Македонските граѓани сметаат дека 2021 година ќе биде подобра од оваа, но не се оптимисти во однос на економскиот просперитет, покажува истражувањето на БРИМА.
Според анкетата спроведена од 1 до 9 декември 2020 година на 504 лица постари од 18 години, граѓаните се релативно среќни или 29 отсто одговориле дека се чувствуваат среќно, 38 проценти дека се ниту среќни ниту несреќни, а 32 отсто се чувстуваат несреќно.
Глобалниот индекс на надеж во глобални рамки изнесува +19 отсто, а во земјава +24 проценти. Индексот на среќа, пак, на светско ниво е +40 отсто, а во Македонија -3 проценти.
-На прашањето „Дали сметате дека 2021 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2020 година, повеќе од двајца од пет анкетирани на глобално ниво (43 отсто) одговориле дека следните дванаесет месеци ќе бидат подобри од претходните, 24 отсто сметаат дека ќе биде полошо и 26 проценти дека ќе остане исто. Во земјава скоро двојно повеќе анкетирани очекуваат дека 2021 година ќе биде подобра (50 отсто) во однос на оние кои очекуваат дека ќе биде полоша (26 проценти), 22 отсто сметаат дека ќе биде иста и три проценти не знаат. На прашањето „Дали во споредба со оваа година, следната ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста за нашата земја”, во Македонија повеќе од половина анкетирани рекле дека 2021 година ќе биде година на економски потешкотии (52 отсто), наспроти 28 проценти кои сметаат дека ќе биде година на економски просперитет, додека 18 отсто очекуваат дека ќе биде иста како и претходната, покажува истражувањето.
На глобално ниво, скоро половината анкетирани граѓани очекуваат дека 2021 година ќе биде година со економски потешкотии (46 отсто), 25 отсто очекуваат дека ќе биде година на економски просперитет и близу на тоа сметаат дека ќе биде иста како и претходната (24 проценти).
-Сликата за економскиот просперитет на глобално ниво е под силно влијание на одговорите на граѓаните од ЕУ кај кој изразито доминира песимизмот. Ваквите одговори се должат на фактот дека пандемијата во многу земји на ЕУ не покажува знаци дека е под контрола. Вкупно 63 отсто сметаат дека следната година ќе биде година на економски потешкотии, оценува БРИМА.
Во однос на Индексот на среќа и прашањето „Дали, општо земено, лично се чувствувате многу среќно, среќно, ниту среќно ниту несреќно, несреќно или многу несреќно во животот?”, на глобално ниво и покрај економскиот песимизам, среќата доминира. Вкупно 54 отсто од светската популација се опишува себеси како среќна (многу среќни 13 отсто + среќни 41 процент), a 14 отсто како несреќна (несреќни 10 отсто + многу несреќни 4 отсто).
Годишниот глобален извештај на Gallup International Association на тема „Очекувањата на граѓаните на светот за 2021 година“ беше спроведен во повеќе од 40 земји при што беа анкетирани повеќе од 38.000 граѓани во светот. Генералниот заклучок е дека ако 2020-та ќе биде запамтена како година на пандемија и карантин, светската популација е пооптимистична за 2021 година.
Македонија беше дел од ова истражување што го спроведе истражувачката агенција БРИМА, членка на Gallup International.