Изминатата 2020 година ја одбележаа значителни пресврти во процесот на европска интеграција.
Следствено, овие настани се одразија на јавното мислење и перцепцијата на населението кон ЕУ. Во 2020 година, се става крај на долгогодишниот тренд на опаѓање на поддршката за ЕУ, со 69 проценти од населението кое дава поддршка за членството во ЕУ, за 4% повеќе во споредба со 2019 година. Дополнително, меѓуетничкиот јаз во степенот на поддршка на членството на ЕУ се намалува.
Ова го посочуваат резултатите од два истражувачки труд на тема „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“ (2014 – 2020) и „Политички тобоган – Година исполнета со пресврти за РС Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“. кои денеска беа презентирани онлајн во организација на Институтот за демократија Социетас Цивилис и Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје.
Сепак, според анализите, паралелно на овие придвижувања, воочлив е и соодветен раст од 3 отсто на евроскептичните ставови, кои сега претставуваат 22 проценти од популацијата. Од тука, поддршката кон Евроазиската унија како алтернатива на членството во ЕУ бележи раст од околу 13 проценти во однос на 2019 година. Заканата за губење на националниот идентитет и губењето на суверенитетот и независноста на државата како последица на процесите на европеизација се наметнуваат како најважни фактори за формирањето на евроскептичните ставови.
Очигледен е и порастот на негативните перцепции кон соседите и нивното сојузништво во евроинтегративниот процес. За разлика од минатите години, кога причините во пристапниот процес се гледаа повеќе во неостварување на домашните реформи, сега повеќе од половината од граѓаните најголемиот проблем за македонскиот пристапен процес го насочуваат кон позициите на соседните држави, што е за 20 проценти повеќе од минатата година.
Иако, испитаниците се’ уште ја гледаат Европска унија како најголем сојузник, сепак, оваа перцепција бележи опаѓање од 7,6 проценти во однос на 2019 година. Дополнително, САД го земаат водството на ЕУ како фактор со најголемо влијание, додека пак Русија низ годините бележи благ пораст во однос на перцепцијата за нејзиното влијание. Европската Уунија, пак, се’ уште се гледа како најголем финансиски донатор на Македонија.
Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски во воедното излагање истакна дека изминатата година беше прилично несреќна за македонските амбиции за пристапување кон ЕУ, а бугарското вето сериозно го оштети процесот на проширување.
– Овој ќорсокак ја става под ризик и регионалната стабилност, го зголемува јазот во секој аспект помеѓу Западен Балкан и ЕУ, поттикнува авторитарни тенденции, популистички гласови. Штетите се големи, а Брисел е свесен за последиците од оваа ситуација. Кредибилитетот на Унијата и на процесот сериозно се нарушени. Иако целокупната поддршка за ЕУ се уште е силна, скептицизмот се зголемува, особено кај младите, а поддршката за Русија постојано расте. Испитаниците се уште ја гледаат ЕУ како најдобар странски сојузник, но ЕУ веќе не се гледа како странски фактор со најголемо влијание и заостанува зад САД. Прашањето е дали ЕУ има план Б за нас и регионот, вели Трошановски.
Новиот претставник на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Република Македонија, Даниел Браун, ја истакна важноста на процесот на европската интеграција на Македонија особено имајќи ја предвид не само политичката и економската соработка, туку и соработката на полиња како заштита на животната средина, инфраструктурата и слично.
-Сите ние мислевме дека со Договорот од Преспа во 2018 година со Грција е отстранета последната пречка за пристани преговори, но гледаме дека мора да се реши проблем со соседна земја, вели Браун изразувајќи ја силната поддршка на Германија за евроинтеграциите на земјата.
Тој меѓу другото нагласи дека не е спорно дека граѓаните на земјава сакаат конечно да видат напредок, придвижување напред, што е, вели, нешто што е заедничка задача на регионот и на ЕУ. Тоа Унијата треба да го види, затоа што, ако подолго се остави процесот на чекање, тогаш ќе се избере друг пат.
Двете истражувања на авторите Иван Дамјановски, Иван Николовски и Мари Јеленка Кирхнер може да се прочитаат на македонски и англиски јазик на линкови достапни на веб страницата на ИДСЦ.