Подготвени сме да помогнеме со вакцините против Ковид-19 на земјите од Западен Балкан, но откако ќе ги обезбедиме граѓаните на Бугарија, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Тој во својата објава потсетува дека на денешната седница на бугарската Влада присуствувал и министерот за здравство Венко Филипче. Македонскиот министер денеска од Софија се пофали дека и нашата земја ќе почне со вакцинација заедно со земјите членки на ЕУ.

– На денешната седница на Владата присуствуваше и министерот за здравство на РС Македонија Венко Филипче, кој ни изрази благодарност во овие тешки времиња. Солидарни сме со нашите пријатели и со нивните напори да излезат од кризата предизвикана од Ковид-19. Тоа го правиме со најчисто срце, за животот и здравјето на нашите најбилиски соседи, објави Борисов.

Од изјавата на бугарскиот премиер може да се „прочита“ дека Македонија треба да почека за вакцините и да ги добие дури откако ќе бидат задоволени потребите на Бугарија.

Претходно Филипче за медиумите изјави дека се обезбедени вакцини од Бугарија:

– Бугарската Влада има порачано сосем доволна количина на вакцини против Ковид-19 и ќе оделат одредена количина за нас. Ќе бидеме во контакт со бугарскиот министер за здравство за техничките детали. Во овој момент и тие не знаат кога ќе стигнат првите големи количини. Во втората половина на 2021 година ќе може да стигнат и вакцините од „Фајзер“, иако нема дефинитивен одговор добиен од нивна страна, изјави Филипче.

Во изјавата, по седницата на бугарската Влада, Филипче рече дека има добри вести за брзо стигнување на вакцините:

– Ние интензивно разговаравме изминатите неколку недели и имаме добри вести, а тоа е дека Бугарија како донација ќе оддели слободна количина на вакцини против Ковид-19 од секоја количина која таа ќе почне да ја добива во следниот период преку сите форми на договори кои ги направиле со компаниите. Изразив голема благодарност. Истакнавме заеднички дека оваа криза ја потикна и солидарноста и покажа и докажа дека само заеднички можеме да ги решаваме проблемите и да ги надминеме сите предизвици. Покрај Бугарија која на овој начин даде поддршка, таква најава имаме и од Грција и од Полска, додаде Филипче.

И премиерот Зоран Заев преку Фејсбук му испрати благодарност на Борисов, со оптимистичка најава дека Македонија наскоро ќе добие вакцини против Ковид-19.