Познато е дека неколку видови рак го менуваат мирисот на урината, но новите сознанија говорат дека мравките може да ја детектираат оваа промена. Затоа, научниците посочуваат дека овие инсекти би можеле да се користат како исплатлив начин за идентификување на рак кај пациентите.
– Мравките може да се користат како биодетектори за да се разликуваат здравите индивидуи од оние со тумори. Лесни се за тренирање, брзо учат, многу се ефикасни и не се скапи за чување… Бевме изненадени колку мравките се ефикасни и сигурни во овој поглед, вели етологот Патриција д’Етор од Универзитетот Сорбона во Париз.
За време на истражувањето, научниците изложиле 70 мравки (formica fusca) на примероци од урина од здрави глувци и од такви со тумори. Така, мравките успеале да го разликуваат мирисот на урината на здравите глувци од онаа на тие со рак.
Во следната фаза од научните испитувања, ќе се истражува дали мравките можат да го направат истото со човечка урина. Претходните истражувања покажаа дека и кучињата, доколку се обучени, можат да откријат рак во урината. Исто така, постојат електронски уреди кои можат да откријат одредени видови на рак – како што се ракот на мочен меур, дојка или простата, од примероците на урината.
Истражувањето, под наслов „Мравките како биодетектори за мирис кај тумори“ е објавено во списанието „Ројал сосајети“ (Royal Society B: Biological Sciences).