Италија се наоѓа во политичка криза од која најверојатно ќе се обиде да излезе преку нови парламентарни избори, откако претседателот Серџо Матарела го искористи своето уставно право и не даде зелено светло за министерот за економија.
По овој потег на Матарела, мандаторот Ѓузепе Конте информираше дека се откажува од обидите да формира влада и го врати мандатот. Според некои информации претседателот се очекува да го распушти сегашниот состав на Парламентот во август и да се распишат нови избори, кои се очекува да се одвиваат во напната политичка атмосфера.
Претседателот Матарела пред медиумите изјави дека се согласил за сите министри освен за економија, ресор кој требаше да го раководи Паола Савона, која се гледа како евроскептик, е против еврозоната и со изразити антигермански ставови. Тој и мандаторот Конте имаа средби на кои се обиделе да го разрешат проблемот, меѓутоа Движењето пет ѕвезди и Северната лига цврсто застанаа зад Савона. Пет ѕвезди дури потегот на Матарела го нарекоа „инситуционална битка без преседан“.
И додека Италија е во политички хаос, Германија, веројатно со причина и пред се заради се поизразените антигермански и антиевропски ставови од италијански политичари, ја скенира состојбата во „чизмата“ притоа предупредувајќи дека на еврозоната и се заканува нова Грција. Но, овој пат многу поголема и поопасна. А, Германија мора да биде подготвена за такво нешто.
„Шпигел“ во анализа предвидува дека распадот на еврозоната може да се случи во блиска иднина притоа потсетувајќи дека за разлика од 2010 и 2012 година овој пат не се проблем Грција, Ирска или Португалија, туку Италија – третата по големина економија во ЕУ чиј јавен долг се напласти до 2,3 трилиони евра. А, во земјата главните политички сили се противат на цврстите монетарни правила. Каде ова може да ја однесе еврозаната, се прашува „Шпигел“ и притоа наведува уште две земји кои не ги почитуваат демократските правила – Полска и Унгарија.
„Италија е клучната точка на еврото. Доколку не може, или не сака, да го сервисира долгот, тоа може да предизвика земјотрес со далекусежни последици. Италија не е Грција. Таа е членка на Г7, основач е на Унијата. Што би било следно“?, се поставува прашањето во анализата.
Марката се враќа
Одговорот е дека на самитот во јуни планираат да постигнат договор за натамошен развој на монетарната унија, а предлозите на францускиот претседател, Емануел Макрон, веќе се на маса една година. Сега клучното прашање е како земјите ќе реагираат на состојбата во Италија и дали членките-должнички ќе се повинуваат на строгите монетарни правила, дали ќе прифатат чесна процедура за банкрот.
Прогнозата е дека Италија нема многу да ги ферма правилата, но тоа ќе значи колапс на еврото, но и распад на единствениот пазар. Нервозата внатре во Унијата расте.А германски економисти веќе направиле план за воведување во оптек на новата германска марка, иако „Шпигел“ порачува – подобро ќе ни биде ако останеме заедно.