Миграциската политика на Германија под конзервативно коалициска влада има мал ефект врз бројот на баратели на азил во земјата, изјави истражувачката за миграции Викторија Ритиг.

Остриот пад на бројот на првични барања за азил во споредба со минатата година повеќе е резултат на променетата политичка ситуација во Сирија и ефектите од меѓународните договори, отколку на националната политика во Германија, рече таа.

Ритиг, која е раководителка на Центарот за миграции при Германскиот совет за надворешни односи (DGAP), говореше на „Деновите на миграција во Нирнберг“, организирани од Сојузната канцеларија за миграции и бегалци (BAMF).

Според статистиката на BAMF, во првите 10 месеци од 2025 година во Германија се поднесени 142.495 барања за азил, вклучувајќи 97.277 првични барања, што е околу половина од бројот во истиот период минатата година.

Од јануари до април, пред промената на владата во мај, бројот на првични барања веќе бил намален за околу 43 отсто.

Ритиг рече дека бројот на првични барања останал во голема мера стабилен под новата влада. Меѓутоа, кога се вклучат и повторните барања, вкупниот број е двојно поголем. Таа додаде дека многу авганистански жени повторно аплицирале поради страв од губење на статусот на заштита и можноста за депортација.

Според BAMF, бројот на повторни барања е зголемен за 153 проценти во однос на минатата година.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и неговата централно-десничарска коалиција ветија поостар пристап кон миграцијата, вклучувајќи и одбивање на повеќе баратели на азил, особено оние со криминално досие.

Ритиг рече дека одбивањата на граница имале мал ефект. Во првите шест месеци од новата влада, тие изнесуваат околу 1.000 случаи, или околу шест дневно.

Новата политика, според неа, создава високи трошоци на границите, додека бројките сè уште не покажуваат конкретни резултати.

– Таканаречениот миграциски пресврт досега не е многу ефикасен ако се мери според бројките, рече Ритиг.

Експертката, наместо тоа, се залага за повеќе меѓународни договори, наведувајќи го како пример миграцискиот договор меѓу Тунис и ЕУ од 2023 година.