се верува“, медиумите мора да најдат начини да ги искористат предностите на вештачката интелигенција, без притоа да го загрозат професионалниот кредибилитет и точноста на известувањето. Како директен одговор на ширењето дезинформации и когнитивното војување, на самитот беа претставени нови алатки и истражувања за проверка на автентичноста на дигиталните фотографии и видеосодржини.

Новинската агенција Синхуа на самитот ја демонстрираше практичната примена на напредните технологии, претставувајќи ги првите бионички хуманоидни телевизиски водители во светот, како и посебен агент за вештачка интелигенција заснован на нивниот речник. Кинеската агенција го претстави и својот интегриран систем на податоци, истакнувајќи дека во новинарските операции има вклучено повеќе од 200 паметни алатки што им помагаат на новинарите во сите фази од работата – од планирањето на темите до дистрибуцијата на содржините во реално време.

Учесниците на самитот во текот на повеќедневните сесии разгледуваа повеќе клучни теми, меѓу кои улогата на вештачката интелигенција во поттикнувањето дијалог меѓу цивилизациите, иднината на глобалното управување со комуникациите и придонесот на медиумите за создавање побезбеден свет, при што повикаа и на поправедна и поинклузивна распределба на технолошките достигнувања, со цел да се намали дигиталниот јаз меѓу развиените земји и земјите во развој. (МИА)