Додатоците од рибино масло познати како Омега-3 што ги земаат милиони луѓе ширум светот за заштита на срцето и за потткнување на мозочната активност, не им помагаат да живеат подолго и дури можеби можат да го намалат нивото на добриот холестерол, покажуваат резултатите од едно обемно истражување, објави лондонски Индипендент.

Со истражувањето спроведено од реномираната „Кохреин лабораторија“ биле проучувани 79 експерименти посветени на влијанието на додатоците Омега-3 врз здравјето, при што е утврдено дека тие имаат „мало или речиси никакво влијание“ на спречување на предвремената смртност.

Истражувањето не дава доволно докази дали конзумирањето риба само по себе е корисно, но посочува дека мастите Омега-3 што се земаат како додаток немаат преголемо позитивно влијание врз здравствената состојба.

Утврдено е дека Омега-3 мастите што може да се најдат и во житарките и во маслата од јаткасти плодови, имаат некакво позитивно влијание врз правилната работа на срцето, но сепак тоа е многу мало.

– Оваа обемна систематска анализа вклучува информации за здравствената состојба на голем број луѓе во подолг период. И покрај сите информации ние не утврдивме заштитни ефекти, вели раководителот на истражувачкиот тим доктор Ли Хупер од Универзитетот на Источна Англија.

Според него, иако ваквите сознанија се во спротивност на раширените уверувања, тие покажуваат дека Омега-3 има многу мал или речиси никаков ефект врз кардиоваскуларното здравје.

– Иако рибата е здрава храна, нејасно е дали зголеменото конзумирање на риба го штити нашето здравје, додава Хупер.

Омега-3 мастите вообичаено се промовираат како додаток кој помага во заштита од срцеви заболувања. Сепак за одржување на здравјето значаен е и начинот на исхрана, а не само користењето на овие додатоци.

Користењето на овие додатоци во Велика Британија и ширум светот резултира со приходи од милијарди фунти годишно за глобалната фармацевска индустрија.

Нутриционистите советуваат конзумирање на Омега-3 како превенција против кардиоваскуларни заболувања и препорачуваат да се јаде риба најмалку еднаш неделно.

Оваа полза од Омега-3 сега изгледа дека е помала отколку што веруваат милиони луѓе кои ги конзумираат овие додатоци како алтернативна исхрана на диетите.

Но, истражувањето на „Кохреин“ открива дека додатоците што содржат Омега-3 масти, вклучително и киселините ЕПА и ДХА, не придонесуваат за превенција од инфракти, кардиоваскуларни заболувања, мозочни удари или други здравствени проблеми.

Иако овие масти помагаат за намалување на маснотиите во крвта и пред се на нивото на триглицериди, тие во исто време го редуцираат и нивото на добриот ХДЛ холестерол, кој придонесува за заштита на артериите и овозможува маснотиите во крвта да бидат прочистувани во црниот дроб.

Омега-3 придонела за намалување на неправилната работа на срцето кај 2,6 проценти кај лицата кои ги користеле овие додатоци.

– Овој ефект е многу мал за да може да се каже дека придонесува за намалување на неправилната работа на срцето, односно аритмијата, вели Хупер, додавајќи дека Омега-3 има и мало влијание врз намалувањето на смртноста.

Со истражувањето на „Кохреин“ биле опфатени околу 112 илјади лица кои периодично биле изложувани на здравствени прегледи во подолг временски период во кој користеле додатоци со Омега-3.

Независни истражувачи велат дека овие резултати треба да се сфатат сериозно.

– Базирајќи се на цврстите докази од претходните епидемиолошки истражувања, овој заклучок можеби донекаде е изненадувачки, но треба да го сфатиме сериозно, вели нутриционистот Иан Џонсон од Институтот Квадрам.

Професорот Ким Чико, кој е експерт за кардиоваскуларни заболувања на Универзитетот во Шефилд, вели дека слични резултати се утврдени  и при користењето на витамините и за нивното влијание врз здравјето.

– Додатоците придонесуваат за зголемени трошоци, па мој совет до сите оние кои ги купуваат надевајќи се дека ќе го намалат ризикот за срцеви заболувања, е да ги трошат тие пари на зеленчук, наместо на додатоци, вели Чико.