Грешка на возачот или ненадејна техничка неисправност на автобусот, се можни причини за несреќата во која загинаа најмалку 46 лица, а седум се повредени, изјави директорот на бугарската националната истражна служба Борислав Сарафов.

Тој информира дека во опожарениот автобус имало 52 патници, од кои 12 се деца. Првичните информации говорат дека нема бугарски државјани.

Меѓу загинатите е и возачот на автобусот.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Бојко Рашков, кој заедно за премиерот Стефан Јанев се на местото на автобската несреќа, изјави дека причината детално ќе се разјасни во текот на истрагата

– Сликата е ужасна и не секој може да ја поднесе. Никогаш не сум видел вакво нешто. Тешко е да се одреди колку луѓе има и кои се, рече Рашков.

Тој истакна дека покрај опожарениот автобус, сообраќале уште три. Настраданиот автобус се движел последен.

Заштитната ограда на автопатот е уништена од автобусот, а сосема е можно пожарот да настанал во контакт на автобусот со заштитната ограда, рече Рашков.

Владимиров: На оваа делница често има несреќи, оваа рута е една од најтешките во Бугарија

Автобусот скинал околу 50 метри од заштитната ограда, изјави градоначалникот на Перник Станислав Владимиров пред новинарите во близина на местото на несреќата, во која загинаа 46 лица.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Владимиров, делницата е влажна. Причините за несреќата можат да бидат многу.

Патот е влажен. Овој дел има многу голема надолнина. Од вчера врне слаб дожд. Не може да се каже дали причината е лошото време, но причините може да бидат многу, рече Владимиров.

Според градоначалникот на Перник, на овој дел од патот често се случуваат несреќи. Оваа рута е една од најтешките во Бугарија, има огромна денивелација, и голема концентрација на сообраќај.

Сочувство од Вархеји за сообраќајната несреќа

Еврокомесарот за проширување изрази сочувство преку Твитер за автобуската несреќа во која загинаа најмалку 46 лица на автопатот Струма.

„Ужасни вести за трагичната автобуска несреќа во Бугарија рано утрината. Моите мисли и сочувство се со семејствата и пријателите на загинатите како и со луѓето и властите на Северна Македонија. Им посакувам брзо заздравување на повредените“, напиша Оливер Вархеји на Твитер.