Околу 40 проценти од собите во сместувачките капацитети во Италија се резервирани за странски и домашни туристи преку интернет за август, кога традиционално е пик на италијанската туристичка сезона, соопшти националната агенција за туризам ЕНИТ.

Градовите Венеција и Рим, што во голема мера зависат од меѓународниот туризам, се најтешко погодени од туристичката криза предизвикана од пандемијата, покажуваат податоците на ЕНИТ.

Во Венеција, дури 68 отсто од собите се достапни во текот на август.

Според податоците на ЕНИТ, 54 проценти од семејствата во Италија, 38 проценти од паровите, како и 23,7 проценти од пензионерите кои не се откажуваат од одморите оваа сезона, ќе одат на годишен одмор летово.

Поголемиот дел од патниците, 56 отсто од нив, ќе бидат мажи, на возраст меѓу 36 и 55 години (40 проценти).

За да се опорави туризмот, Италија воведе шема „бонус“ што може да се искористи за плаќање за сместување во таа земја од 1 јули – 500 евра за семејства со ниски приходи со три или повеќе членови, 300 евра за парови и 150 евра за самци.

Италија ги отвори своите граници кон ЕУ и Шенген-земјите на 3 јуни, по околу три месеци блокада поради коронавирусот.