Над 70 отсто од економистите и над 50 проценти од правниците би ја промениле професијата, покажува истражувањето на  Brainster.

На крајот на минатата година Brainster лансираше алатка за кариерно советување, која е бесплатна за користење за сите. Целта на алатката е да им помогне на корисниците да ја почнат потрагата по „вистинската кариера“, како и да ја истакне потребата од потемелно кариерно советување.

Оваа алатка на Brainster изминатиот месец ја искористија над 7000 лица. Во рамки на прашањата на кои корисниците одговараат при користењето на алатката има и прашања поврзани со нивните тековни и посакувани кариери.

Според резултатите од одговорите на овие прашања, областа ИТ, програмирање и технологија е најпосакувана професија за најголем дел од учесниците – дури 17,3 отсто од учесниците ја издвоиле оваа професија како најпосакувана. Втора најпосакувана област е Дизајн и графички дизајн со 13,9 проценти. Понатаму следуваат бизнис (9,7 отсто), здравство и фармација (седум проценти), социологија и психологија (6,2 отсто), ликовна уметност (5,7 проценти) и менаџмент (5,3 отсто) како посакувани професии од страна на учесниците во квизот.

Овие податоци потврдуваат дека дигиталните вештини нудат одлични услови за работа на пазарот, но и интересот за нив е голем особено кај младите. Имено, ИТ, програмирање и технологија, иако доминира во сите категории под 40 години, е најпосакувана професија за најмладата возрасна група до 17 години до 20 години со над 20 проценти Графички дизајн/дизајн е исто така преферирана професија кај сите возрасни групи, иако најмногу се истакнува кај возрасната група од 21 до 29 години.

По однос на распределбата на интересите за одредена професија според полот на учесниците, забележително е дека се уште постои таканречениот „родов јаз“ кај областите како ИТ, технологија и програмирање, како и областа Бизнис, бидејќи процентот на машки испитаници кои ги избрале овие професии како посакувани е многу поголем од процентот на женски испитаници (28 отсто наспроти 12 во првиот случај и 15 проценти наспроти седум отсто во вториот). Спротивното е случај кај областите Дизајн, Маркетинг и Здравство и фармација каде испитаниците кои ги навеле овие професии како посакувани се во видливо поголем број од женски пол.

Мошне интересни се резултатите добиени со вкрстување на моменталната и идната професија на учесниците кои одговориле дека се моментално вработени. Тоа покажува дека најголем процент од учесниците кои работат во Дизајн и графички дизајн (72 отсто) како и ИТ, програмирање и технологија (68 проценти) се изјасниле дека токму тоа е кариерата од нивните соништа и дека не би ја смениле професијата.